Двонеделните празници пред „Годината на стаорецот“ започнаа денеска, со стравувања дека ќе се зголеми бројот на заразени лица бидејќи стотици милиони луѓе патуваат во своите домови и во странство. Дизниленд во Шангај , исто така, ќе биде затворен од сабота за да се спречи ширењето на вирусот.
Светската здравствена организација (СЗО) вчера објави дека е премногу рано да се прогласи меѓународна вонредна состојба заради епидемијата на коронавирус во Кина.
Случаите на инфекција со овој вирус се идентификувани и надвор од Кина, во Тајван, Филипините, Тајланд, Јапонија, Сингапур, Јужна Кореја и САД. Постои голема можност дека има заразени и во Велика Британија и Северна Ирска.
Во Вухан, град во централна Кина каде се појави заразата минатиот месец,на аптеките им снемува резерви, додека болниците беа преполни со трауматизирани лица кои бараат да бидат испитани.
„Има многу вести, толку многу информации, на секои десет минути излегуваат нови информации, тоа е застрашувачко, особено за луѓе како нас во областа која е најмногу погодена“, рече Лили Јин, 30-годишна жителка на градот. "Дури и ако не сте болни, станувате параноични дека ќе се разболите".
Националната здравствена комисија вчера потврди 830 случаи, а 26 лица починале. Повеќето од заразените се од кинескиот град Вухан.
Во меѓувреме, снимките од кинеската болница се шират на социјалните мрежи. Болницата е преполна и луѓето лежат во несвест по ходниците. Некои од нив се целосно покриени, што предизвика шпекулации дека се мртви. Но, ова не е потврдено, ниту автентичноста на снимката.