Попис ќе има од 1 до 21 април, следната недела почнува првата фаза од попишувањето

Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава ќе се спроведе во месец април, порачаа од Владата, најавувајќи дека за помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето.

Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април годинава, а критичниот момент за оваа статистичка операција ќе биде на полноќ меѓу 31 март и 1 април.

Портпаролот на Владата Душко Арсовски вчера на прес-конференција порача дека на државата и е неопходен попис и секој граѓанин треба да придонесе да се спроведе оваа значајна статистичка операција која ќе даде податоци важни за проектирање стратешки планови за натамошен развој на државата.

– Методологијата е дефинирана, сите подготовки се во тек. Од 1 април почнува попишувањето на нерезидентното население, така што она што е извесно е дека оваа статистичка операција ќе се спроведе, изјави Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот за правда Бојан Маричиќ соопшти дека вчера бил информиран од Државниот завод за статистика дека подготовките за пописот одат во најдобар ред и дека за помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето на населението.

– Тоа што е многу важно е дека Евростат и директно потврди дека Законот за попис и методологијата се во согласност со ЕУ законодавството, односно највисоките стандарди за спроведување на ваква статистичка операција, објави министерот Маричиќ на Фејсбук.

Маричиќ апелираше да престанат сите деструктивни обиди за саботирање на пописот, бидејќи како што нагласи потребно е да се обединиме и конечно да почнеме заеднички да работиме за доброто на државата.

– Апелирам сите чинители својата политичка енергија да ја трошат во развојот и просперитетот на земјата. Тоа им го должиме на граѓаните, порача Маричиќ.

Државниот завод за статистика во вторникот го објави јавниот конкурс за ангажирање 5.055 реонски попишувачи и 506 реонски инструктори, кои ќе учествуваат во спроведувањето на пописот и кои во текот на март ќе бидат обучени за пополнување на апликацијата за попис, од страна на 150 државни инструктори, кои први ќе поминат низ обука наредната недела.

Директорот на Заводот, Апостол Симовски вели дека тоа што критичниот момент за пописот ќе биде на полноќ меѓу 31 март и 1 април значи дека починатите граѓани и родените бебиња по овој критичен момент нема да влезат во статистиката.

– Ние имаме критичен момент и ја гледаме состојбата заклучно со тој датум. Ако лицето било живо до тој момент, но починало пред да пристигнат попишувачите, тогаш тоа лице ќе се брои и ние ќе земеме податоци за тој човек. Од друга страна, ако се роди дете по критичниот момент, тогаш тоа бебе нема да влезе во статистиката. Тоа се прави за да се утврди точната состојба до одреден датум. Тој момент е полноќ помеѓу 31 март и 1 април, па сите податоци се собираат само до тој ден, вели Симовски.

Од 1 март започнува самопопишувањето, како и попишувањето на лицата во Армијата и во дипломатско-конзуларните претставништва. При пописиот ќе се почитуваат пропишаните здравствени протоколи, при што попишувачите ќе добијат маски и друга заштитна опрема, а кај болните и кај лицата во изолација ќе влегуваат со мантили и визири. Според Државниот завод за статистика, добро би било доколку сите инструктори и попишувачи бидат во приоритената група за вакцинирање.

Во врска со пописот вчера се огласи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, која изрази резерви околу безбедност во спроведувањето на пописот од здравствен аспект.

– Јас имам дилема дали во ваква кризна состојба каде можеби 15-тина држави, далеку поорганизирани од нас, го одложија пописот, некој ми гарантира за моето здравје или дали јас можам да му гарантирам на оној кој ќе дојде кај мене дека ќе остане здрав, изјави Силјановска Давкова.

Таа оцени дека во ниту една европска држава нема ваков попис, забележувајќи зошто не се попишува само резидентното население кое има постојано живеалиште во земјава, туку и оние кои што се надвор од државата повеќе од 12 месеци.

– Замислете ваков попис во Ирска или во соседна Грција, или во соседна Бугарија, или во Италија колкав ќе биде бројот на жителите, односно на вкупното население, реча Силјановска Давкова, додавајќи дека статистиката е потребна за утре да планираме здравство, образование, култура, социјална заштита, а не за политика.

Во исто време, блокот „Не отворам врата" вчера до Уставниот суд поднесе Иницијатива за уставна оценка на одредби од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите. Јанко Бачев, лидер на партијата Единствена Македонија, која е дел од Националниот блок „Не отворам врата", изјави дека со иницијативата се оспоруваат член 8 став 1, член 34 став 1 и член 51 од Законот за попис, кои според него не се во согласност со член 7, член 8 став 1 алинеа 1, 2 и 3, член 9 став 1 и 2, член 16 став 1, член 19 став 1 и 2, член 39 став 2 и член 51 од Уставот на државата.

Пендаровски: Во Крушево дојдов за да ви кажам дека и тука и во цела Македонија ќе победиме

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ја продолжи кампањата со средба со жителите на Крушево.

„Борбата почнува од нула, како да немало прв круг“, рече Пендаровски пред крушевчани негирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

„Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам! Кој сака нека бојкотира, ниту сум бојкотирал 2014-та, ни 2019-та, ни 2016-та, ни оваа 2024-та нема да бојкотирам. Тие нека му ја мислат за крајниот резултат. Ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме’, истакна Пендаровски денеска во Крушево,соопшти неговиот тим.

Костадиновска-Стојчевска: „Правината се танчи, ама не се кинит“ - нов мурал во Прилеп

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.

− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост.

Муралот е дел од конкурсот на Министерството за култура, „Цртај на македонски“, а го изработи визуелната уметница Ивана Самандова, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Муралот, на кој е насликан цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист Марко Цепенков, е дел од поддржаниот проект на Самандова, „Јазикот коски нема, ама коски кршит“.

– Преку конкурсот „Цртај на македонски“ во изминатите три години ги поттикнавме младите на креативност. Отворивме нови можности за поддршка и презентација на нивниот талент – рече министерката за култура и додаде дека за три години преку овој конкурс се доделени пет милиони денари за реализација на над 60 дела.

„Министерството за култура останува посветено кон младите автори за чие творештво секогаш имаме посебна почит и обврска да го прикажеме на публиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска денеска на промоцијата на новиот мурал на предната фасада на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, соопшти Министерството за култура.

Блинкен на средба со Си Џинпинг во Пекинг: Кина и САД би требало да бидат партнери, а не ривали

Кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна со Ентони Блинкен, државен секретар на САД и му порача дека Кина и Америка треба да бидат партнери, а не ривали.

Како што јави Би-Би-Си, ова е втора посета на Блинкен на Кина за помалку од една година, а претходно денеска, се сретнал со Ванг Жи, министер за надворешни работи на Народна Република Кина.

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни како „три основни принципи“ за односите меѓу САД и Кина.

- Две земји треба да постигнуваат достигнувања една за друга, а не да си нанесуваат штета. Кина и САД треба да бараат заедништво додека ги надминуваат нивните разлики - рече тој, пренесува новинската агенција Ксинхуа.

Си Џинпинг го отвори состанокот велејќи дека Кина и САД не треба да се впуштаат во злобна конкуренција.

-Треба да останат верни на своите зборови, наместо едно да кажуваат, а друго да прават. Можно е Кина и САД да се развиваат заедно и да напредуваат одделно - додаде Си Џинпинг, повторувајќи ги неговите претходни забелешки:

- Кина е среќна што гледа самоуверени, отворени и просперитетни САД. Се надеваме дека и американската страна позитивно ќе гледа на развојот на Кина. Има многу прашања кои треба да се решат.

Си Џинпинг потсети дека посетата на Блинкен била договорена за време на неговиот неодамнешен телефонски разговор со Џо Бајден, претседателот на Соединетите Американски Држави, и дека се надева дека ќе биде исплатлива.

Си Џинпинг и Ентони Блинкен последен пат се сретнаа во ноември минатата година во Сан Франциско за време на состанокот на Азиско-пацифичката економска соработка. Тоа беше нивна втора средба откако Бајден беше на чело на Белата куќа.

притисни ентер