Институциите инстантно почнаа да си ја префрлаат вината меѓусебно откако пред пет дена во медиумите се појавија информации дека Игор Спасов осуден за убиството на Мартин Нешковски по привремениот отпуст поради лекување не се вратил во Издризово каде издржува 14 годишна затворска казна.
Штипскиот суд дури вчера издаде наредба до МВР да трага по Спасов, и покрај тоа што речиси две недели нема ни трага ни глас од него. Дали ќе биде распишана и меѓународна потерница засега не е познато, иако во меѓувреме во јавноста се шпекулира дека поранешниот специјалец пребегал во Турција.
“Сигурно доколку не се пронајде на територијата на Републиката ќе се распише и меѓународна потерница, но многу е краток период бидејќи вчера Основниот суд во Штип даде согласност да се распише нацонална потерница и кога ќе не извести МВР СВР Штип дека не е на територијата на Републиката ќе биде распишана и меѓународна потерница”, вели Јулијана Недкова од Основен суд Штип.
Каде е направен пропуст и дали некој ќе сноси одговорност засега не е познато. Премиерот, Заев, денеска изјави дека очекува МВР набргу да дознае каде е поранешниот специјалец.
“ Очекувам истрагата да покаже каде е човекот. Прочитав од медиумите за бегството, институциите постапуваат според законот. Било кој човек кој издржува казна има право на викенд. Постапено е согласно сите процедури и очекувам МВР да утврди каде е. Верувам дека истрагата ќе дознае бргу што се случува”, вели Заев.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера нагласи дека во случајов МВР нема никаква одговорност, во случајов потфрлиле институциите во надлежност на Министерството за правда.
“При издржувањето затворска казна МВР нема никаква надлежност, тоа е под Министерството за правда, КПД ги донесуваат одлуките по нивни проценки што треба да соодветствуваат на соодветни сознанија дали и во кои услови затворени лица треба и може да бидат привремено пуштани на слобода”, вели Спасовски.
Од Министерството за правда велат дека со информации за случајот располага Управата за извршување на санкции. Од Управата пак велат дека нивната улога била формална, односно само се информирале со настаните во установите и одговорноста ја префрлаат кај Штипскиот суд.
За што точно станува збор не е јасно, но исклучително е ретка праксата затвореници да добиваат долги отпусти, како што имал Спасов, кој речиси една година е на слобода. Вообичаено затворениците на кои им е потребна медицинска нега се сместуваат во арестантското одделение во болниците. За убиство на Нешковски на Спасов му останува да одлежи уште седум години затвор.