ЕУ ги дополни листите на санкционирани за поддршка на агресијата врз Украина

Советот на ЕУ донесе одлука да воведе санкции кон две физички и четири правни лица поради поддршка на руската агресија на Украина, како и кон шестмина поединци и три компании одговорни за финансирање на палестински терористички групи. 

Согласно првата одлука, на листата на санкционирани за „активности со кои се поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“ се додадени руските бизнисмени Дмитриј Белоглазов и Михаил Концерев и компаниите „Титул“, „Илијадис“, „Расперија“ и ПЈСЦ „ТрансКонтејнер“.

Според Советот на ЕУ, Белоглазов е одговорен за создавање сложена шема за заобиколување на санкциите воведени кон рускиот бизнисмен Олег Дерипаска. Имено, компанијата на Белоглазов, „Титул“ регистрирала своја подружница под името „Илијадис“, преку која е откупен уделот на Дерипаска во фирмата „Расперија“, која поседува акции во европската компанија „Страбаг СЕ“, чиј имот е замрзнат во рамки на режимот на рестриктивни мерки на ЕУ. Преку вака воспоставената шема Дерипаска успеал да ги продаде своите замрзнати средства во „Расперија“ и со тоа остварил економска корист.

Руска транспортна компанија ПЈСЦ „ТрансКонтејнер“, чиј генерален директор е Концерев, е најголем оператор на железнички контејнери во Русија и нејзините приходи се зголемиле во текот на 2023 година благодарение на транспорт на белоруски стоки и учеството во шеми за илегална трговија со оружје од Северна Кореја за потребите на руските сили.

На втората листа, пак, на санкционирани поради „финансирање на групите Хамас и Палестински исламски џихад или за помагање на нивните насилни акции“ се вклучени компаниите „Заваја Груп“, „Лариком фор Инвестмент“ и „Ал Заваја Груп“, сопственост на суданскиот бизнисмен Абделбасит Хамза Елхасан Мохамед Каир, кој е предмет на рестриктивни мерки на ЕУ од јануари 2024 година. Трите компании биле користени за затскривање и олеснување на финансиски трансакции за потребите на Хамас.

На оваа листа се додадени и членот на Палестинскиот исламски џихад и раководител на фондацијата „Мухџат Ал Кудс“, Џамил Јусуф Ахмад Алијан, акционерот и член на управните одбори на неколку компании преку кои се спроведуваат инвестициски активности за потребите на Хамас, Ахмед Шариф Абдалах Одех, бизнисменот Зухеир Шамлах кој овозможува финансиски трансфери од Иран до Хамас, членот на Политичкото биро на Хамас и претседател на Здружението на добротворни институции, Исмаил Бархум, шефот на Бирото на палестинската филијала на силите „Кудс“ - огранок на иранската Исламска револуционерна гарда, Али Моршед Ширази и членот на Политичкото биро на Хамас одговорен за координација на терористичките оперативци на групата на Западниот Брег, Махер Реби Обеид.

Примарна мисија на фондацијата „Мухџат Ал Кудс“, која е финансирана од Иран, е обезбедување финансиска поддршка за семејствата на борците и затворените припадници на групата Палестински исламски џихад. Здружението на добротворни институции на Бархум, пак, контролира околу 400 различи организации преку кои се префрлаат средства на Хамас.

На листата на физички и правни лица кои се предмет на рестриктивните мерки на ЕУ поради активности со кои се поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина сега се наоѓаат над 2.200 поединци и ентитети, додека поради финансирање и поддршка на Хамас и Палестинскиот исламски џихад се санкционирани вкупно 12 физички лица и три субјекти.

На санкционираните физички и правни лица им е замрзнат имотот во ЕУ, а на поединци и субјекти од Унијата им забрането да им доставуваат или ставаат на располагање финансиски средства и стоки. Дополнително на поединците опфатени со санкциите им е забранет влез во земјите членки на ЕУ или транзит низ нивна територија.

Одлуките за воведувањето на овие санкции веќе се објавени во Службениот весник на Европската Унија. /МИА

ЈП „Лајка“: Скопските општини не ги плаќаат средствата за кои имаат обврска

Скопските општини не ги плаќаат средствата за кои имаат обврска, заглавени сме во стари долгови.

Проблемот со бездомните кучиња за кој се почесто се говори не може да се надмине без системско решение, а законот со кој треба да се регулира несовесното сопствеништво и граѓаните што фрлаат миленици повеќе од четири години е во процедура за донесување. Јавната свест за вдомување во Македонија е ниска, јавното претпријатие „Лајка“ кое треба да ги стерилизира е заглавено во стари долгови, бидејќи единствениот буџет кој го има е од Град Скопје, а скопските општини скоро воопшто не ги плаќаат средствата за кои имаат обврска да ги исплаќаат.

Годишно секоја од скопските општини има обврска да исплати по два милиони денари за ЈП „Лајка“, а тие тоа не го прават. Како за пример од вкупно 10 општини во 2022 година средства исплатиле само 3, а за да има резултати Лајка треба да постапува во сите 10 општини. Ако сите општини си ги исполнуваат обврските, претпријатието ќе биде поефикасно. За жал сега штетата за каснување на територија на овие општини ја плаќаат ЈП „Лајка“ и градот Скопје, а општините своите финансиски обврски не ги исплаќаат. Доколку сите 10 скопски општини си ги плаќаат обврските, претпријатието ќе работи сигурно и одржливо, а со тоа би се решил и проблемот со исплаќање оштети за каснување од бездомно куче.

Исто така состојбата се влошува со носењето на голем број бездомни кучиња со комбиња од другите градови во Скопје, затоа што на другите општини тоа им е најлесен и најевтин начин за справување со проблемот. За овој проблем има и пријави до Министерството за внатрешни работи, но досега нема никава интервенција од полицијата.

Дополнителен проблем се и селските кучиња кои имаат неодговорни сопственици и кои ги пуштат слободно се парат. Без соодветно законско решение за регулирање на сопствеништвото сопствениците ниту мораат да ги регистрираат, ниту плаќаат пенали за штетата што ја предизвикуваат.

ЈП „Лајка”

Мицкоски: Преспа е реалност, Договорот за добрососедство е веќе репреговаран

Преспа е реалност, Договорот за добрососедство е веќе репреговаран со „францускиот предлог“, кон него може да се додаде и друг предлог со македонските барања.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Преспанскиот договор е реалност и дел од уставниот и правниот поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран, со додадавањето на т.н. „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени, поради што, како што рече, не гледа причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог, што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.

Ова го изјави денеска Мицкоски коментирајќи ја изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, која во интервју за Радио Слободна Европа рече дека одновно преговори нема ниту за Преспа, ниту со Бугарија за ЕУ, тие договори се веќе направени и нема одново преговарање за напредок кон ЕУ.

-Што се однесува до Преспа ние уште пред многу години го имаме кажано нашиот став, а тоа е дека тој договор е реалност и е дел од уставниот и правниот поредок на Македонија како држава и тука никој не треба да има никаква дилема, а што се однесува во уставните измени, кои се дел од т.н. француски предлог, кој што е додаток на Договорот за добрососедство, односно репреговарање на Договорот за добрососедство и во однос на тоа нашиот став го знаете дека диктати и ултиматуми не преговараме, така што ако може Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. „француски предлог“ не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог, кој ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на поставување камен темелник на нова детска градинка во Бутел.

Мицкоски нагласи дека не може да водат политика на двојни стандари и оти ако се бара промена на Уставот за неколку стотини наши сограѓани, кои се декларираат како Бугари, тогаш треба да се земат предвид и правата на Македонците во Бугарија.

-Не можеме да водиме политика на двојни стандарди, ако бараме промена во Уставот во Македонија за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, тогаш треба да видиме што станува со оние граѓани кај нашиот источен сосед, кои што велат дека се дел од македонската заедница. Треба да си го поставиме прашањето зошто тие бараат да бидат дел од македонскиот Устав, дали нечии човекови права се загрозени. Ако е така тогаш треба да видиме во Европа, која е таа институција која е одговорна да донесе одлука, чии човекови права се нарушени или не се. Тоа е Европскиот суд за човекови права и ако ја погледнете денеска ситуацијата или спортски да се изразам семафорот ќе видите резултат 14:0, односно имате 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија, чии што права се или ограничени или нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија. Така што мораме да имаме политика, која не се темели на двојни стандарди. Таква политика води оваа нова влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и се додека сум јас претседател немам намера да водам политика на двојни аршини, рече Мицкоски.

Тој ги окарактеризира како чудни изјавите, кои доаѓаат од официјална Софија, особено од претседателот Радев, кој, како што рече дава изјави кои повеќе прилегаат на средниот век, отколку на 21, век.

-Човекот политичар, кој во 21. век за себе вели дека е европски политичар, а на голема сцена ги укинува човековите права на една заедница, која во средината на минатиот век беше дел од пописната листа кај нашиот источен сосед, македонската заедница, вели дека ние сме биле против бугарската заедница. Никој не е против бугарската заедница, ние ги почитуваме тие неколку стотина наши сограѓани, кои велат дека се дел од бугарската заедница, но бараме од претедателот на Бугарија да ги почитува малцинските и човековите права на македонската заедница, рече Мицкоски.

Агелер во интервјуто посочи дека граѓаните од новата Влада треба да бараат транспарентност и справување со корупцијата, нагласувајќи дека секогаш постои ризик од влез на корозивен капитал и дека власта треба да одговори на сите прашања.

-Да бидам многу јасна, Договорот од Преспа беше апсолутно историски за државата. Знам дека беше исклучително тешко за многу луѓе во државата да прифатат промена на името. Но тоа беше меѓународен договор, со кој тогашната влада и многу во меѓународната заедница се согласија. Ние секако бевме дел од тој процес и ние аплаудиравме. Тоа е нешто што и помогна на Северна Македонија, сега да влезе во НАТО, и доби многу можности за да напредува во Европската Унија. Бевме многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа “Северна“ во заклетвата.Тоа е од клучна важност и е фундаментален дел од Договорот. Сега многу внимателно ќе следиме како се почитува. Но како што веќе кажав и кажавме дека со почитување на Договорот од Преспа, што е клучно, и секако има начин, и приоритетот за нас во Скопје, во Американската амбасада и за Вашингтон, е да се премине на многу од тие многу важни приоритети за кои треба да се зборува оваа земја. Чувствувам дека има одредено количество на одвлекување на вниманието и собирање поени од тоа кој и што и кога кажал. Но важно е да се почитуваат меѓународните договори, за кои премиерот кажа дека ќе го стори и да одиме напред и да ги имаме многу важните разговори, изјави Агелер.

Европска диплома доделена на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска

Град Скопје го доби признанието Европска диплома, кое го доделува Парламентарното Собрание на Советот на Европа во Стразбур, како награда за промовирањето на европскиот идеал и исклучителна меѓународна соработка и активности. 

Европската диплома во Палатата на Европа во Стразбур, се доделува од 1955 година и од нејзиното отпочнување до денес, градот Скопје е прва општина од Македонија која го добива ова признание.

Европската Диплома и беше доделена на Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како признание за особена активност во промовирањето на Eвропскиот идеал и вредности. Тоа што ја издвои нашата апликација од стотиците кои ги оценува и избира Парламентарното Собрание на Советот на Европа се многубројните проекти со збратимените градови, активностите со европските градови, соработката и партнерства кои вклучуваат размени во образованието, младинска работа и културни активности. Бројните Европски настани вклучуваат учество во Европската недела на локална демократија, учеството во меѓународните хуманитарни акции како одраз на солидарност и членството во европските и меѓународни организации.

Град Скопје

притисни ентер