Пописот и Ковид-19: Пандемијата ја засили потребата од модернизација на пописите во светот

Република Македонија не е единствената држава во која се спроведува „пандемиски" попис.

На Балканот, во моментов, во тек е попис на населението во Бугарија и во Хрватска. Некои држави ширум светот решија да го одложат пописот и да го спроведат следната или во 2023 година. ООН предупредуваат дека новите, наметнати услови од пандемијата можат да влијаат врз квалитетот на пописните податоци. Едновремено, сметаат дека Препораките за попис на Конференцијата на европските статистичари, треба да се прошират со препораки за непредвидени ситуации, како што е пандемијата од Ковид-19, и да се бараат соодветни начини процесот на попишување непречено да се реализира, модернизира и унапредува.

Предностите на електронскиот попис во услови на пандемија

Кога во март 2020 година беше прогласена пандемијата од Ковид – 19, подготовките за попис на населението во многу држави беа во полн ек. Во некои земји, попишувачите веќе беа на терен, додека други беа во поодминати фази на планирање на пописот на населението. Поради бројни проблеми, а најмногу заради карантинот и строгите здравствени мерки, дел од државите одлучија да го одложат пописот на неопределно време, а дел го пролонгираа или за неколку месеци, или за една до две години.

Економската комисија за Европа при Обединетите нации (УНЕЦЕ), во почетокот на годинава ја објави студијата „Спроведување на пописот на населението и домовите во време на пандемијата од Ковид-19". Во студијата се анализираат влијанијата на пандемијата во 2020 година врз сите аспекти на пописите, од собирање на податоци до комуникација со јавноста.

Во истражувањето на УНЕЦЕ учествувале 52 држави-членки и генерален заклучок е дека земјите кои користат посовремени, електронски пристапи за попишување на населението се помалку погодени од пандемијата, за разлика од државите кои имаат традиционални техники на попишување.

Поради стравувањата дека пандемијата може да ги „искриви" податоците, 15 европски држави од вкупниот број држави кои учествувале во истражувањето, решиле да го одложат пописот. Во регионов, Србија, Албанија, Косово и Црна Гора планираат попис на населението во 2022, додека Босна и Херцеговина се подготвува за попис во 2023 година. Во моментов, пак, во тек е попис на населението во Бугарија и во Хрватска.

Во Хрватска, за прв пат оваа година се реализира попис на населението по електронски пат и тоа, во две фази. Во првата фаза, од 13 до 26 септември, се реализира самопопишување на граѓаните преку електронска апликација „е-Граѓани", додека втората фаза, која ќе трае од 27 септември до 17 октомври, ќе се спроведува на терен, преку „класично" попишување на граѓаните кои не се самопопишале во првата фаза. Попишувачите ќе вршат и теренска проверка на првата фаза од пописот.

Во Бугарија, на 7 септември започна електронски попис на населението, а од 18 септември до 3 октомври, пописот ќе се спроведува на терен. Оние што ќе одбијат да учествуваат во пописот ќе бидат казнети со 160 лева (80 евра). Националниот институт за статистика на Бугарија повикува што е можно повеќе луѓе да се пребројат по електронски пат, најмногу заоради недостигот од попишувачи, особено во големите градови и населби. Пописот во Бугарија иницијално требаше да се спроведе во јануари и февруари годинава, но заради пандемијата од Ковид-19, беше пролонгиран за почетокот на септември.

И во други држави во светот, годинава се реализираат пописи на населението, како на пример, во Англија, Велс и Австралија.

Попис со посебни здравствени протоколи

Кај нас, пописот на населението, домаќинствата и становите за прв пат се спроведува преку комбиниран метод односно се користат два извори на податоци: теренско попишување преку директни интервјуа со граѓаните и претпописна електронска база.

Бидејќи пописот се одвива на терен, физичкиот контакт на лицата кои се попишуваат и попишувачите е неминовен. За да се овозможи безбедно и непречено одвивање на процесот на попишување во време на пандемија, Комисијата за заразни болести подготви специјален протоколот за сроведување на пописот.

Попишувачите, меѓу другото, задолжително носат заштитни маски за лице, средство за дезинфекција и мора да држат растојание од анкетираните, од најмалку 1,5 до 2 метри.

– Има домаќинства кои бараат од попишувачите да покажат сертификат, а кај оние домаќинства кои инсистираат да им дојде вакциниран попишувач, Комисијата веднаш испраќа имунизиран попишувач. Меѓутоа, временските прилики одат во прилог и попишувањето се одвива надвор или пред вратите на становите, велат од Државниот завод за статистика.

Според ДЗС досега има мал број попишувачи кои за време на пописот се заразиле со коронавирусот, додека ниту еден од попишаните граѓани не се пожалил на прекршување на протоколите, ниту пак, некој пријавил симптоми после попишувањето.

– Досега имаме пријавено 3 случаи на Ковид-позитивни попишувачи. Тие се навремено изолирани и нема ширење на заразата кај нивни контакти, нагласуваат од ДЗС.

Попишувачите добиваат и посебни насоки за попишување на лицата кои во моментов се заболени од Ковид-19 и на граѓаните кои се наоѓаат во изолација. За да може навремено и соодветно да се планира попишувањето, Државниот завод за статистика, на дневна основа, директно преку системот „Мој термин", добива информации за заболените и изолираните граѓани.

– Ковид-19 нема да има влијание врз резултатите од пописот бидејќи сите случаи на позитивни, во изолација или карантин се евидентираат на дневна основа, се води сметка за траењето на нивната изолација и попишувачите ги посетуваат тие лица во моментот кога ќе биде безбедно за сите, објаснуваат од ДЗС.

Лицата кои се позитивни на Ковид-19 и кај кои изолацијата нема да заврши до 30 септември, ќе бидат телефонски контактирани и ќе се договорат условите за нивно попишување односно ќе се договори некое нивно блиско лице да ги достави податоците до ДЗС.

Пандемијата може да вијае врз пописните податоци

Пандемијата има силно влијание врз секојдневието на луѓето и нивното место на работење и живеење. УНЕЦЕ предупредува дека новите, наметнати услови од пандемијата можат да влијаат врз точниот број на локалното население, бидејќи многу луѓе во моментов, живеат, работат и студираат на различни локации во споредба со периодот пред пандемијата.

„ Селската „куќа за одмор" вообичаено е наменета за граѓаните од градовите, а сега таквите домови поради карантините, можеби станале место за долгорочно живеење. Или пак, можно е дел од луѓето кои сега работат од дома, така да продолжат и по завршување на пандемијата", пишува во анализата на УНЕЦЕ.

Голем дел од луѓето можеби нема да се попишат поради карантин или изолација. На пописот можат да влијаат и одредени мерки кои државата ги презема за да ја контролира пандемијата. Ова ја вклучува мобилноста на населението, местото каде работат и студираат луѓето.

Имајќи го сето ова предвид, во студијата на УНЕЦЕ се констатира дека пандемијата може да влијае врз квалитетот на информациите добиени од пописите на населението.

Кога ќе имаме електронски попис?

Во државава нема сеопфатни регистри на населението и во овој момент не е можен исклучиво електронски попис. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека најпосакуваната варијанта е електронски попис и дека таа нема да „чини ниту еден денар". Но, според него, постојат неколку причини зашто во моментов не е можно да се спроведе електронски попис во државава.

Главната причина, истакнува Симовски, е тоа што немаме целосно воспоставен адресен регистaр, а во попис се тргнува токму од адресата, односно од местото на вообичаено живеење на граѓаните.

Бидејќи голем број граѓани не живеат на местата што им се впишани во личните карти, со електронски попис, во моментов би се добиле неточни податоци за внатрешните миграции и населеноста. Огромен број лица не живеат на адресата која е во нивните документи и со попис базиран на постојните регистри, ќе имаме несоодветна територијална дистрибуција, вели Симовски и како пример го посочува Скопје, град во кој живеат многу повеќе луѓе отколку што е тоа наведено во личните документи.

Тој се надева дека следниот попис ќе биде електронски и како добар пример ја наведува Словенија, во која пописни податоци се подготвуваат на секои три месеци и притоа, за таа активност се ангажирани само три лица. Повеќето земји соочени со пандемијата решија да го иновираат процесот на попис, но многу од нив доцнат со модернизацијата.

Од вкупно 52 европски држави-членки вклучени во студијата на УНЕЦЕ, 22 се уште спроведуваат традиционален попис, односно теренски, 16 имаат комбиниран процес кој вклучува интервјуа „лице в лице", 13 земји вршат попишување врз основа на регистар, а една земја има континуиран попис.

УНЕЦЕ заклучува дека пандемијата од Ковид-19 додаде нова димензија и поголемо ниво на сложеност при спроведување на пописот на населението и тоа, на начин кој тешко можеше да се предвиди. Поради ова, УНЕЦЕ смета дека во Препораките за попис на Конференцијата на европските статистичари, треба да се додадат препораки за непредвидени ситуации, и да се бараат соодветни начини процесот на попишување непречено да се реализира, модернизира и унапредува. /МИА.

Кралот Чарлс не го покани Хари со семејството на семејната прослава на Божик

Британското кралско семејство очигледно ќе помине уште еден одмор одвоено и без принцот Хари и Меган Маркл.

Според извори запознаени со настаните во Бакингемската палата, британскиот крал Чарлс Трети нема да ги покани војводата и војвотката од Сасекс на овогодинешната семејна Божиќна прослава, која традиционално се одржува во Сандригам (Норфолк).

"Принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл се очекува да ги поминат празниците во САД. Тие не учествуваат на семејна божиќна прослава од 2018 година. Таа година парот се венча", објави магазинот Пипл.

Веста дека принцот Хари и Меган Маркл не се поканети на празничните веселби е далеку од изненадувачка, со оглед на тоа што принцот се уште е отуѓен од својот татко, кралот Чарлс III и неговиот брат, принцот Вилијам, кој е прв во линија за наследување на тронот.

На почетокот на оваа година, кралот Чарлс наводно одбил да се сретне со својот помлад син кога бил во Велика Британија за да ја прослави 10-годишнината од неговата сакана „Игри на непобедливите“.

„Како одговор на многуте прашања и тековните шпекулации за тоа дали војводата ќе се сретне со својот татко додека е во Британија оваа недела, за жал тоа нема да биде можно поради презафатениот распоред на неговото височество“, изјави тогаш портпаролот на војводата од Сасекс. .

Дури и откако на неговиот татко и сопругата на неговиот брат, принцезата Кејт, им беше дијагностициран рак, односите меѓу принцот Хари и членовите на кралското семејство останаа затегнати. Во август, анонимен извор изјави за списанието People дека принцот Вилијам наводно ги игнорирал повеќекратните повици, текстуални пораки и пораки на принцот Хари, велејќи дека имало голем јаз меѓу двајцата браќа.

„Тој е недостапен во моментов“, изјави тогаш пријател близок до војводата од Сасекс.

Неговите повици остануваат неодговорени. Се обидел да добие информации за здравствената состојба на кралот, но и тие повици останале без одговор. Истиот инсајдер рече дека кралот Чарлс и понатаму не реагира на повеќекратните молби на Хари за помош за безбедноста на неговите деца, принцот Арчи и принцезата Лилибет.

„Хари е исплашен и чувствува дека единствената личност која може да направи нешто во врска со тоа е неговиот татко“, изјавил упатен од судот.

Друг извор додаде дека војводата од Сасекс е „решен да го заштити сопственото семејство по секоја цена“.

Принцот Хари, исто така, беше искрен за заканите за кои верува дека неговото семејство сè уште се соочува кога или ако патуваат во Британија. Во документарниот филм Таблоиди на судење, објавен во јули, војводата од Сасекс кажа зошто не верува дека неговото семејство е безбедно во неговата татковина.

„Сè уште е опасно, и потребно е само еден осамен актер, една личност да ги чита овие работи за да постапи според она што тие го читаат.Тое а една од причините зошто мојата сопруга нема да се врати во оваа земја“, рече тој.

Белгија е прогласена за виновна за злосторство против човечноста- донесена е историска пресуда

Белгиската држава е прогласена за виновна за злосторства против човештвото затоа што насилно одзела пет деца од мешана раса од нивните мајки во колонијално Конго.

Во долгоочекуваната пресуда објавена денеска, белгискиот Апелационен суд соопшти дека Белгија извршила „систематско киднапирање“ на пет жени, родени во белгиско Конго, кои сега се во своите 70-ти, кога биле одземени од нивните мајки како доенчиња и испратен во католички институции за мешано потекло, објави „Гардијан“.

„Ова е победа и историска пресуда. Ова е првпат во Белгија, а веројатно и во Европа, судот да ја осуди белгиската колонијална држава за злосторства против човештвото“, изјави за локалните медиуми Мишел Хирш, една од женските адвокати.

Моник Биту Бинги, која била одземена од нејзината мајка на тригодишна возраст, рече дека правдата е задоволена и дека е „ослободена“ бидејќи „судиите препознале“ дека тоа е злосторство против човештвото.

Случајот беше инициран со Биту Бинги, и од Ноел Вербекен, Леа Таварес Муџинга, Симоне Нгалула и Мари-Хозе Лоси, кои сите се родени од мајки од Конго и татковци од Европа.

Тие биле насилно одземени од нивните мајки од Конго помеѓу 1948 и 1953 година, како мали деца, и биле испратени во католичка мисија во централно-јужната провинцијата Касаи во белгиско Конго.

Поништувајќи ја претходната одлука, апелационите судии рекоа дека нивното присилно отстранување од нивните мајки е „нечовечки чин“ и „прогон што претставува злосторство против човештвото“ според статутот на Нирнбершкиот трибунал, кој беше признат од Генералното собрание на ОН во 1946 година.

Жените поднесоа жалба откако го изгубија случајот пред понискиот суд во 2021 година, кога судот застана на страната на белгиската влада во првостепената пресуда, велејќи дека нивното присилно одвојување од нивните мајки не било кривично дело за време на колонијалната ера.

Во 2018 година, тогашниот белгиски премиер Шарл Мишел се извини за третманот на децата од мешани парови, познати како „метис“, велејќи дека државата ги прекршила нивните основни човекови права.

Белгиската влада формираше официјално тело за да им помогне на луѓето одземени од нивните родители да го пронајдат своето потекло во колонијалните архиви, а таа организација, Резолуција-Метис, истражува колку луѓе биле погодени од оваа практика.

Жена издржала предизвик да преживее 8 часа без мобилен- добила 1.380 долари

Замислете да поминете осум часа без вашиот телефон - без да се движите низ социјалните мрежи, да гледате видеа или дури да проверувате пораки.

Една жена од Кина успеала во овој предизвик и освоила награда од 10.000 јуани, што е приближно 1.380 долари.

Овој необичен тест го организирала една компанија во Кина, која дизајнирала „предизвик за општо добро“ за да ја тестира способноста на луѓето да се одвојат од нивните паметни телефони. Правилата не биле едноставни: учесниците морале да лежат цели осум часа, не им било дозволено да читаат, да гледаат филмови или дури и да дремнат. Секој знак на нервоза бил строго контролиран со помош на нараквици кои ги следеле виталните параметри како што е отчукувањата на срцето.

Победничка била жената која се појавила во пижами иако не смеела да заспие за време на тестот. Таа успеала да ја однесе дома главната награда, додека останатите натпреварувачи се откажале пред истекот на осум часа.

Овој предизвик го привлекува вниманието на секогаш присутниот проблем на зависноста од паметни телефони. Истражувањата покажуваат дека во просек возрасните во САД ги проверуваат своите телефони дури 352 пати на ден, што е четири пати повеќе отколку во 2019 година. Зависноста е особено изразена кај помладите генерации, кои често доживуваат симптоми на повлекување кога се далеку од своите уреди.

За време на пандемијата, употребата на телефон дополнително се зголеми поради осаменоста, работата од дома и апликациите дизајнирани да ги задржат корисниците залепени за екранот. Некои од факторите кои придонесуваат за оваа зависност се напредните мобилни игри, социјалните мрежи и вештачката интелигенција, што дополнително го зголемува ангажманот на корисниците.

Иако во моментов не постои универзална дијагностичка категорија за зависност од паметни телефони, истражувањата покажуваат дека повеќе од 25% од луѓето ширум светот покажуваат симптоми на оваа зависност. Резултатите од анализата на 82 различни студии со над 150.000 испитаници зборуваат за загрижувачки тренд кој не покажува знаци на забавување, пишува TechSpot.

Дали би можеле да поминете осум часа без вашиот телефон? Овој предизвик можеби изгледа едноставен, но во модерното време, кога телефонот стана неопходен дел од животот, одвојувањето од него е вистински подвиг.

притисни ентер