Секојдневно поинтензивно ѕвони и телефонот на Брзата помош, а најчести се повиците за колапси и мозочни удари. Зголемен е и бројот на сообраќајните несреќи поради намалена концентрација кај возачите. Дневно на телефонските броеви на 194 и 112 се јавуваат стотици граѓани поради потреба од итна помош, но не секогаш станува збор за вистинска итност. Затоа, од Брза помош апелираат кога граѓаните не се животно загрозени да ги посетат своите матични лекари или дежурните пунктови, за да се остави простор за оние лица на кои вистински им е потребна итна медицинска помош.
- Имаме зголемен број на интервенции на јавни места, колапси, зголемен е бројот и на мозочни удари. Ние во моментот имаме 6 екипи на територијата на Град Скопје и неговата околина, верувајте дека е тешко да се постигне да се одговори на сите повици екипите се цело време на терен, замолуваме да го имаат тоа во обзир. Сите пациенти доколку не се акутно животно загрозени да го посетат својот матичен лекар, евентуално ноќните дежурни пунтови,- Д-р Елена Карева Пиловска – Итна медицинска помош.
Од брза помош препорачуваат да се избегнува подолг престој на отворено, да се носи светла и памучна облека. Да се внимава при подготовка и консумирање на храната и да се внесуваат повеќе течности. Дополнително при влегување во возило, апелираат одреден период тоа да се проветри.
-- Да не се излегува во периодот од 10 до 17 часот, а доколку тоа мора да го направат да најдат можност да прават паузи на сенки. Да пијат доволно вода, може да бидат и минерални негазирани пијалаци, алкохолни да внимаваат тоа да не се студени пијалаци, да се разладуваат и да внимаваат на себе на секој можен начин,- Д-р Елена Карева Пиловска – Итна медицинска помош.
Лекарите апелираат на особена внимателност кај хронично болните лица. Оние кои пијат терапија за висок крвен притисок, дозата да ја регулираат со помош на матичниот лекар, бидејќи може да дојде до зголемен пад на крвниот притисок поради променливото време.