Замениците министри ќе бидат познати до крајот на неделава

Замениците министри ќе бидат познати до крајот на неделава, на владина седница утре укинување на економските директори.

Владата на седница утре на дневен ред ќе го има законот за укинување на економските директори во здравствените установи, што беше најавено и од министерот за здравство Арбен Таравари пред една недела.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со законот што утре ќе биде на владина седница се укинуваат организациските места или т.н. економски директори во здравствените установи, односно, рече тој, „ставаме точка на дуализмот.“

-Мора да имаме едно лице коешто ќе биде одговорно и едно лице коешто ќе има обврски, права, но и одговорности пред граѓаните. Вака бевме сведоци на префрлање на обврските и на одговорностите и практично не можевме да локализираме јасно каде е одговорноста. Сега, со овој потег, јасно ќе знаеме каде е локализирана одговорноста, рече Мицкоски нагласувајќи дека во државава помалку ќе има над стотина функционери „коишто се на товар на граѓаните“.

Соопшти дека „многу скоро од денеска ќе биде ребалансот на буџетот во Парламентот“, до крајот на оваа недела ќе бидат познати замениците министри, а на прашањето да открие нови именувања на директори, одговори дека „неколку часа од денеска ќе имаме нови именувања“. Исто така, на дневен ред на Владата, рече, ќе дојде и Законот за локална самоуправа.

Премиерот информираше и дека се подготвува и законско решение за игрите на среќа, кое рече, ќе подразбира најпрво ревидирање на сите согласности дадени од претходната Влада.

-Бидејќи ние сме длабоко убедени дека тука законите се прекршени и некој треба да има одговорност за тоа што ги прекршил законите затоа што мора неказнивоста да ја оставиме во минатото. Секој оној којшто ги прекршил законите и Уставот мора да одговара и тука не треба да имаме никакви дилеми... Второ, треба да го ревидираме пристапот, односно начинот на оданочување, начинот на услови, местоположба итн. Така што, тоа ќе биде едно поопфатно законско решение, кое ќе биде секако поправично, додаде Мицкоски.

Пиоли блиску до назначување во Ал-Итихад

Поранешниот тренер на Милан, Стефано Пиоли би можел да го преземе Ал-Итихад од Саудиска Арабија, објави новинарот Џанлука Ди Марцио.

Според информациите кои доаѓаат од Италија, двете страни се многу блиску до завршување на преговорите. Конечните детали може да се договорат во текот на денов.

Шеесет и петгодишниот Италијанец го напушти Милан на крајот од сезоната 2023/24.

Под водство на Пиоли, „Росо-нерите“ ја освоија италијанската Серија А во сезоната 2021/22. /МИА

Претседателските избори во Тунис ќе се одржат на 6 октомври

Претседателските избори во Тунис ќе се одржат на 6 октомври, соопшти денеска шефот на државата Каис Сајед, кој е на власт од 2019 година, а чиј петгодишен мандат истекува наесен.

„Претседателот на Републиката донесе указ со кој ги повикува гласачите да гласаат на претседателските избори во недела на 6 октомври 2024 година“, се вели во соопштението на Претседателството.

Сајед се уште не објави дали ќе се кандидира за нов мандат на овие избори, наведуваат светските агенции. Тој си обезбеди овластувања на 25 јули 2021 година, откако го разреши премиерот и ја замрзна работата на Парламентот.

Во летото 2022 година, нареди усвојување на нов устав со референдум, со што се создаде нова дводомна структура на Парламентот со многу ограничени овластувања, вклучувајќи ги и Собранието на народните претставници и Националниот совет на региони и региони.

По овие уставни измени, Тунис премина од парламентарен во претседателски систем на управување./МИА

УНРВА: Најмалку 250.000 лица ќе бидат принудени да го напуштат Кан Јунис

Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа на палестинските бегалци (UNRWA) процени дека 250.000 лица ќе бидат принудени да го напуштат Кан Јунис, откако израелските власти издадоа нова наредба за евакуација на градот.

„Само неколку недели откако луѓето беа принудени да се вратат во опустошениот Кан Јунис, израелските власти издадоа нови наредби за евакуација на областа. Повторно, семејствата се соочуваат со принудно раселување. Проценуваме дека 250.000 лица ќе мора да побегнат. Иако никаде не е безбедно во Газа “, напиша УНРВА на мрежата Х.

Пред само неколку недели, Кан Јунис беше напуштен откако израелските напади оштетија или уништија куќи и згради.

-Тоа е уште еден удар за луѓето и семејствата. Се чини дека тие се насилно раселени повторно и повторно, рече високата офицерка за комуникации во УНРВА, Луиз Вотериџ./МИА

притисни ентер