Мицкоски: Власта на ДУИ и СДСМ е делегитимирана и после 8 мај заминува во опозиција

Имаме во првиот круг историска разлика од 183 илјади гласа предност во однос на кандидатот Стево Пендаровски. 

Идниот претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова има повеќе од двапати повеќе гласови од тоа што освоил Стево Пендаровски и тоа е нешто кое што е многу важно. Да бидам уште попрецизен, како коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ имаме освоено во првиот круг претседателски избори за 20% повеќе гласови од збирот на гласовите на владините кандидати. Ние имаме 360, а тие имаат 300 илјади гласа, што значи дека владата е делегитимирана. Владата која што е составена од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ е делегитимирана и после 8 мај заминуваат во опозиција, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Градско.

Мицкоски исто така истакна дека оваа огромна победа истовремено е и огромна одговорност и затоа новата влада на ВМРО-ДПМНЕ веднаш после 8 мај ќе треба да ги засука ракавите и да испорача тоа што го ветува пред македонскиот народ.

„Оваа голема победа е и одговорност. Народот очекува брзи резултати и немаме време за изговори. Веднаш после 8 мај ќе треба да ги засукаме ракавите за најпрвин да ја формираме владата и веднаш да почнеме да испорачуваме тоа што сме го ветиле пред народот, пред граѓаните. Но, она што е важно и што сакам да го споменам е фактот дека полека но сигурно Македонија и народот македонски, граѓаните во Македонија се чувствуваат слободни и полека надежта се враќа. Тоа е амбиентот, таа е емоцијата која што ја чувствувам овие два дена каде и да одам низ Македонија“, потенцираше Мицкоски.

Тој потенцираше дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ е изготвена заедно со граѓаните и резултатите од реализацијата на истата ќе се почувствуваат веднаш после 8 мај.

Она што сакам да го кажам е дека многу внимателно ја креиравме програмата наречена „Платформа 1198“ која што заедно со народот изминативе месеци ја креиравме таа програма многу внимателно без чуда, секаде тоа го зборувам, чуда се невозможни, а ние не сме чудотворци. Многу внимателно сакавме тоа што е дел од таа програма веднаш да го почувствувате, веднаш да почувствувате брзи резултати, без изговори и без да зборуваме претходниците беа лоши. Сите вие знаете дека не беа лоши, беа катастрофални и најлоши досега, немало полоши“, потенцираше Мицкоски и додаде:

„Сакаме веднаш, од првиот ден да почнеме жестоко да работиме и затоа тоа што е таму ветено, верувајте дека ќе биде реализирано до последната буква, до последната точка“, се наведува во партиското соопштение.

Работник бил прободен со шипка од 90 сантиметри- мислеле дека загинал, но се случило чудо

Градежен работник од Бразил имал неверојатна среќа што преживеал страшна несреќа откако се лизнал на скеле од пет метри.

Тој паднал директно на метална прачка долга 90 сантиметри, која го прободела од задникот до градите, ги прободела стомакот, црниот дроб и градите.

Несреќниот 57-годишник итно бил префрлен во болница во градот Куритиба, каде лекарите направиле рендген и сфатиле дека шипката допира до дијафрагмата, пишува Дејли Стар.

За среќа го промашила срцето, но неговата состојба била сериозна и морале брзо да делуваат. Хирурзите опишале како го спасиле, а операцијата започнала со стернотомија (сечење на градната коска).

Потоа го отстраниле оштетеното ткиво и ги санирале внатрешните повреди, по што му била извршена трансфузија на крв.

По неколку дена, пациентот можел да стане и да јаде, а неколку недели подоцна бил пуштен на домашно лекување.

Пред тоа, лекарите забележале големо ткиво со лузна на дел од уретрата, но не е јасно дали било преземено нешто во врска со тоа.

Медицинските експерти велат дека вакви несреќи се ретки, а најчесто се случуваат во градежништвото. Голем процент од нив се фатални, или подоцна доведуваат до компликации.

Спелеолог се борел 27 часа за воздух, заглавен во теснец, над 1.000 спасувачи не му помогнале

Пештерата Nutti Putti, во американската сојузна држава Јута, е озлогласена во спелеолошката заедница, но отсекогаш привлекувала авантуристи.

На крајот на 2009 година станала позната низ целиот свет по несреќата на истражувачот Џон Едвард Џонс. Неговата смрт е опишана како „најлошата што може да се замисли“.

Џон и неговите роднини решиле да ја истражат пештерата што се наоѓа југозападно од езерото Јута и на околу 50 километри од Солт Лејк Сити.

Експертите подоцна рекле дека тој практично се „закопал жив“, бидејќи решил да ги истражи тесните премини, каде што претходно се организирале спасувачки операции.

И покрај ризикот, Џон се заглавил во исклучително тесен премин што имал остар свиок на крајот. За жал, тој погрешил во немапираниот дел, каде што се заглавил.

Несреќниот човек се нашол во пукнатина широка меѓу 25 и 45 сантиметри, заглавен со главата надолу и тогаш почнува неговиот пекол, пренесува LadBible.

Не можел да се сврти, едната рака му била над главата, а другата покрај телото.

Роднините излегле надвор и повикале помош, а волонтерката Сузи Мотола подоцна изјавила дека Џон бил расположен и покрај незавидната ситуација.

„Тој ми рече: „Здраво Сузи, благодарам што дојде. Навистина сакам да излезам надвор“.

Меѓутоа, како минувале часовите, Џон го обзеде паника. Потоа рече:

„Овде ќе умрам. Не излегувам одовде, нели?“.

Повеќе од 1.000 спасувачи се обиделе да го извлечат несреќниот човек, користејќи јажиња, но напорите не вродиле со плод. Еден од нив му пришол на Џон и го прашал како се чувствува:

"Ужасно. Не ми се верува дека сум наопаку. Нозете ме убиваат“, одговорил веќе исцрпено.

По 27 часа исцрпувачка борба за воздух, Џон почнал да губи сила. Спасувачите го слушнале како плитко дише, но не можеле да му помогнат.

На крајот бил прогласен за мртов на 25 ноември, откако срцето му застанало.

Надлежните сметале дека е премногу опасно да се обидат да го извлечат безживотното тело, па одлучено е да се бетонира влезот во пештерата.

Пештерата Нути Пути станала гробница на Џон Едвард Џонс, а неговата трагедија служи како предупредување за сите спелеолози во светот.

Тела на четворица Украинци се извлечени од водите на реката Тиса на границата со Романија

Во изминатите неколку дена од реката Тиса на границата на Украина со Романија се извлечени тела на четири удавени лица, од кои најмладиот имал само 20 години, соопшти Државната гранична служба на Украина.

„Во соработка со колегите од МВР, граничарите добиле информација дека се пронајдени телата на двајца мажи, од кои едниот имал само 20 години“, соопштија од граничната служба.

Еден од удавените го пронашол локален рибар. На местото на настанот биле повикани спасувачи и полиција.

Претходно, на брегот на Тиса било пронајдено уште едно тело на маж.

„Средовечен маж почина со знаци на долготрајна изложеност на вода. Романските граничари го открија телото на нивната страна од границата, а во тек е идентификација на удавениот“, соопшти Државната гранична служба.

Претходниот ден локалните медиуми објавија дека се пронајдени телата на шест удавени лица, а судејќи по состојбата на некои од нив, тие долго време поминале во планинската река.

Во март, украинската гранична служба ја објави 22-та смрт од давење во реката Тиса од почетокот на конфликтот во февруари 2022 година, а десет мртви биле извлечени од Тиса минатата година.

Според официјалните податоци, минатата година 5.400 Украинци илегално ја преминале романската граница во обид да избегнат воен рок, а наводно околу 2.000 од нив успеале да ја препливаат Тиса.

притисни ентер