Премиерот Мицкоски оствари средба со Амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Агелер

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска 26.06.2024 година оствари средба со Амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Агелер.

На средбата беа разменети мислења и ставови за тековните политички и економски прашања, како и за напредокот на демократските процеси во земјата.

Претседателот Мицкоски ја истакна важноста на стратегиското партнерство помеѓу двете држави, потенцирајќи дека поддршката од американската страна е клучна за развојот и стабилноста на регионот.

Амбасадорката Агелер ја потврди посветеноста на САД за продолжување на одличната соработка со Македонија и изрази подготвеност за поддршка во клучните реформи и проекти што се предвидени во наредниот период.

Средбата заврши со согласност за натамошно зајакнување на билатералните односи и интензивирање на соработката во различни области од заеднички интерес.

Данска ќе воведе данок за сточарите поради стакленички гасови што ги испуштаат нивните крави...

Данска ќе ги одданочува сточарите поради стакленички гасови што ги испуштаат нивните крави, овци и свињи од 2030 година, и е првата земја што ќе го стори тоа. 

Ова е дел од амбициите на Копенхаген да постигне јаглеродна неутралност што е можно поскоро.

Од Владата на оваа скандинавска земја сметаат дека добитокот е главен извор на емисиите на метан кој се смета за еден од најмоќните гасови кои придонесуваат за глобалното затоплување.

„Во оваа фаза, целта е да се намалат емисиите на стакленички гасови во Данска за 70 отсто споредено со нивоата од 1990 година до 2030 година“, објасни министерот за даноци Јепе Брус.

Од 2030 година, данските сточари ќе се оданочуваат со 300 круни (40 евра) по тон еквивалент на јаглерод диоксид во 2030 година. Данокот ќе се зголеми на 750 круни (100 евра) до 2035 година. вистинската цена по тон ќе започне од 120 круни (15 евра) и ќе се зголеми на 300 круни до 2035 година.

Иако јаглерод диоксидот обично добива поголемо внимание за неговата улога во климатските промени, метанот заробува околу 87 пати повеќе топлина во период од 20 години, според американската Национална океанска и атмосферска администрација.

Нивоата на метан што се испушта од извори, вклучително и депониите, системите за нафта и природен гас и добитокот се зголемија особено брзо од 2020 година. Производството на добиток е одговорно за околу 32 отсто од емисиите на метан предизвикани од човекот, се наведува во Програмата за животна средина на Обединетите нации.

„Ќе направиме голем чекор поблиску да станеме климатски неутрални во 2045 година“, рече Брус, додавајќи дека Данска „ќе биде првата земја во светот што ќе воведе вистински данок на јаглерод за земјоделството“ и се надева дека другите земји ќе го следат примерот.

Нов Зеланд донесе сличен закон што треба да стапи на сила во 2025 година.

Замениците министри ќе бидат познати до крајот на неделава

Замениците министри ќе бидат познати до крајот на неделава, на владина седница утре укинување на економските директори.

Владата на седница утре на дневен ред ќе го има законот за укинување на економските директори во здравствените установи, што беше најавено и од министерот за здравство Арбен Таравари пред една недела.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со законот што утре ќе биде на владина седница се укинуваат организациските места или т.н. економски директори во здравствените установи, односно, рече тој, „ставаме точка на дуализмот.“

-Мора да имаме едно лице коешто ќе биде одговорно и едно лице коешто ќе има обврски, права, но и одговорности пред граѓаните. Вака бевме сведоци на префрлање на обврските и на одговорностите и практично не можевме да локализираме јасно каде е одговорноста. Сега, со овој потег, јасно ќе знаеме каде е локализирана одговорноста, рече Мицкоски нагласувајќи дека во државава помалку ќе има над стотина функционери „коишто се на товар на граѓаните“.

Соопшти дека „многу скоро од денеска ќе биде ребалансот на буџетот во Парламентот“, до крајот на оваа недела ќе бидат познати замениците министри, а на прашањето да открие нови именувања на директори, одговори дека „неколку часа од денеска ќе имаме нови именувања“. Исто така, на дневен ред на Владата, рече, ќе дојде и Законот за локална самоуправа.

Премиерот информираше и дека се подготвува и законско решение за игрите на среќа, кое рече, ќе подразбира најпрво ревидирање на сите согласности дадени од претходната Влада.

-Бидејќи ние сме длабоко убедени дека тука законите се прекршени и некој треба да има одговорност за тоа што ги прекршил законите затоа што мора неказнивоста да ја оставиме во минатото. Секој оној којшто ги прекршил законите и Уставот мора да одговара и тука не треба да имаме никакви дилеми... Второ, треба да го ревидираме пристапот, односно начинот на оданочување, начинот на услови, местоположба итн. Така што, тоа ќе биде едно поопфатно законско решение, кое ќе биде секако поправично, додаде Мицкоски.

ЈП „Лајка“: Скопските општини не ги плаќаат средствата за кои имаат обврска

Скопските општини не ги плаќаат средствата за кои имаат обврска, заглавени сме во стари долгови.

Проблемот со бездомните кучиња за кој се почесто се говори не може да се надмине без системско решение, а законот со кој треба да се регулира несовесното сопствеништво и граѓаните што фрлаат миленици повеќе од четири години е во процедура за донесување. Јавната свест за вдомување во Македонија е ниска, јавното претпријатие „Лајка“ кое треба да ги стерилизира е заглавено во стари долгови, бидејќи единствениот буџет кој го има е од Град Скопје, а скопските општини скоро воопшто не ги плаќаат средствата за кои имаат обврска да ги исплаќаат.

Годишно секоја од скопските општини има обврска да исплати по два милиони денари за ЈП „Лајка“, а тие тоа не го прават. Како за пример од вкупно 10 општини во 2022 година средства исплатиле само 3, а за да има резултати Лајка треба да постапува во сите 10 општини. Ако сите општини си ги исполнуваат обврските, претпријатието ќе биде поефикасно. За жал сега штетата за каснување на територија на овие општини ја плаќаат ЈП „Лајка“ и градот Скопје, а општините своите финансиски обврски не ги исплаќаат. Доколку сите 10 скопски општини си ги плаќаат обврските, претпријатието ќе работи сигурно и одржливо, а со тоа би се решил и проблемот со исплаќање оштети за каснување од бездомно куче.

Исто така состојбата се влошува со носењето на голем број бездомни кучиња со комбиња од другите градови во Скопје, затоа што на другите општини тоа им е најлесен и најевтин начин за справување со проблемот. За овој проблем има и пријави до Министерството за внатрешни работи, но досега нема никава интервенција од полицијата.

Дополнителен проблем се и селските кучиња кои имаат неодговорни сопственици и кои ги пуштат слободно се парат. Без соодветно законско решение за регулирање на сопствеништвото сопствениците ниту мораат да ги регистрираат, ниту плаќаат пенали за штетата што ја предизвикуваат.

ЈП „Лајка”

притисни ентер