СОЗР на Влада: Големо безредие и тотален хаос наследивме со државниот имот - Канал 5

СОЗР на Влада: Големо безредие и тотален хаос наследивме со државниот имот

Службата за општини и заеднички работи, во изминативе шест месеци, откако со неа раководи Ивица Томовски, успеа да преземе бројни активности во насока на надминување на затекната состојба од претходното раководство. 

СОЗР на Влада: Големо безредие и тотален хаос наследивме со државниот имот

Уште од првиот ден, Службата се фокусираше на мерки со кои беше неопходно да се надминат многу од затекнатите проблеми и неефикасности, се интензивираше процесот на ревизија и оптимизација генерално во насока на одговорно, отчетно и транспарентно управување со државните ресурси.

За кусо време, СОЗР стави крај на недомаќинското работење, ги оптимизираше трошоците за набавка на пијалоци и апетисани за потребите на државните органи, ги покачи цените на угостителските услуги во владините објекти, со што минато станаа привилегиите за избраните функционери, а во завршна фаза е и постапката за ставање крај на лошите практики за злоупотреба на службените возила, преку изготвување на посебен регистар и унифицирање на службените возила.

СОЗР примени механизам за строга контрола на сите службени трошоци со цел да се намалат непродуктивни патувања, кои биле пракса во минатото, а во насока на одговорно трошење и планирање на јавните средства.

„Големо безредие и тотален хаос наследивме со државниот имот од кој 80 отсто имаше нерешени имотно-правни односи, затекнавме запуштени вили сопственост на државата, заборавени репрезентативни објекти. По извршена анализа на состојбите, конкретни чекори презедовме и во таа насока“, вели Томовски.

Поради недостатоци во проектот во владината Палата АСНОМ, склучен и наследен од претходната власт, СОЗР направи анекс на проектот за реконструкција која е во тек, а се преземаат и мерки за заживување на комплексот „Македонско село“ кое во изминативе пет години е затворено и заборавено поради негрижа. Во моментов се врши и реконструкција на Клуб на пратеници, со цел да са врати функционалноста на објектот и неговиот имиџ.

СОЗР во моментов врши анализи на условите за изградба на втора фаза од Жичницата, од црквата „Св.Јован“ во Капиштец до Средно Водно, како и за доградба на зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, објекти кои шест години се во фаза на карабина.

И во наредната година ќе продолжиме со подобрување на системот за управување со цел да овозможиме транспарентност, отчетност и поголема ефикасност во работењето на сите нивоа, со што ќе се подигне нивото на доверба во оваа важна служба и ќе придонесе за понатамошен развој и напредок, соопштуваат од Владата.

Ердоган: Состанокот Украина-Русија во Истанбул исклучително важен за ставање крај на војната

Првите директни мировни разговори меѓу Русија и Украина од пролетта 2022 година, одржани во Истанбул, беа „исклучително важни“ за напредок кон ставање крај на војната, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган: Состанокот Украина-Русија во Истанбул исклучително важен за ставање крај на војната

Тој на новинарите во авионот со кој се враќаше од самитот на Европската политичка заедница во Тирана, им рече дека „состанокот на делегациите на двете држави (Русија и Украина) во Истанбул е исклучително важен за завршување на војната … и воспоставување мир“.

Првите мировни преговори меѓу делегациите на Украина и Русија од пролетта 2022 година се одржаа вчера во Истанбул со посредство на Турција.

Русија преку својот преговарач Владимир Медински соопшти дека е „задоволна“ од исходот на преговорите одржани во Истанбул и оти е „подготвена да ги продолжи контактите“.

Во преговорите кои траеја малку помалку од два часа, Русија и Украина се договорија да разменат по 1.000 воени заробеници, што е најголема размена досега, а исто така се договорија да разменат детални предлози за прекин на огнот.

Украина побара средба на шефовите на држави Владимир Путин и Володимир Зеленски, а Медински рече дека Русија ќе го разгледа тоа, и додаде дека Русија е подготвена да ги продолжи разговорите.

Тетовец изгубил станови во Тетово и Охрид откако зел пари со камата од 25.000 евра

Тетовец пријавил дека без негова согласност изгубил станови во Тетово и Охрид, откако зел пари со камата од 25.000 евра од двајца сограѓани, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.

Тетовец изгубил станови во Тетово и Охрид откако зел пари со камата од 25.000 евра

Педесет и деветгодишникот синоќа во 19 часот пријавил дека од В.К., на возраст од 46 години, во присуство на С.С., 47-годишно лице, двајцата од Тетово, во текот на 2014 година зел парични средства со камата во износ од 25.000 евра.

- Според пријавеното, после тоа, во текот на изминатите години, сѐ до пријавувањето, за подмирување на камати и долгот, вкупно им исплатил повеќе од 150.000 евра, односно без негова согласност му биле продадени два стана - еден во Тетово и еден во Охрид, а кои ги ставил како гаранција со нотарски акт за долгот, појаснуваат од Министерството за внатрешни работи.

Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

Меѓународна конференција во Скопје „Сребреница – совеста на светот“

Во организација на Странката на демократска акција на Македонија (СДА), денеска во Скопје започна меѓународната конференција „Сребреница – совеста на светот“, посветена на одбележувањето на 30 години од геноцидот во Сребреница.

Меѓународна конференција во Скопје „Сребреница – совеста на светот“

Претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ, истакна дека конференцијата има две главни цели, сеќавање на жртвите од геноцидот и демократски одговор на неговото негирање.

-Нашата цел е да продолжиме како општество да се сеќаваме на жртвите од геноцидот во Сребреница, рече Хоџиќ, потсетувајќи дека Северна Македонија уште во 2010 година ја поддржала резолуцијата на Европскиот парламент за осуда на геноцидот.

Втората цел, како што дополни, „е да дадеме демократски одговор на тој антицивилизациски чин на негирање на геноцидот“.

На прашањето дали по 30 години од Сребреница, е „разбудена“ совеста во општеството, Хоџиќ потенцираше дека „светот денеска изгледа доста конфузно“, споменувајќи ги трагедиите во Газа и Украина како знаци дека светот сè уште не ги научил лекциите од минатото.

Во рамки на конференцијата се предвидени бројни панел-дискусии на кои ќе учествуваат политички и аналитички експерти, пратеници и претставници од различни организации, меѓу кои Љубчо Георгиевски (ВМРО-НП), Енес Ибрахим (Партија за движење на Турците), Ивон Величковски (Нова Република), поранешните пратенички Санела Шкријељ и Никица Корубин, новинарот и истражувач за дезинформации од ЦИВИЛ, Дехран Муратов, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, геополитичкиот аналитичар од Бугарија, Владимир Владимиров, пратеници од СДА Санџак во парламентот на Србија и други.

Освен локални учесници, преку видео-пораки ќе се обратат и европратеникот Илхан Ќучук (Бугарија), експертите за човекови права Хедер Роберсон Гастон (САД) и Кирстен Шонефелд (Германија), која е и директорка на Фондацијата „Фридрих Еберт“ за Србија и Црна Гора.

притисни ентер