Промена на власта во Грција, но без промена на ставот за Договорот од Преспа - Канал 5

Промена на власта во Грција, но без промена на ставот за Договорот од Преспа

Политички препукувања, влијание врз изборните резултати, загуба за малите партии, промена на политичката сцена, целосно или делумно предизвика Договорот од Преспа на грчката политичка сцена во 2019.

Промена на власта во Грција, но без промена на ставот за Договорот од Преспа

Минатата година започна во знакот на решението на проблемот меѓу двете земји, со оглед на тоа дека топката се префрли на грчки терен, а по ратификувањето на Договорот следеше и бурен предизборен период, три изборни процеси, изборен пораз на СИРИЗА и промена на власта во Грција, промена која не донесе и промена во ставот во однос на Договорот ,јави дописничката на МИА од Атина.

Иако Нова демократија, во предизборниот период настапи со остра реторика за Договорот, по преземањето на власта, ја омекна позицијата, поддржувајќи со ставот дека земјата има континуитет, Договорот е веќе потпишан и ратификуван, а Грција ќе го почитува како што и од другите бара да се придржуваат кон меѓународното право (политиката во однос на Турција). Кусо по француското вето за доделување датум за членство на Македонија во ЕУ, грчката дипломатија се активираше со иницијативи за поддршка и промоција на европската перспективата на Скопје и Тирана.

Грција помина „жежок" почеток на 2019. Во период помал од еден месец, парламентот имаше три критични гласања: за доверба на тогашната влада, за ратификација на Договорот од Преспа и за ратификација на Протоколот за членство во НАТО. Ципрас како премиер „го загуби" коалициониот партнер Каменос, Река и Независни Грци останаа без пратенички групи, пратеници кои го поддржаа Договорот се соочија со сериозни закани по нивните животи, нападнати домови со молотови коктели.

А од нападите и заканите не беа поштедени ниту новинарите и фоторепортерите на протестот во Атина, неколку дена пред ратификацијата на Договорот, кога се случија сериозни инциденти.

2019 беше година која донесе и важни промени за Македонија и Грција, по стапувањето на сила на Договорот од Преспа. Во двете земји канцелариите за врски се подигнаа на ниво на амбасади, беа изгласани одлуките за отворање на два нови гранични премина, Грција прва го ратификуваше Протоколот за наше членство во НАТО, а грчки премиер прв пат беше во официјална посета на Скопје.

На 25 јануари 2019 грчкиот Парламент, по над 38 часа жестока дискусија, со 153 гласа „за", 146 „против", а еден воздржан го ратификуваше Договорот од Преспа.

Договорот од Преспа ги раздели Ципрас и Каменос

На ратификацијата ѝ претходеа низа настани во Грција. Алексис Ципрас и СИРИЗА останаа без коалициониот партнер во владата Панос Каменос и неговата партија Независни Грци.

По средбата Ципрас – Каменос во премиерската палата на 13 јануари 2019, лидерот на Независни Грци соопшти дека се повлекува од владата образложувајќи дека „прашањето на Македонија не му дозволува да не ја жртвува фотелјата" и си даде оставка од позицијата министер за одбрана. Тогашниот премиер, рече дека продолжува ва со надеж дека неговата влада ќе го истурка четиригодишниот мандат и затоа по бара поддршка од парламентот.

– Ја донесов одлуката, го известив претседателот на Парламентот дека набргу ќе пристапиме кон процесот предвиден од Уставот и правилникот на Парламентот, за обновување на довербата на мојата влада, за да одиме напред со апсолутно мнозинство, рече Ципрас во изјавата по средбата со Каменос.

Па така, кусо пред Договорот од Преспа да дојде во грчкиот Парламент, тогашниот грчки премиер, побара и доби доверба од пратениците. Ципрас остана без коалиционен партнер, но со помош на неговите 145 пратеници, четворица независни пратеници и двајца од Независни Грци успеа да добие доверба од Парламентот.

Во тој период, во текот на јануари, Договорот од Преспа и македонско – грчките односи беа главна тема во медиумите во Грција. Весниците беа преплавени со анализи и натписи за влијанието на решението меѓу двете земји врз внатрешно – политичките случувања во Грција, во дебатните и информативните емисии на грчките телевизии пратеници од сите партии, експерти и новинари дискутираа на тема Договорот од Преспа.

Непосредно пред почетокот на расправата во парламентот за ратификацијата на договорот, атмосферата во Грција беше особено вжештена.

Закани преку телефон до пратениците кои го поддржуваа решението меѓу двете земји од една страна, протест против договорот во центарот на Атина од друга и кампања од владата за промоција на Договорот од Преспа од трета страна.

Под слоганот „Македонија значи Грција", т.н. „Комитет за борба за грчкиот карактер на Македонија", на 20 јануари 2019 организираше протест на плоштадот Синтагма, пред грчкиот парламент против Договорот од Преспа.

Протестот на кој, според грчката полиција, присуствуваа околу 60 илјади граѓани помина со сериозни инциденти. Најмалку 40 лица беа повредени од кои 25 полицајци, еден фоторепортер и еден снимател, а уапсени беа седум лица.

Нередите што траеа околу три часа, започнаа кога група маскирани лица, веројатно радикални десничари и припадници и поддржувачи на Златна зора се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во грчкиот парламент. Со разни предмети, дрва, боја, пиротехнички материјали, ја нападнаа полицијата која за да спречи упад употреби солзавец и шок бомби. Инцидентите набргу се проширија во целиот дел пред Парламентот, но и по околните улици, а не ги прекина ниту дождот. Маскираните лица успеаа да скршат и дел од заштитна ограда пред парламентот, а фрлија и молотови коктели. Додека пак полицијата континуирано одговараше со солзавци.

Грчкиот Парламент по жестока дискусија го ратификуваше Договорот од Преспа

По пет дена активна и на моменти жестока дискусија, прво на дводневната Комисија за надворешни работи и одбрана, потоа на маратонска пленарна седница во траење од 38,5 часа, грчкиот Парламент на 25 јануари 2019 го ратификуваше Договорот од Преспа.

Гласањето помина без изненадувања, онака како што и се очекуваше- 153 пратеници гласаа „за", 146 „против", а еден беше воздржан.

По ратификацијата, Алексис Ципрас говореше за историски ден за Грција и Балканот, а Кирјакос Мицотакис за тежок и тажен ден за Грција.

Тогашниот грчки премиер рече дека „се роди една нова земја на северната граница, Македонија, која ќе биде земја пријател и сојузник на Грција".

Лидерот на тогаш, опозициска партија Нова демократија, рече дека ратификацијата значи за прв пат, „од грчката влада, официјално признавање на македонскиот јазик и идентитет за жителите на Скопје".

Две седмици по ратификацијата на договорот, со 153 гласа „за", 140 „против" и еден воздржан Парламентот на Грција, го ратификуваше и Протоколот за членство во НАТО.

Ципрас за МИА: Грција и Македонија мора да бидат партнери и сојузници

Политичкиот „земјотрес" што Договорот од Преспа го предизвика на грчката политичка сцена, отвори дискусија за евентуалното влијание врз изборниот резултат на европските и локалните избори што се одржаа четири месеци по ратификацијата на договорот.

-Кога решавав за Договорот од Преспа и некои се прашуваа луд е овој? Зошто го прави тоа? Ќе ги загуби изборите, донесов одлука со целосно сознание дека е итно да се надгради улогата на земјата, рече поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас во интервју за грчката телевизија „Антена" кон крајот на декември, а на коментарот на новинарот дека Договорот од Преспа беше една од причините што ги загуби изборите, одговори позитивно.

За политичката цена говореше и во ексклузивното интервју за МИА додека се уште беше премиер, на месец и половина откако Договорот од Преспа стапи на сила и на само еден ден пред посетата на Скопје, што воедно беше и прва официјална посета на претседател на владата на Грција на нашата земја.

-Сепак, имаше политичка цена, бидејќи еден значаен дел од грчкиот народ беше и е сериозно загрижен за ова прашање. Наша одговорност – моја и на Зоран- е да покажеме дека нашите народи може само да добијат од патот што се отвори. Исто така, наша одговорност е да им одговориме на силите на национализмот кои во денешниот свет се зајакнуваат и целат кон тоа да не вратат во мрачните времиња, рече во интервјуто објавено на 1 април 2019.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Алексис Ципрас, потенцираше дека посетата е од историско значење, базирана на нова стратешка визија за двете земји, рече дека Грција и Северна Македонија мора да бидат партнери и сојузници, упати порака дека Атина треба да има стабилен и безбеден северен сосед, а Скопје има потреба од силен сосед што ќе ги поддржува нејзините чекори кон европската перспектива.

– Тоа е посета од историско значење, базирана на нова стратешка визија за нашите земји. Грција и Македонија мора да бидат партнери и сојузници. Освен тоа, резултатот од Договорот од Преспа не е само решавањето на прашањето за името и отклучување на европската и евро- атлантската перспектива на Северна Македонија. Договорот ги постави темелите за воспоставување на силни билатерални односи што предвидуваат соработка и на меѓународно, европско и регионално ниво, рече тогашниот грчки премиер.

Во однос на вратоврската што во Преспа ја доби од неговиот македонски колега, Ципрас рече дека не му е во плакарот, туку во фиоката од бирото, за да го потсетува на историскиот момент, „на храбриот чекор напред за пријателство и соработка на нашите народи, што беше потпишувањето на Договорот од Преспа".

Интервјуто на Алексис Ципрас за МИА, воедно беше и прво интервју на претседател на владата на Грција во изминатите 10 години.

Ден по разговорот за МИА, тогашниот грчки премиер заедно со делегација од 10 министри пристигна во официјална посета на Скопје.

Помалку од два месеци подоцна, на 26 мај 2019 го имаше и првиот тест пред граѓаните – европските и локалните избори, на кои СИРИЗА загуби, а Ципрас донесе одлука да оди на предвремени парламентарни избори. Избори кои донесоа и промена на власта кај јужниот сосед.

Нова демократија како опозиција, беше остар критичар на Договорот од Преспа, а во предизборниот период акцентот го стави на производите од Северна Грција кои го носат името „македонко/и/а", односно т.н. македонски производи и, како што вели и самиот Мицотакис, нивната заштита. Од тогаш опозициската партија се споменуваше дури и вето за почеток на пристапни преговори на Македонија со Европската унија, но и за отворањата на поглавјата.

Откако Договорот од Преспа на 25 јануари 2019 беше ратификуван од грчкиот Парламент, Мицотакис говореше за тежок и тажен ден за Грција, рече дека „ратификација значи за прв пат, од грчката влада, официјално признавање на македонскиот јазик и идентитет за жителите на Скопје".

Во изјавата за медиумите, тогаш лидер на опозициската Нова демократија, рече дека тие како влада, ќе го искористи правото на вето за интеграција на нашата земја во ЕУ.

– Лично, зборував искрено за големите тешкотии што доаѓаат од спроведувањето на договорот. Но, се обврзав дека ќе останам цврсто на националната должност: нема да го отфрлам правото на Грција да стави вето за интеграција на Скопје во Европската унија. Ќе се борам со сите мои сили за да ги ублажам негативните последици кои е сигурно дека ќе произлезат од проблематичниот договор, рече Мицотакис кон крајот на јануари.

Во пресрет на изборите и веројатноста опозициската партија да дојде на власт, многумина во Грција се прашуваа каков ќе биде ставот на Нова демократија во однос на Договорот од Преспа, со оглед на критиките за договорот и жестоката реторика во Парламентот за време на ратификацијата

Кусо пред изборите на 7 јули 2019, експерти од Грција и Македонија за МИА анализираа дека Нова демократија како влада нема да го оспори и ќе го почитува Договорот од Преспа. Прогнози што се покажаа точни, со оглед на тоа дека и покрај острата реторика за договорот, по преземањето на власта, Нова демократија ја омекна позицијата, поддржувајќи го ставот дека земјата има континуитет, договорот е веќе потпишан и ратификуван, а Грција ќе го почитува како што и од другите бара да се придржуваат кон меѓународното право (политиката во однос на Турција).

Ставот на актуелната влада, но и на самиот грчки премиер, според јавните говори и изјави е дека тие, како опозиција предупредувале што значи потпишувањето и ратификувањето на договорот и направиле сѐ за тоа да се спречи.

Само 10 дена по изборите, во Атина, во организација на „Економист" се одржа „23та тркалезна маса со грчката влада", каде што, на панел дискусија за Договорот од Преспа и регионот, учествуваше и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој го имаше и првиот контакт со министри од новата грчка влада, односно со алтернативниот министер за надворешни работи и министерот за одбрана на Грција, кои беа дел од дискусијата.

Воедно, панел дискусијата беше и прва можност, новите министри од новата грчка влада, јавно да излезат со став во однос на Договорот од Преспа.

– Моето мислење е дека за овој договор да опстане и да произведе позитивни резултати ќе треба и двете страни да бидат посветени во почитувањето и задржувањето на суштинските условите на договорот, рече тогаш министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос .

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров за впечатоците од првото патување во Атина по изборите во Грција, но и за впечатоците од првите контакти со членовите на новата грчка влада, во разговор со дописничката на МИА од Атина рече дека ќе биде потребно да се работи на градење доверба, изрази надеж дека започнатиот ритам на средби со претходната, ќе продолжи и со новата влада, коментираше дека Грција треба да ги поддржи пристапните преговори на Македонија со ЕУ и потенцираше дека европеизацијата на нашата земја ќе има позитивни ефекти и за Грција.

Контактите и билатералните средби започнати со претходната и продолжија и со новата грчка влада, со оглед на тоа дека шефовите на дипломатиите остварија низа средби, а Кирјакос Мицотакис и Зоран Заев се сретнаа два пати, еднаш во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН и еднаш во Солун, а Никос Дендиас го посети Скопје.

Грчката дипломатија се активираше со иницијативи за ЕУ перспективата на Скопје и Тирана

Кусо по француското вето за доделување датум за членство на Македонија во ЕУ, грчката дипломатија се активираше со иницијативи за поддршка и промоција на европската перспективата на Скопје и Тирана.

Иако предизборно Нова демократија споменуваше вето за ЕУ иднината на нашата земја, сега Атина стана еден од најголемите наши поддржувачи.

Со посетата на Скопје на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и заменикот министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија и екстровертност, Костас Франкојанис на 26 ноември минатата година започнаа низата активности и иницијативи на Атина.

– Во рамките на грчката стратегија за Западен Балкан, грчката влада има намера да преземе конкретни иницијативи за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот, со цел консолидација на безбедноста, зајакнување на стабилноста и развој на просперитетот на поширокиот регион, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас на брифингот со грчките новинари и странските дописници кон средината на ноември, кусо пред посетата на Дендиас и Франкојанис на Скопје.

Гениматас тогаш спомена дека се планира, во февруари годинава да се одржи квадрилатерална средба на која ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, а на почетокот годинава да се организира Самит на земјите членки на ЕУ со земјите од Западен Балкан 5+1, односно, Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Во рамките на грчката иницијатива беше и неформалниот работен појадок на шефовите на дипломатиите од ЕУ и од Македонија и Албанија што се одржа на 9 декември 2019 во Брисел, по иницијатива на Грција.

Грчки дипломатски извори тогаш брифираа дека поминал во многу подобра клима од претходни неформални состаноци со европски министри во рамките на грчките напори да им се помогне на двете земји да добијат датум, а како особено важен факт, истите извори, го споменуваат учеството на 20 министри.

Истите извори тогаш истакнаа дека Атина ќе направи сѐ што може за да им помогне на двете земји на патот кон ЕУ.

Дендиас за МИА: Грција e цврст поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија

Цврста поддршка за европската перспектива на Македонија, изрази министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во ексклузивна изјава за дописничката на МИА од Атина на ден пред неговата прва посета на Скопје на крајот од ноември минатата година.

-Нашата поддршка за почеток на пристапни преговори на Македонија со унијата е дадена. Работиме на тоа и преземаме конкретни иницијативи, во консултација со сите наши партнери во ЕУ за што е можно поскоро, во таа насока, да се донесе позитивна одлука во унијата. Секако, она што се подразбира е дека од страна на Република Македонија, не треба да се намали интензитетот на напорите за усогласување со европските стандарди. Исто како што се подразбира дека од страна на Грција, ќе има цврст поддржувач во овој нејзин обид, порача Дендиас.

Истакна дека посетата е во „земја сосед и набргу сојузник на Грција во НАТО" и во земја која очекува „да биде и партнер на Грција во Европската унија во не толку далечната иднина"./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Зеленски: Путин не сака да ризикува употреба на нуклеарно оружје, би ги загубил сојузниците

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема да ризикува да користи нуклеарно оружје бидејќи, како што изјави, тоа би можело да ги изгуби сојузниците.

Зеленски: Путин не сака да ризикува употреба на нуклеарно оружје, би ги загубил сојузниците

„Не мислам дека тие (Русите) ќе ризикуваат да користат нуклеарно оружје, бидејќи тогаш сигурно повеќе нема да имаат сојузници, убеден сум во тоа“, рече Зеленски во подкастот „Дневникот на еден извршен директор“, пренесува Укринформ.

Тој процени дека еднократната употреба на нуклеарно оружје ќе отвори можност за нивна употреба во други конфликти, што, како што изјави, би било катастрофално.

„Затоа не мислам дека Путин ќе ризикува да користи нуклеарно оружје“, рече Зеленски.

Украинскиот центар за борба против дезинформациите при Советот за национална безбедност и одбрана објави во јуни дека рускиот режим ги засилил нуклеарните закани, наведувајќи како пример статија во „Росијскаја газета“ во која отворено се залага за употреба на тактичко нуклеарно оружје на бојното поле за пробивање на одбраната на украинските сили.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Француски и британски авиони во заедничка вежба симулирале нуклеарен напад

Британски и француски борбени авиони летаа заедно над Медитеранот во нивната прва заедничка вежба со француските воздухопловни сили, соопшти Париз.

Француски и британски авиони во заедничка вежба симулирале нуклеарен напад

Двајцата сојузници се согласија во јули 2025 година да ја зајакнат соработката во врска со нивните нуклеарни арсенали како одговор на растечките закани со кои се соочува Европа, како и неизвесноста околу сојузот со САД под Доналд Трамп.

„Независните нуклеарни сили не ја исклучуваат координацијата“, нагласи француската министерка за вооружени сили, Катрин Вотрин.

„Нашата нуклеарна соработка со Обединетото Кралство продолжува да се продлабочува: во вторник вечерта, британските „тајфуни“ учествуваа за прв пат во француска нуклеарна вежба со борбени авиони „Рафал“.

Симулација на нуклеарен напад

По полетувањето од воздухопловната база Сен-Дизје во североисточна Франција, на француските авиони им се придружија борбени авиони „тајфуни“ на британските RAF, симулирајќи нуклеарен удар во вежба наречена „Рами“, објави француското Министерство за вооружени сили.

„Во еден сè поопасен свет, нашите противници не смеат да се сомневаат: Велика Британија и Франција стојат заедно во својата посветеност на европската безбедност и одвраќањето што го зачува мирот со генерации“, додаде британскиот министер за одбрана, Вес Стритинг.

Францускиот претседател Емануел Макрон во март објави дека Париз ќе го прошири својот нуклеарен арсенал и покрена иницијатива со која им нуди на европските партнери заеднички вежби и евентуално краткорочно распоредување на француски нуклеарно способни воздухопловни сили на нивна територија.

Франција троши околу 5,6 милијарди евра годишно за одржување на залихи од 290 нуклеарни оружја лансирани од подморници и од воздух. Тоа е четвртиот најголем арсенал во светот, пишува Ројтерс. Обединетото Кралство има 225 нуклеарни боеви глави, додека Русија и Соединетите Американски Држави имаат по повеќе од 5.000.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Со живот платиле бакнеж во чело- Саудиска Арабија егзекутира маж и жена поради непристијност

Саудиска Арабија погуби двајца државјани на Бангладеш обвинети за „непристојни дела“ во џамија во Мека.

Со живот платиле бакнеж во чело- Саудиска Арабија егзекутира маж и жена поради непристијност

Случајот предизвика јавен бес во Бангладеш и ја стави владата на земјата во незгодна позиција, бидејќи дозна за егзекуциите дури откако тие се случиле.

Според саудиското Министерство за внатрешни работи, мажот и жената биле погубени на 14 октомври во областа на Мека поради кршење на „светоста на џамијата“.

Министерството соопшти дека тие биле осудени според принципот на та'зир, дискрециона казна според исламскиот закон, а не однапред утврдена казна за одредено кривично дело. Се вели дека делото е сериозно, но не даваат детали.

Виралните тврдења на интернет сугерираат дека младенците биле егзекутирани затоа што се бакнувале во чело. Видео клип беше објавен и на социјалните медиуми. Министерството не ја откри јавно точната природа на делото, конкретната џамија или употребените докази.

Некои саудиски медиуми објавија дека тие биле обвинети за бакнување, додека висок бангладешки функционер изјави за The Telegraph дека тие се обвинети за „прељуба“.

Сепак, верзијата на настаните на саудиските власти беше оспорена од семејствата на жртвите. Во септември, саудиските власти споделија список од приближно 2.500 затвореници со Генералниот конзулат на Бангладеш во Џеда. На списокот немало индикации дека некој од двајцата е осуден на смрт.

Бангладеш побара од Саудиска Арабија да обезбеди целосни информации за случајот и судската постапка, но сè уште не добил одговор.

Се вели дека идентитетот на погубената жена е Суети Актер, 24, разведена жена од селото Мирзапур во округот Тангаил, Бангладеш. Таа патувала во Саудиска Арабија во 2023 година и работела како чистачка за групацијата Ал Маџал Ал Араби во Мека.

Мажот е идентификуван како Назрул Ислам, 22, од селото Бирампур во округот Брахманбарија. Уапсен е истиот ден како и Актер.

Тој патувал во Саудиска Арабија во ноември 2022 година и работел како чистач во Мека. Неговото семејство изјави за Телеграф дека тој се јавил дома шест месеци подоцна за да каже дека е уапсен и обвинет, без да даде детали.

Повеќе од 3,5 милиони луѓе од Бангладеш работат во Саудиска Арабија, претежно на ниско платени работни места, а нивните дознаки се од витално значење за економијата.

Кралството богато со нафта е најголемиот странски пазар на трудот во Бангладеш, а Дака сигнализираше дека сака да се приклучи на Меканскиот пакт, безбедносна група на Саудиска Арабија, Турција и Пакистан.

И покрај барањето одговори, Хумајун Кобир, помлад министер во Бангладеш, се чини дека ја прифати саудиската пресуда.

„Светоста на Куќата на Алах е света и луѓето патуваат во Мека со чисти намери“, рече тој. „Ако она што го слушнавме и дознавме за овој инцидент е вистина, тоа е природно исклучително жално и во никој случај не е прифатливо.“

Саудиска Арабија е критикувана на меѓународно ниво за употребата на смртна казна. Амнести интернешнл соопшти дека кралството егзекутирало рекорден број луѓе минатата година и дека егзекутирало околу 100 луѓе оваа година.

Многу од нив беа странци осудени за злосторства поврзани со дрога во судења што групата ги нарече крајно неправедни, при што на обвинетите честопати им беа одземени адвокати, преведувачи или соодветна конзуларна помош.

Амнести откри дека смртните казни за дискрециони злосторства познати како „та'зир“ сочинуваат најмалку 47,5% од егзекуциите помеѓу јануари 2014 и јуни 2025 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер