Спасовски на „Бледски стратешки Форум 2018": Владата настојува реформскиот процес да почива врз целосна инклузија

Министерот за внатрешни работи , Оливер Спасовски учествува на 13-тиот по ред “Бледски стратешки Форум 2018“

Соработката со ЕУ, инструментите за помош што Унијата ги нуди во фазата на пристапните преговори, како и начинот на кој што се води целиот процес на пристапување во рамки на македонското општество, се темите за кои денеска во Блед говореше министерот за одбрана Оливер Спасовски на панелот посветен на „Безбедноста и владеењето на правото преку обновена ЕУ перспектива“.

Како што соопшти МВР, министерот Спасовски на 13-тиот по ред “Бледски стратешки Форум 2018“ презентирал дел од низата активности што македонското МВР ги започна и ги реализира во овој период, притоа нотирајќи три клучни приоритети - реформата на системот на следење на комуникациите, зајакнување на капацитетите за борбата против организираниот и сериозен криминал, како и зајакнување на капацитетите во борбата против нелегалната миграција.

Спасовски го истакнал и настојувањето на Владата на Република Македонија за реформскиот процес да почива врз целосна општествена инклузија буквално на сите општествени чинители, независно од која сфера доаѓаат. Тој ги потенцтирал и максимална транспарентност и сеопфатно информирање за сите аспекти на процесите на скрининг, на преговарање, на реформирање.

Реакции по свечената заклетва на Сиљановска-Давкова

Меѓународната заедница очекува Македонија да ги почитува билатералните договори, реакции по свечената заклетва на Сиљановска-Давкова.

Не стивнуваат реакциите откако во неделата новата претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова во свечената заклетва не ја употреби придавката „Северна“. Европската Унија и САД очекуваат Македонија да продолжи по успешниот пристапен пат и да се почитуваат билатералните договори вклучително и Договорот од Преспа. Од Грција, која е земја потписничка на Преспанскиот договор, велат дека до овој момент не се дојдени до точка да стават вето, но дека почитувањето на Преспанскиот договор е неопходен предуслов за ЕУ перспективата на Македонија.

Од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, пак, вчера информираа дека таа ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека во своите јавни настапи има право да го употребува името Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.

- Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име. Македонските институции во последниве пет години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата, велат од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис вчера укажа на потребата да се почитува Договорот од Преспа како меѓународна обврска на двете земји. На прашањето на дописничката на МИА дали пораките од грчкото Министерство за надворешни работи и од грчкиот премиер дека напредокот и билатералните односи зависат од почитувањето на Договорот, во пракса би значело и грчко вето за европската перспектива на С.Македонија, Маринакис рече дека не се стигнати до таа точка, но дека почитувањето на Преспанскиот договор е неопходен предуслов.

-Во овој момент не сме до оваа точка, но јасно е и не се потребни многу толкувања, неопходен предуслов за интегративниот процес на С.Македонија е почитувањето на Договорот од Преспа, истакна Маринакис.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја окарактеризира одлуката на Сиљановска-Давкова како недозволива и провокативна и ја повика „да се врати на законските должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога“. Во објава на Фејсбук, Мицотакис порача дека „секој чекор на Скопје кон Европа“, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име.

- Провокативниот избор на новата претседателка на С.Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот Устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, напиша грчкиот премиер.

И од Европската унија вчера со порака дека постојните билатерални договори треба да се почитуваат и спроведуваат.

Портпаролот на Европската Комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано изјави дека ЕУ очекува новите власти во Македонија да покажат посветеност на европската иднина и да продолжат по успешниот пристапен пат.

- Постојните билатерални договори треба да се спроведат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу С.Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, вклучувајќи ги неговите протоколи. Тоа се очекувањата на ЕУ, истакна Стано.

И од Стејт департментот изјавија дека САД повикаа на почитување на Преспанскиот договор.

- САД остануваат целосно посветени на Преспанскиот договор и евроатлантската интеграција на Македонија. Додека новата влада се формира и се избира премиер, ние ќе продолжиме да го зацврстуваме значењето на почитувањето на меѓународните договори и бенефициите од целосно членство во ЕУ, изјави портпарол на Стејт департментот.

Од германското Министерство за надворешни работи вчера порачаа дека Македонија има обврска да го почитува Преспанскиот договор. Владата во Берлин, како што пренесе Дојче веле, сака да ја продолжи соработката со новата влада во Скопје, и смета дека е важно земјата да го продолжи патот кон ЕУ и да ги спроведе неопходните реформи на тој пат.

- Македонија може да се потпре на Германија на тој пат. Што се однесува до користењето на името, постои меѓународен договор, Преспанскиот договор со Грција, на кој С.Македонија е обврзана, изјави портпаролот на германското МНР, Кристијан Вагнер.

Од македонското Министерство за надворешни работи апелираат сите политички чинители, особено избраните државни функционери, да бидат внимателни кон меѓународно признаните договори.

- Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на стратешкото партнерство во стратешки дијалог со САД. Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата, нагласија вчера од МНР.

За важноста на Преспанскиот договор и за соработката меѓу двете држави телефонски разговарале и поранешните премиери на С.Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Ципрас и Заев разговарале за политичкиот случувања кај нас, а освен важноста на Договорот од Преспа, според информациите на МИА од Атина, посочиле и „колку е лицемерен и опасен националистичкиот популизам што се разви и на двете страни“.

Паралелно се договориле во следниот период да преземат заеднички иницијативи за поддршка и имплементација на Договорот од Преспа, за унапредување на односите меѓу народите на Грција и Македонија и за мирот и стабилноста во поширокиот регион.

Претседателката Сиљановска - Давкова беше инаугурирана во неделата во македонското Собрание, каде даде свечена изјава по што започна да тече нејзиниот петгодишен мандат како шеф на државата. Како шести претседател од осамостојувањето на државата и прва жена избрана на оваа позиција, Сиљановска - Давкова го наследи Стево Пендаровски на претседателската функција, откако го победи на изборите одржани на 8 мај. /МИА

УХМР најавува локална нестабилност со дожд во попладневните часови

Времето денеска ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. 

Попладне наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 л/м2), локално поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.

Во Скопје времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне кога во делови од котлината ќе бидат поројни. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 18 степени.

До четврток ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд и ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец (над 60 км/час).

Пораст на температурата се очекува кон крајот на седмицата.

Видео: Оклахома израмни во серијата со Далас, Дончиќ постигна трипл-дабл

 Оклахома утрово го совлада Далас со 100:96 во четвртиот натпревар од второто коло на плејофот во НБА лигата. Резултатот во серијата стана израмнет – 2:2.

Најпродуктивен играч на средбата беше кошаркарот на Оклахома Сити Шаи Гилгеус-Александер, кој постигна 34 поени.

Лидерот на Маверикс, Лука Дончиќ постигна трипл-дабл од 18 поени, 13 скока и 10 асистенции, но и тоа не беше доволно да се избегне поразот.

Петтиот меч во серијата ќе се одигра на 16 мај на паркетот во Оклахома.

На првиот натпревар одигран ноќта понеделник кон вторник Бостон селтикс го совлада Кливленд кавалирс со 109:102. Селтикс водат со 3:1 во серијата прв до четири победи.

притисни ентер