Северна Кореја: Односите на Јужна Кореја, САД и Јапонија се како азиска верзија на НАТО

Северна Кореја ја критикуваше заедничката воена вежба на Јужна Кореја, Јапонија и САД што се одржа овој месец, велејќи дека таквите вежби покажуваат дека односот меѓу трите земји се развил во „азиска верзија на НАТО", објави денеска КЦНА.

Во четвртокот трите земји започнаа големи заеднички воени вежби кои вклучуваат морски разурнувачи, борбени авиони и американски носач на авиони Теодор Рузвелт на нуклеарен погон, со цел зајакнување на одбраната од проектили, подморници и воздушни напади.

Вежбата е осмислена на трилатерален самит во Камп Дејвид минатата година за да се зајакне воената соработка среде напнатоста на Корејскиот Полуостров која произлегува од тестирањата на оружје на Северна Кореја.

„Пјонгјанг нема да го игнорира зајакнувањето на воениот блок предводен од САД и нивните сојузници и ќе го заштити регионалниот мир со агресивен и надмоќен одговор“, се наведува во соопштението на севернокорејското министерство за надворешни работи. Министерството исто така рече дека Вашингтон продолжува со своите напори да ги поврзе Јужна Кореја и Јапонија со НАТО, додавајќи дека обидите на Јужна Кореја да испорача оружје на Украина се еден од примерите за тие напори.

Јужна Кореја најави дека ќе ја разгледа можноста за директна испорака на оружје на Украина, во знак на протест против неодамнешниот пакт за меѓусебна одбрана што го потпишаа севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин.

Јужна Кореја и САД ја обвинија Северна Кореја за испорака на оружје на Русија кое се користи во војната во Украина.

И Русија и Северна Кореја негираат такви испораки.

Северна Кореја долго време ги осудува заедничките вежби на САД и Јужна Кореја како проба за инвазија и доказ за непријателската политика на Вашингтон и Сеул. /МИА

264 милиони долари собраа во предизборниот штаб на Бајден во второто тримесечие

Двеста шеесет и четири милиони долари собрале предизборниот штаб на американскиот претседател Џо Бајден и сојузниците во вториот квартал, соопшти кампањата на Бајден.

Тие прецизираа дека 127 од 264 милиони биле собрани минатиот месец и дека е поставен рекорд за донации од обични граѓани на денот на дебатата меѓу Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп.

Изборниот штаб тврди дека имаат и 240 милиони долари во готовина.

Штабот на Бајден имаше тешки телефонски разговори во неделата и вчера со клучните донатори кои се прашуваа дали Бајден треба да остане претседателски кандидат на Демократската партија по неговиот слаб настап во дебатата. Во вториот квартал, 95 отсто од донациите биле под 200 долари, што според предизборниот штаб означува - широка поддршка за Бајден меѓу обичните Американци.

Трамп ќе инсистира на отфрлање и на кривичниот предмет околу аферата со Сторми Даниелс

Адвокатите на Трамп рекоа, имено, дека пресудата во врска со скандалот околу тајните исплаќања на актерката Сторми Даниелс треба да биде отфрлена бидејќи поротата за време на судењето видела докази за кои веруваат дека требало да бидат заштитени.

По важната одлука на Врховниот суд на САД дека имал претседателски имунитет и не може кривично да се гони за дејствија преземени во 2020 година, поранешниот американски претседател Доналд Трамп сега ќе се обиде да поништи уште еден кривичен случај, тврдат добро упатени извори.

Адвокатите на Трамп рекоа, имено, дека пресудата во врска со скандалот околу тајните исплаќања на актерката Сторми Даниелс треба да биде отфрлена бидејќи поротата за време на судењето видела докази за кои веруваат дека требало да бидат заштитени со претседателски имунитет. Ова се наведува во писмото на адвокатот до судијата Хуан Меркан, до кое изворите имале увид, пренесува Ej-Би-Си Њуз.

Одбраната побара дополнително време да го изнесе својот аргумент, што би можело да го одложи изрекувањето на пресудата на Трамп, кое во моментов е закажано за 11 јули.

Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен и претставник на правниот тим на Трамп одбија да ги коментираат овие наводи.

EК одобри 25,5 милиони евра државна помош за реструктуирање на „Бугарските пошти“

Европската комисија го одобри барањето на Бугарија да му додели на јавното претпријатие „Бугарски пошти“ помош од државата за реструктуирање во износ до 25,51 милиони евра (50 милиони лева).

Европската комисија го одобри барањето на Бугарија да му додели на јавното претпријатие „Бугарски пошти“ помош од државата за реструктуирање во износ до 25,51 милиони евра (50 милиони лева), јави дописникот на МИА од Брисел.

Се очекуваа оваа помош да му овозможи на претпријатието да обезбеди долгорочна одржливост, притоа минимизирајќи ги влијанијата врз конкурентноста.

„Бугарските пошти“ лани во мај добија кредит од државата во износ од приближно 26,5 милиони евра, по што во декември Бугарија ја извести Европската комисијата дека на претпријатието ќе му биде потребна дополнителна помош за реструктуирање.

Планот за реструктуирање опфаќа пакет мерки за рационализација на активностите на „Бугарските пошти“, оптимизирање на нејзината мрежа и намалување на трошоците. Паралелно, се превидува претпријатието да воведе дополнителни услуги, како телемедицина (обезбедување и поддршка на здравствената заштита со помош на ИКТ) и административни услуги преку неговата мрежа за потребите на други јавни субјекти.

Според извршната потпретседателка на Европската комисија за конкурентност Маргрете Вестагер, оваа помош ќе им овозможи на бугарските граѓани пристап до подобри универзални поштенски услуги.

- По нашата проценка, заклучивме дека планот за реструктуирање на „Бугарските пошти“ ќе обезбеди одржливост на претпријатието на подолг рок, истакна Вестагер.

Според неа, за да се ограничат можните нарушувања на конкурентноста предизвика од државната поддршка, „Бугарските пошти“ се обврзани да обезбедат пристап до својата мрежа на други оператори кои се активни во универзалните и неуниверзалните поштенски услуги.

притисни ентер