Татко ја киднапирал ќеркичката, нејзиното тело е најдено на дното на морето (ВИДЕО)

Телото на шестгодишното девојче, кое било киднапирано заедно со нејзината помлада сестра, од страна на нивниот татко, е откриено во водите околу островот Тенерифе по неколку недели потрага, што денеска предизвика бура од емоции кај Шпанците.

Оливија (6) и нејзината сестра Ана (1) биле прогласени за исчезнати кон крајот на април на Канарските острови, заедно со таткото , кој се развел од мајката, изјави за AFP портпаролот на цивилната заштита.

Ден по исчезнувањето, биле пронајдени чамецот на таткото и седиштето за во автомобил што го користела Ана и започнала полициска потера.

Телото на шестгодишната Оливија било вчера пронајдено на дното на океанот, потврди портпаролот на полицијата, а властите продолжуваат со потрагата по Ана и нејзиниот татко.

Телото на Оливија било пронајдено на длабочина од 1000 метри во торба, прицврстена за сидрото од бродот на нејзиниот татко.

„Не можам ни да ја замислам болката на мајката на малите Ана и Оливија, кои исчезнаа во Тенерифе, соочена со ужасната вест што штотуку ја слушнавме“, објави вчеравечер премиерот Педро Санчез на Твитер.

Во Шпанија, 39 малолетници биле убиени од нивните татковци или партнери и поранешните партнери на нивните мајки од 2013 година, покажуваат бројките на владата.

Неколку здруженија на жени денеска повикаа на протести во повеќе шпански градови за да го осудат злосторството, како и зголемениот број убиства на жени од почетокот на годината.

МИОА потпиша меморандум за соработка со Агенцијата за заштита на слободен пристап до информации

Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер потпишаа Меморандум за соработка , соопшти МИОА.

– Со потпишување на овој Меморандум, страните ја изразуваат подготвеноста за соработка на полето на слободниот пристап до информации од јавен карактер, подигнување на јавната свест за правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и градење на капацитети за доследна имплементација на законската регулатива, се наведува во соопштението од МИОА.

Од таму дополнуваат дека предмет на овој Меморандум е едуцирање на вработените во МИОА за остварувањето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и зголемување на активната транспарентност, во насока на доследно спроведување на одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер како и советување за прашања од делокруг на својата надлежност.

„Дан“: Црна Гора го отповика почесниот конзул Азески бидејќи работел против владата

Црна Гора го отповика почесниот конзул Бранко Азески. 

Според пишувањата на тамошните медиуми, Азески се обидел да ги омаловажи и да ги компромитира највисоките власти во Подгорица, презентирајќи свои лични забелешки и предвидувања во врска со работата на владата. Одлуката е донесена на предлог на министерот за надворешни Ѓорѓе Радуловиќ, а по последната седница на црногорската Влада решението е потпишано од премиерот Здравко Кривокапиќ. Во образложението на одлуката, како што наведува весникот Дан, Министерството за внатрешни работи дошло до сознанија дека Азески во контакти со угледни бизнисмени, при извршувањето на должноста почесен конзул, ја користел секоја можност да изрази сомнеж за угледот на Црна Гора и за кредибилитетот на нејзините тела.

Имајќи го тоа предвид, Министерството за надворешни работи смета дека наведените активности можат сериозно да го нарушат угледот на државата, и затоа нема основа за продолжување на неговата функција, по што предложи Бранко Азески да се отповика од должноста почесен конзул на Црна Гора во Штип,– Министерство за надворешни работи на Црна Гора.

Азески кој е актуелен претседател на Стопанската Комора на Македонија во писмена изјава до медиумите не ја коментира одлуката на Подгорица но се заблагодари на сите со кои соработувал а на Црна Гора и посака брз развој и просперитет.

-Голема благодарност до сите оние со кои соработував на оваа важна мисија за бизнисите на нашите две држави. На Црна гора ѝ посакувам брз развој и просперитет, а на компаниите поголем профит,- Бранко Азески – Претседател на Стопанска Комора.

Во земјава има околу 40 почесни конзули на странски држави. Освен сега отповиканиот Азески кој беше задолжен за штипскиот регион, почесен конзул на Црна Гора во земјава е и Милорад Андријашевиќ задолжен за регионот Битола.

Заев: Програмата за соработка со Швајцарија е израз на нејзината силна пријателска посветеност

„Програмата за соработка на Швајцарија со Македонија 2021–2024, и понатаму е израз на силната посветеност на оваа наша пријателска земја да ја продолжи поддршката на решавањето на преостанатите предизвици на нашата политичка определба.“

Ова го изјави премиерот Заев на денешната промоција на Програмата каде беа присутни и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Премиерот Заев изрази благодарност, во свое и во име на Владата, за грижата и приоритетите утврдени во Програма за соработка на Швајцарија со Македонија 2021–2024 година, кои како што рече „се особено релевантни за натамошниот развој на нашата земја и за благосостојбата на сите граѓани" и додаде дека посебна нагласка од главните области на Програмата имаат темите кои и Владата ги утврдила како приоритет за просперитетот на земјата со фокус на: борбата против корупција, понуди за миграција на сивата економија кон легалните економски текови, дигитализација и климатски промени.

„Финансиската поддршка од 65 милиони швајцарски франци за Програмата за соработка со Македонија 2021-2024 е креирана во тесна соработка на Швајцарската агенција за развој и соработка и Државниот секретаријат за економски прашања, со институциите од централната и локалната власт, со партнерите од граѓанското општество и приватниот сектор. Швајцарија има релевантно искуство и експертиза во сите овие области", подвлече премиерот Заев издвојувајќи неколку од придобивките од Швајцарската програма за соработка со Македонија, особено во областа на демократското управување како најдолготрајна.

„Благодарение на поддршката на Швајцарија, Собранието на Македонија ги зајакна капацитетите за работа, огромен број членови на општинските совети речиси во сите општини во земјата стекнаа знаења и вештини за подобро креирање на општинските буџети и за надгледување на буџетските трошења и, како особено важно, значително се зголеми довербата во граѓанските организации преку проектите за приближување на работата на овие организации до граѓаните. Благодарение на проектите поддржани со оваа програма ние денеска имаме поголема транспарентност и отчетност на институциите на централната и на локалната власт, неколку илјади работни места, како и пристап до квалитетна вода за над 100 илјади граѓани во неколку општини", заклучи премиерот со уверувањето за ефективен придонес во прифаќањето и имплементацијата на најдобрите практики за натамошен развој.

На промоцијата на Програмата за соработка на Швајцарија со Македонија 2021–2024, организирана од страна на Швајцарската амбасада во земјата, амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада и заменик-амбасадорот, Лусиен Егетер, присуствуваа и заменик-претседателот на Собранието Горан Мисовски, директорката на Центарот за истражување и креирање на политики Марија Ристеска, претседателката на деловниот клуб Македонија - Швајцарија, Јасминка Талеска и претставници на важни партнерски институции и организации.

притисни ентер