Сиљановска-Давкова: Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот - Канал 5

Сиљановска-Давкова: Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот

Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства.

Сиљановска-Давкова: Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот

Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства, заклучи вечерва претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, прогласувајќи ги за отворени 64-те Струшки вечери на поезијата.

Во обраќањето на манифестацијата, чиј годинашен покровител е, пред поетите, но и бројните критичари, преведувачи, литературни соработници и љубители на поезијата, од, како што рече, македонската и светска престолнина на поезијата, изрази надеж дека по 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, Струга, но и светот ќе бидат поинакви.

Според неа, живиот збор беше и остана моќно и делотворно оружје.

-Речта може да нѐ соочи со вистината, да ни ја разбуди совеста, да ни ја поттикне хуманоста, да ни ги исцели раните, да ни ја ослободи имагинацијата, а со тоа, поттикнувајќи активност, да ја промени реалноста. Живиот збор, поетскиот збор, учи, преобразува. Во него лежи и од него извира силата на поетската република, на Струшките вечери на поезијата, нагласи претседателката на државата.

За оние кои не веруваат во силата на зборот, ги потсети дека на почетокот беше речта, а потоа забранетите книги.

-Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925 година, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен, токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата - Македонци. Или, сетете се на браќата Миладиновци, но и на другите преродбеници, коишто самопрегорно ги собирале и ги запишувале народните зборови, песни, обичаи, гатанки и приказни за да ги зачуваат од заборав и исчезнување. Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка, подвлече Сиљановска-Давкова.

Струшката поетска приказна, според неа, е најдобриот пример и модел на Делчевиот културен натпревар меѓу народите, особено, како што потенцира, актуелен во ова ужасно конфликтно и воено време.

Претседателката се наврати на историјатот на содзавање на Струшките вечери на поезијата во далечната 1961 година, кога група македонски поети се собрале во Струга, за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци. Покрај традиционалните настани, го поздрави и враќањето на најважните белези на Струшките вечери на поезијата: читањето кај споменикот на „Свети Климент“ во Охрид, поетското пловење и рецитирање во Свети Наум и поетското матине во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“.

Струга и Струшките вечери на поезијата, за министерот за култура и туризам Зоран Љутков, се место каде што времето се смирува, а минатото и сегашноста се спојуваат во ритамот на поетскиот збор.

-Тоа е срцето што чука низ реченици, гласот на светот што одекнува на сите јазици, без разлика на боја, вера, јазик или потекло. Тука, покрај Дрим, поетите не се гости, туку домаќини, а стиховите не се странци, туку браќа што се препознаваат меѓу себе. И секоја година фестивалот сведочи дека поезијата е вечна, а зборот најмоќниот мост меѓу луѓето, културите и времињата, истакна Љутков.

Ова издание на фестивалот, нагласи, е осветлено од знакот на глаголицата, писмото што ни ја подари светлината на словото.

-Таа е нашата културна душа, сведоштво за нашата историја и наша врска со иднината. Затоа, во годината кога одбележуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, со особена гордост се навраќаме кон првата искра, кон буквите што се претворија во корен, идентитет и вечност, додаде министерот.

Поезијата и глаголицата, нагласи, се како два извора што паралелно течат низ времето, едниот нѐ потсетува на корените, другиот нѐ води кон бескрајот.

-Во секој стих, како и во секој глаголски текст, се крие светлина што ги осветлува нашите души и ги поврзува со сите генерации. За нас е голема чест што е вечерва со нас Иван Штрпка, легендата на словачката поезија и мајстор на зборот, кој потенцира дека „глаголицата не е само писмо, туку душа на зборот“, рече Љутков.

Директорот на националната установа Манифестација „Струшки вечери на поезијата“ Никола Кукунеш истакна дека неслучајно визуелниот фокус на годинашното издание е ставен на глаголицата и оти неслучајно е нагласувањето на буквата „Г“, која во тоа писмо е именувана како „глаголи“ - што значи зборува/говори.

-Пред нашите очи, со сиот свој пркос, се појавува сликовната страна на старословенскиот јазик - јазикот кој го зборувале Македонците од околината на Солун, т.е. јазикот на сесловенската писменост. Јазикот за кој како по зрак светлина или душевна храна пекале Словените во Моравија и Панонија, истакна Кукунеш.

Потсети дека во еден од првите оригинални текстови на старословенски јазик, „За буквите“ - поптпишан со псевдонимот Црноризец Храбар, стои: „Порано Словените немаа букви, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа...“ Сѐ до оној момент кога браќата Свети Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ги превеле првите книги и тргнале да ги описменат Словените на север.

Нагласи дека јазичната и културната врската меѓу Македонија и Словачка е нераскинлива цели 1162 години, а доказ за тоа е годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата„ - словачкиот поет, Иван Штрпка.

Манифестацијата почна со палење на Фестивалскиот оган и читање на антологиската Т`га за југ на Константин Миладинов, а продолжува со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.

Во духот на традицијата, претпладнево во Паркот на поезијата беше засадено дрвце во чест на добитникот на Златен Венец, Иван Штрпка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Во Кина ќе се одлучува за крајот на војната Украина - Русија?!

Во Абу Даби завршија преговорите меѓу Русија, Украина и САД – прва ваква дипломатска средба по речиси девет месеци.

Во Кина ќе се одлучува за крајот на војната Украина - Русија?!

Како што се очекуваше, не беше постигнат конечен мировен договор, ниту пак беше запрена војната.

Сепак, започнати се одредени клучни процеси што би можеле целосно да ја прекројат безбедносната карта на Европа, како и самата динамика на војната во Украина.

Вториот ден, разговорите зад затворени врати траеја околу два часа. Како што потврди главниот американски преговарач, Џаред Кушнер, најголемите спорови се воделе околу исклучително чувствителни територијални прашања.

Уште пред почетокот на средбата, Русите – со помош на пратениците на Трамп – промовираа предлог за промена на административните граници, со цел, барем на хартија, да ја остварат својата зацртана цел: заземање на целиот регион Донбас.

Киев категорично ги отфрли ваквите идеи, повторувајќи дека немаат намера да ја повлечат војската зад границите на Доњецката област, која Украина сè уште делумно ја контролира.

Бидејќи не успеаја да постигнат договор за територијата, единствениот конкретен резултат од оваа средба остана големата размена на затвореници.

Според изјавите на руските и украинските претставници, тоа ќе биде најголемата размена од почетокот на војната.

Зеленски и неговото политичко раководство сега се наоѓаат во крајно незавидна ситуација. Официјален Киев строго инсистира на одреден редослед на потези: прво бараат целосен прекин на огнот, потоа јасни безбедносни гаранции, па дури потоа преговори за поширок воено-безбедносен договор.

Истовремено, украинските генерали не се откажуваат од барањето војската да остане оперативна и силна. Бидејќи стана сосема јасно дека западните сојузници сè уште не се подготвени да ја примат Украина во НАТО, Киев излегува со ново барање.

Тие бараат долгорочна финансиска поддршка во траење од најмалку десет години, за да можат да одржуваат војска од неверојатни 800 до 900 илјади војници. Во Киев сметаат дека само толку моќна воена сила би можела ефикасно да ги одврати Русите од нова инвазија.

И самото украинско општество почна да ги менува позициите кога станува збор за војната и мирот.

До неодамна, секое спомнување на компромис со Москва автоматски се прогласуваше за чиста капитулација. Денес, сепак, Украинците сè поотворено предупредуваат во јавноста за опасноста од целосен економски колапс.

Се разбира, порадикалната опозиција и дел од здруженијата продолжуваат остро да ја напаѓаат владата штом некој само ќе ги спомне преговорите со Русите. Поделбата се чувствува и во самата војска.

Од друга страна, Русите пристигнаа во Абу Даби со амбициозен план кој оди многу подалеку од самото решавање на војната во Украина. Москва се стреми кон изградба на целосно нова безбедносна архитектура.

Со цел да ги принуди Киев и Западот на отстапки, Русија намерно ја уништува украинската енергетска мрежа среде зима, ставајќи ги Украинците во уште понеповолна преговарачка позиција.

Особено е интересно како Москва грчевито инсистираше Европа да биде исклучена од преговорите. Имено, Русите сакаат САД да останат единствениот легитимен канал преку кој ќе преговараат за поделбата на сферите на влијание. Европските дипломати во Абу Даби буквално седеа на „резервната клупа“ и учествуваа исклучиво на споредни состаноци.

Понатамошните потези ќе зависат од Москва, при што Европа – веројатно со одредени отстапки што ќе мора да се побараат од Вашингтон – сепак ќе остане само обичен набљудувач.

Во пракса, тоа значи дека Вашингтон и Москва ќе ја кројат картата на Европа и ќе одлучуваат каде ќе биде стационирана војската, додека на европските лидери ќе им остане само да стават потпис. Русите одлично ја согледуваат ранливоста на европската заедница, па затоа намерно ја заобиколуваат Западна Европа и сакаат да ги наметнат своите услови преку директен договор со САД.

Сериозноста на руската позиција – како и степенот до кој светската карта навистина се прекројува – најдобро се илустрира со фактот дека Пекинг официјално потврди оти се водат разговори за историска средба меѓу Доналд Трамп, Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг.

Се очекува овој трилатерален самит да се одржи на маргините на состанокот на лидерите на АПЕК во Шенжен, Кина, на 18 и 19 ноември.

Русите веќе навестија дека, за време на престојот во Кина, Путин и Трамп имаат намера да разговараат за мировен договор за Украина – маса на која не е поканет апсолутно никој од Европа или од Киев.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Разоткриена мрежа за шверц на кокаин во Европа

Во Швајцарија се уапсени 41 лице како дел од меѓународна операција насочена против мрежа осомничена за шверц на кокаин и перење пари, соопшти Европол.

Разоткриена мрежа за шверц на кокаин во Европа

Истражителите ја поврзуваат оваа мрежа со запленувањето на над 750 килограми кокаин во Антверпен.

Меѓународна истрага, поддржана од Европол и Евроџаст, разоткри криминална мрежа осомничена за шверц на големи количества кокаин од Еквадор и други земји од Латинска Америка во Европа – практика што постои најмалку од 2019 година – при што истовремено се вршело и перење на средствата стекнати од трговијата со дрога.

Истрагата беше предводена од швајцарското Федерално обвинителство и Федералната полиција. Операцијата се спроведе на 10 и 11 ноември на територијата на Швајцарија, Чешка, Германија, Холандија и Шпанија. Во Швајцарија беа извршени претреси на 55 локации, а за пет од 41 уапсено лице беше побаран притвор. Европол исто така соопшти дека петмина осомничени се приведени во Германија.

Во Белгија откриени 750 килограми кокаин

Истражителите ја поврзуваат мрежата со неколку заплени на кокаин, вклучително и една од август оваа година, кога во белгискиот град Антверпен беа откриени повеќе од 750 килограми од оваа дрога, скриени во кутии испратени од Латинска Америка. Според Европол, увозот бил овозможен преку фиктивни компании регистрирани во Швајцарија и Холандија, додека се претпоставува дека заработката од шверцот се перела преку компании во Чешка, Германија и Швајцарија.

Во земјите што учествуваа во оваа операција, досега се запленети повеќе од 2,3 милиони швајцарски франци, криптовалути во вредност од 50.000 франци и 15 парчиња огнено оружје. Во Германија се запленети околу 1,3 милиони евра во готовина, додека во Чешка се одземени околу еден милион евра и 850.000 чешки круни.

Европол ја поддржува истрагата уште од 2022 година, преку олеснување на размената на информации, анализа на податоци и координација на активностите. Евроџаст поддржа заеднички истражен тим кој ги обедини надлежните органи од пет земји за да ги координираат истрагите и да разменат докази.

Фото: ВИ

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски: Честит 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје!

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје.

Мицкоски: Честит 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје!

„13 Ноември е еден од најзначајните датуми во историјата на нашиот главен град, денот кога Скопје ја дочека слободата и го означи почетокот на едно ново поглавје во своето историско постоење. На овој ден се сеќаваме на храброста, пожртвуваноста и непоколебливата решителност на борците кои го положија својот живот за слободата, достоинството и иднината на генерациите што доаѓаат. Нивната борба е трајно вградена во темелите на современо Скопје и претставува обврска да го чуваме историското паметење и вредностите врз кои се гради едно слободно општество.“- напиша Мицкоски.

Тој потенцираше дека денес нашата одговорност е да продолжиме да го градиме Скопје како модерен, уреден, безбеден и достоинствен европски град, град на можности, солидарност и просперитет за сите негови граѓани.

„Скопје не е само географски и административен центар, туку срцето на нашата државност, нашиот заеднички дом и симбол на истрајноста на македонскиот народ. Со почит кон минатото, одговорност кон сегашноста и визија за иднината, да продолжиме да создаваме град со кој ќе се гордеат сегашните и идните генерации. Честит 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје!“- додава Мицкоски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер