Премиерот Мицкоски оствари средба со Амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Агелер

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска 26.06.2024 година оствари средба со Амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Агелер.

На средбата беа разменети мислења и ставови за тековните политички и економски прашања, како и за напредокот на демократските процеси во земјата.

Претседателот Мицкоски ја истакна важноста на стратегиското партнерство помеѓу двете држави, потенцирајќи дека поддршката од американската страна е клучна за развојот и стабилноста на регионот.

Амбасадорката Агелер ја потврди посветеноста на САД за продолжување на одличната соработка со Македонија и изрази подготвеност за поддршка во клучните реформи и проекти што се предвидени во наредниот период.

Средбата заврши со согласност за натамошно зајакнување на билатералните односи и интензивирање на соработката во различни области од заеднички интерес.

Незаборавен концерт на Културното лето на Кисела Вода

Ѓорѓе Давид, Ивана Петерс и Бресквица одржаа незаборавен концерт на Културното лето на Кисела Вода.

Пред паркот во Расадник синоќа немаше празно место. Третата фестивалска вечер на Културното Лето 2024, обедини жанровски различни музички вкусови и покажа дека одличната забава по мерка на публиката и концертите за кои долго се раскажува и понатаму остануваат да бидат заштитен знак на на Општина Кисела Вода. Различните музички стилови по кои се познати главните ѕвезди на вечерата, Џорџе Давид, Ивана Петерс и Бресквица, беа врзани во интересен концепт, а настанот започна со македонските изведувачи- Андријана Петрушевска, Омер Џаферовски, Славица Ангелова и Александар Јосифовски. Џорџе Давид и Ивана Петерс донесоа одличен рок звук и хитови кои публиката ги дочека со огромни аплаузи. На сцената имаше и одлични дуети со македонските изведувачи. По нив следеше популарната Бресквица, која во моментот е една од најбараните пејачки, посебно кај помладата генерација. Од моментот кога се појави до бината, па се до самиот крај на концертот, публиката беше одушевена. Се играше и пееше во одлично расположение и атмосфера која ќе се памети. На настанот публиката ја поздрави градоначалникот Ѓорѓиевски кој им се заблагодари и на присутните и на изведувачите за одличната забава во очи денешниот роденден на Општина Кисела Вода и потенцираше дека со ваква сплотеност и убава енергија се испишува новата историја на Кисела Вода

-Среќа е кога сите сме на едно место и заеднички ја споделуваме. А вечерва, заедно со сите, како еден од вас покажавме колку сме горди на најубавата наша Кисела Вода. Ви благодарам на секој еден од вас - за сите стиснати раце, заедничките слики и прегратки за поддршка! Огромно благодарам на најзаслужните за оваа радост вечерва - Ѓорѓе Давид, Бресквица, нашата Андријана Петрушовска, неповторливата Ивана Петерс и сите ѕвезди кои вечерва ни го приредија ова. Знаете, испишуваме историја - Храброто срце на Скопје, Кисела Вода повторно живее! Продолжуваме утре, Суперхикс подготвуваат вистинско изненадување за сите вас! Се гледаме на најдобрата журка во Скопје-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски по што следеше голем огномет.

Вечерва прославата на двата родендена, 69-тиот на Општина Кисела Вода и 30-тиот на култниот бенд Суперхикс, започнува од 19 часот на истата локација, во паркот во Расадник. Предвидена е огромна журка со бројни гости на бендот како Дани Димитровска, Фолтин, Гоце Саф, Ја, Дека и Зека од Војводина, Битолски камерен оркестар, 21 век и многу други.

Фон дер Лајен на Инвестициска конференција во Египет

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе престојува во посета на Египет, каде ќе учествува на Инвестициската конференција ЕУ-Египет, што денеска и утре се одржува во Каиро. 

Предвидено е Конференцијата да започне со воведни обраќања на Фон дер Лајен и египетскиот претседател Абдел Фатах Ал-Сиси.

На Конференцијата се очекуваат околу 1.000 учесници, вклучително и египетски министри, претставници на ЕУ и европски финансиски институции и извршни директори од широк спектар компании од Унијата и Египет.

Како што соопшти Европската комисија, оваа Инвестициска конференција е првиот клучен резултат на Стратешкото и сеопфатно партнерство меѓу Египет и ЕУ, договорено од страна на Фон дер Лајен и Ал-Сиси во март 2024 година. Со партнерството се опфатени политички односи, економска стабилност, инвестиции и трговијата, миграцијата и мобилноста, безбедноста и демографијата и човечкиот капитал.

Конференцијата има за цел дополнително да ги промовира можностите за инвестирање во клучните сектори во Египет, како што се обновливите извори на енергија, циркуларната економија, фармацевтската, медицинската и автомобилската индустрија, земјоделството, производството на храна, снабдувањето со вода, иновациите и дигитализацијата, кои имаат потенцијал да придонесат за одржливиот развој и економската диверзификација на земјата.

На маргините на Конференцијата се очекува склучување на повеќе инвестициски спогодби меѓу европски и египетски компании, како и билатерални договори за соработка меѓу ЕУ и Египет за поттикнување на вработувањето и стручното оспособување, производството на вакцини, безбедноста на храната и одржлив развој.

За време на престојот во Каиро, Фон дер Лајен ќе биде придружувана од извршниот потпретседател на Европската комисија за економија во полза на луѓето Валдис Домбровскис и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

Домбровскис во име на ЕУ ќе го потпише Меморандумот за разбирање со Египет за краткорочна макрофинансиска помош од една милијарда евра за поддршка на египетската програма за економски реформи, чија цел е зајакнување на отпорноста и потенцијалите на египетската економија. Помошта е дел од пакетот од 7,4 милијарди евра што го најави Фон дер Лајен во март за поддршка на стратешкото и сеопфатно партнерство со Египет. /МИА

ЕУ ги дополни листите на санкционирани за поддршка на агресијата врз Украина

Советот на ЕУ донесе одлука да воведе санкции кон две физички и четири правни лица поради поддршка на руската агресија на Украина, како и кон шестмина поединци и три компании одговорни за финансирање на палестински терористички групи. 

Согласно првата одлука, на листата на санкционирани за „активности со кои се поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“ се додадени руските бизнисмени Дмитриј Белоглазов и Михаил Концерев и компаниите „Титул“, „Илијадис“, „Расперија“ и ПЈСЦ „ТрансКонтејнер“.

Според Советот на ЕУ, Белоглазов е одговорен за создавање сложена шема за заобиколување на санкциите воведени кон рускиот бизнисмен Олег Дерипаска. Имено, компанијата на Белоглазов, „Титул“ регистрирала своја подружница под името „Илијадис“, преку која е откупен уделот на Дерипаска во фирмата „Расперија“, која поседува акции во европската компанија „Страбаг СЕ“, чиј имот е замрзнат во рамки на режимот на рестриктивни мерки на ЕУ. Преку вака воспоставената шема Дерипаска успеал да ги продаде своите замрзнати средства во „Расперија“ и со тоа остварил економска корист.

Руска транспортна компанија ПЈСЦ „ТрансКонтејнер“, чиј генерален директор е Концерев, е најголем оператор на железнички контејнери во Русија и нејзините приходи се зголемиле во текот на 2023 година благодарение на транспорт на белоруски стоки и учеството во шеми за илегална трговија со оружје од Северна Кореја за потребите на руските сили.

На втората листа, пак, на санкционирани поради „финансирање на групите Хамас и Палестински исламски џихад или за помагање на нивните насилни акции“ се вклучени компаниите „Заваја Груп“, „Лариком фор Инвестмент“ и „Ал Заваја Груп“, сопственост на суданскиот бизнисмен Абделбасит Хамза Елхасан Мохамед Каир, кој е предмет на рестриктивни мерки на ЕУ од јануари 2024 година. Трите компании биле користени за затскривање и олеснување на финансиски трансакции за потребите на Хамас.

На оваа листа се додадени и членот на Палестинскиот исламски џихад и раководител на фондацијата „Мухџат Ал Кудс“, Џамил Јусуф Ахмад Алијан, акционерот и член на управните одбори на неколку компании преку кои се спроведуваат инвестициски активности за потребите на Хамас, Ахмед Шариф Абдалах Одех, бизнисменот Зухеир Шамлах кој овозможува финансиски трансфери од Иран до Хамас, членот на Политичкото биро на Хамас и претседател на Здружението на добротворни институции, Исмаил Бархум, шефот на Бирото на палестинската филијала на силите „Кудс“ - огранок на иранската Исламска револуционерна гарда, Али Моршед Ширази и членот на Политичкото биро на Хамас одговорен за координација на терористичките оперативци на групата на Западниот Брег, Махер Реби Обеид.

Примарна мисија на фондацијата „Мухџат Ал Кудс“, која е финансирана од Иран, е обезбедување финансиска поддршка за семејствата на борците и затворените припадници на групата Палестински исламски џихад. Здружението на добротворни институции на Бархум, пак, контролира околу 400 различи организации преку кои се префрлаат средства на Хамас.

На листата на физички и правни лица кои се предмет на рестриктивните мерки на ЕУ поради активности со кои се поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина сега се наоѓаат над 2.200 поединци и ентитети, додека поради финансирање и поддршка на Хамас и Палестинскиот исламски џихад се санкционирани вкупно 12 физички лица и три субјекти.

На санкционираните физички и правни лица им е замрзнат имотот во ЕУ, а на поединци и субјекти од Унијата им забрането да им доставуваат или ставаат на располагање финансиски средства и стоки. Дополнително на поединците опфатени со санкциите им е забранет влез во земјите членки на ЕУ или транзит низ нивна територија.

Одлуките за воведувањето на овие санкции веќе се објавени во Службениот весник на Европската Унија. /МИА

притисни ентер