Рубио го дообјаснува Трамп: Раселувањето на Палестинците од појасот Газа би било привремено

Ден по изјавата на Доналд Трамп за раселување на Палестинците од Газа, државниот секретар Марко Рубио се обиди да ја појасни идејата на американскиот претседател. 

Според него, не станува збор за нивна трајна дислокација во соседните држави, туку за привремено решение, а тие како што кажа, ќе можат да се вратат во своите домови откако Појасот ќе биде обновен и деминиран. Деталите како што кажа, би биле дополнително разрешени со партнерските нации, но повика сериозно да се размили за како што го оцени, дарежливиот потег на американскиот претседател.

-Значи тоа што тој (Трамп) многу дарежливо го понуди е можноста на САД да влезе и да помогне со отстранување на остатоци од уништувањето, да помогне со отстранување на муниција, да помогне со реконструкција, обнова на домови, бизниси и слични работи, за потоа луѓето да се вратат назад, но во меѓувреме ќе мора да живеат некаде. Деталите за тоа, ако е прифатено, ќе мора да се разрешат меѓу повеќе партнерски нации, тоа е единствена понуда. Ниту една друга држава истапила и не дала таква понуда. Но, мислам дека луѓето треба да размислат за тоа, сериозно. Не беше наменето како непријателски потег, туку беше наменето како многу дарежлив потег. -Марко Рубио – Државен секретар на САД.

Идејата на Трамп предизвика бура од реакции на меѓународната сцена. Египет и Јордан кои беа посочени како земји каде би се преселиле Палестинците, експресно го отфрлија неговиот план. Франција, Велика Британија, Германија, и голем дел од американските сојузници го осудија, а Генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш повика да се почитува меѓународното право.

-Во потрагата по решенија, не треба да го направиме проблемот полош. Витално е да се остане верен на бедемот на меѓународното право. Клучно е да се избегнува било каква форма на етничко чистење. Трето, мораме да го реафирмираме решението за две држави.-Антонио Гутереш – Генерален секретар на ООН.

Израелските власти пак го пофалија планот, како чекор кон траен мир во регионот. Во Газа пак владее неизвесност. По петнаесет месечната војна, жителите велат дека не би прифатиле никаков план за раселување.

-Или ќе умрам во Газа или ќе живеам во Газа.

-Не си одиме за вие да обновувате во Газа.

-Ова е земјата на нашите татковци и дедовци, нашите деца живеат тука, како ќе не натераат да си заминеме од тука?

-Невозможно е било кој да си замине од неговата земја.

-Зошто да одиме во странство, за да страдаме повторно?

-Каде да одам? Живеам тука, работам тука.

Планот на Трамп чии детали се уште не се докрај разјаснети, предвидува сите 2 милиони Палестинци кои живеат во енклавата да бидат преселени во соседните држави. Газа да се обнови и економски да се развие, а потоа да биде населена со популација од целиот свет.

Протест на стотици Гренлаѓани против политиката на Трамп кон островот

Стотици луѓе на Гренланд протестираа денеска против плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за освојување на арктичката територија, јави ДПА.

„Наша земја. Наш избор. Нашата слобода“, напиша на Фејсбук, Јенс-Фредерик Нилсен, лидер на централно-десничарската партија „Демократи“ како одговор на фотографиите од демонстрациите во главниот град Нук.

Претходно неделава претдедателот Трамп ја повтори својата идеја Гренланд да се приклучи на САД. Тој со месеци зборува дека сака да ја преземе контролата врз Гренланд, кој е дел од Данска.

На состанокот со генералниот секретар на НАТО Марк Руте во Белата куќа во четвртокот, американскиот претседател дополнително го разгоре прашањето кога одговори на новинарско прашање за неговите планови за можна анексија.

„Мислам дека тоа ќе се случи“, рече Трамп, нагласувајќи го големото стратешко значење на островот и фактот дека Данска е многу далеку од него.

Пратениците во Гренланд реагираа со бес. Ова е „целосно неприфатлив“ пристап, изјави актуелниот шеф на владата Муте Егеде за гренландскиот весник „Сермицијак“ за време на денешниот митинг во Нук.

Луѓето излегоа на улиците и во другите градови на островот. /МИА

Агенции на ОН добиле прашалник од САД да се изјаснат дали имаат антиамерикански уверувања

 Агенциите за пружање помош на Обединетите нации добиле прашалник од САД во кој се бара да наведат дали имаат „антиамерикански“ верувања или припадности.

Помеѓу 36-те прашања на формуларот испратени од Канцеларијата за менаџмент и буџет на САД (OMB), во кои увид имал Би-Би-Си, едно прашање е дали тие имаат некаква врска со комунизмот.

Прашалникот им бил доставен на некои од најголемите хуманитарни организации во светот, како што се Агенцијата на ОН за бегалци и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Агенциите на ОН стравуваат дека потегот на ОМБ е знак дека САД планираат целосно да се повлечат од хуманитарната работа или дури и од Обединетите нации.

САД веќе ја напуштија Светската здравствена организација, и тоа уште на првиот ден од вториот мандат на Доналд Трамп како претседател на САД.

Американскиот државен секретар Марко Рубио неделава објави дека се суспендирани огромно мнозинство од програмите на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Анкетите покажуваат дека повеќето Американци веруваат дека нивната земја троши премногу за странска помош./МИА

Играта не издржа: Серверите се гаснат половина година по лансирањето

Мултиплеер стрелецот „Spectre Divide“ ја доживеа истата судбина како „Concord“.

Пред само 15 дена оваа игра беше лансирана на конзолите „PlayStation 5“ и „Xbox Series“, а сега пристигна известување дека нејзините сервери ќе бидат исклучени во следните 30 дена.

Се затвора и „Mountaintop Studio“, чија прва и единствена игра што ја објавија е „Spectre Divide“.

Несреќната судбина на овој бесплатен наслов од прво лице не се случи преку ноќ - играта беше достапна за компјутер веќе половина година, каде што првично имаше пристоен одговор.

„Spectre Divide“ го играа 400.000 луѓе во првата недела, но повеќето од нив не се задржаа, дури и покрај дополнителната содржина.

Кратко и јасно – „Spectre Divide“ не беше доволно популарна игра за да преживее во конкурентна средина, пренесува „HCL“.

И покрај првичната идеја и вклучувањето на популарниот стример „Shroud“, и покрај милионскиот капитал - успехот за „Spectre Divide“ не беше загарантиран.

Извор: Б92

притисни ентер