Поранешниот светски рекет број 1 Мугуруза се пензионира

Шпанската тенисерка Гарбине Мугуруза објави дека се повлекува од професионалниот тенис.

Во јануари 2023 година, спортистката објави дека паузира од кариерата.

- Исклучително сум им благодарна на сите луѓе кои ми помогнаа и ме придружуваа на овој пат. Сега сум подготвена да започнам ново поглавје во мојот живот, кое веројатно ќе биде некако поврзано со тенисот и спортот“, рече Мугуруза на прес-конференција во Мадрид.

Триесетгодишната Шпанка е поранешен светски рекет број еден. За време на нејзината кариера, таа освои два Грен слем турнири во сингл (Ролан Гарос 2016 и Вимблдон 2017). Вкупно има 15 ВТА титули (десет од нив во сингл). /МИА

Во Крушево се одбележуваат 44 години од раѓањето на Тоше Проески

Со програма насловена „Ангел си ти“ денеска на Гумење во Крушево ќе биде одбележан 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески.

Со програма насловена „Ангел си ти“ денеска на Гумење во Крушево ќе биде одбележан 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.

Бројни фанови и поддржувачи на Тоше од земјава и странство ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење, а ќе го посетат и Спомен домот „Тодор Проески“ каде се наоѓаат неговите лични работи кои вечно го будат споменот за него. Неговите фанови велат дека Тоше има само ден на раѓање.

Од 9 до 16 часот во Спомен домот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција, а во 11:15 часот, во времето кога Тоше се родил, бројни делегации и фанови ќе положат цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење.

Во Крушево ќе присуствува и министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој откако ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на Тоше, ќе го посети и Спомен домот на Тоше.

Напладне во Спомен домот на Тоше, младите пејачи Нела Манческа, Дорис Димовска и бендот „Лок даун“ ќе изведат негови песни, а ќе настапат и вокалната формација „Оренда“ и вокалниот состав „Графити“ од Домот на културата „Напредок-1869“ од Горна Орјаховица, Бугарија, под раководство на Аделина Колева.

Петнаесетгодишник управувал со автомобил во кој е пронајдено оружје, поведена истрага

Петнаесетгодишник управувал со автомобил во кој е пронајдено оружје, поведена истрага против таткото.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Истрагата, како што информираат од ЈОРСМ, е поведена бидејќи осомничениот во неговиот автомобил Ауди А8 неовластено држел огнено оружје и муниција – два пиштоли, едниот со калибар 7,65мм, а другиот со калибар 9мм со по четири куршуми за секој од нив. Во автомобилот бил пронајден уште еден пиштол за кој осомничениот имал дозвола за поседување со осум куршуми и уште два сигнални пиштоли.

- Оружјето било пронајдено во автомобилот што го управувал малолетниот син на осомничениот. Детето кое месецов наполнило 15 години било запрено од полицијата додека возело во Волково во вечерните часови на 23 јануари, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот татко – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице, одземање на патната исправа, одземање на возачката дозвола, но и забрана за неговиот малолетен син, други малолетни лица или други неовластени лица да имаат пристап во просторија или во домот каде што има огнено оружје.

Промоција на нови полициски службеници

 Во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово денеска ќе се одржи свечена промоција на новите полициски службеници - генерација 2024-2025.

На промоцијата, како што соопшти МВР, ќе се обратат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и помошник министерот на Центарот за обука на МВР, Влатко Митковски.

притисни ентер