Муслиманската заедница е згрозена од нападот, што синоќа нешто по полноќ се случи во близина на џамија, во северен Лондон. 48-годишен маж прегази група муслимански верници непосредно по рамазанската молитва, чин што го оценија како насилна исламофобија. Каде има Муслимани, сакам да ги убијам сите, извикувал напаѓачот, пред да биде совладан од случајни минувачи.
- Ние го фативме него и го држевме додека да дојде полицијата. Беше средновечен маж, Британец. Забележав дека имаше повеќе тетоважи на грбот, изјави очевидец.
- Нападот го третираме како терористички. Едно лице е убиено, а 10-мина се повредени. Сите настрадани и припаѓаат на муслиманската заедница, изјави Неил Бусу, полициски командир
Ова четврти терористички напад за три месеци во Британија, трет изведен со возило врз пешаци. Бело комбе влета во толпа на лондонскиот мост пред две недели, кога беа убиени осум луѓе. Претходно сите напади беа со предзнак на радикален ислам, па оттука, сомнежите дека се работи за своевидна одмазда.
- Терористите немаат боја, ниту религија. Тие му припаѓаат единствено на нездравиот разум, а тоа е, да убиваат луѓе, вели жител на Лондон
Нападите со возило, почнаа лани во Ница, кога напаѓач со камион усмрти 60 пешаци. Тоа стана нов вид на урбан тероризам, зашто според експертите, на напаѓачите тешко може да им се влезе во трага. Напад со камион имаше и лани и на божиќен пазар во Берлин.