Фон дер Лајен: На ЕУ и се потребни 500 милијарди евра за одбраната во следната деценија

Фон дер Лајен нагласила дека во периодот од 1999 до 2021 година, пред руската агресија врз Украина, ЕУ ги зголемила трошоците за одбрана за само 20 проценти.

Во текот на следната деценија на Европската Унија ќе и бидат потребни 500 милијарди евра инвестиции во одбрана, што според сегашните цени би значело дека блокот има недостиг од 400 милијарди евра, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред европските лидери на денешниот Самит на ЕУ во Брисел.

Според дипломатски извори, Фон дер Лајен нагласила дека во периодот од 1999 до 2021 година, пред руската агресија врз Украина, ЕУ ги зголемила трошоците за одбрана за само 20 проценти, за разлика од Кина и Русија, чии одбранбени трошоци пораснале за 600, односно 300 отсто.

- Прашањето е како да се обезбедат 500 милијарди евра, нагласила таа.

Сепак не е јасно дали во сумата од 500 милијарди се вклучени и средствата наменети за воена поддршка на Украина, како што е доставата на оружје и муниција и за модернизацијата и изградбата на украинската одбранбена индустрија.

Сите членки на ЕУ заедно во текот на 2022 година издвоија околу 240 милијарди евра за одбраната, а за споредба истата година САД потрошиле околу 718 милијарди евра.

Меѓу членките на ЕУ не постои согласност како да се обезбедат потребните финансиски средства за зголемување на производството на европската одбранбена индустрија, при што како можност се споменуваат кредити од Европската инвестициска банка или идејата на Франција и Германија за издавање на „еврообврзници за одбрана“ со што би се прибрале средства од финансиските пазари, на што се противат „поштедливите“ земји, како Холандија, кои инсистираат на изнаоѓање други извори за изнаоѓање финансии.

Европската комисија претходно го предложи Европскиот одбранбен индустриски план за обнова и зајакнување на воено-индустрискиот комплекс на ЕУ, но со него беа предвидени помалку средства од сумата што сега ја споменува Фон дер Лајен. /МИА

На денешен ден

30 јуни 2024

1859.- На ортома растегната над Нијагарините водопади Чарлс Блондин, пред 25.000 гледачи, преминал од САД во Канада.

1908.- Во источен Сибир паднал метеор, предизвикувајќи џиновска експлозија и земјотрес што се почувствувал и во централна Европа.

1913.- Со нападот на бугарските сили на позициите на српската и на грчката војска во Македонија почнала Втората балканска војна, што завршила со мирот склучен во Букурешт, на 10 август 1913 година.

1934.- Германскиот нацистички водач Адолф Хитлер ја започнал пресметката со политичарите и со воените личности од сопствената Национал-социјалистичка партија. Притоа биле убиени стотина негови приврзаници и други активисти, меѓу кои и Ернст Рем, еден од највлијателните личности.

1941.- Непосредно по капитулацијата на Полска (1939 г.), Германците го изградиле логорот за масовно уништување, познат според германизираното име „Аушвиц“, според градот Освенцим, западно од Краков.

1949.- Во Скопје била изведена првата балетска премиера „Валпургиска ноќ“ од францускиот композитор Шарл Гуно, а во кореографија на Ѓорѓи Македонски.

1960.- Белгија ја признала независноста на својата дотогашна африканска колонија - Конго.

1972.- Укината била смртната казна во САД.

1973.- Сенка на Месечината го прекрила целиот Африкански континент. Тоа било најдолгото замрачување на Месечината во поновата историја.

1974.- Алберта Кинг, мајката на убиениот американски свештеник, црнечки лидер и нобеловец Мартин Лутер Кинг, била убиена во текот на молитва во црква, шест години по атентатот врз нејзиниот син.

1974.- Рускиот балетан Михаил Николаевич Баришников емигрирал од СССР во Канада за време на турнејата со ансамблот на балетот на „Бољшој театарот“.

1993.- Битолскиот универзитет го добил името на еден од најистакнатите личности на словенската писменост „Свети Климент Охридски“.

1997.- Во Санта Барбара умрел Роберт Мичам, еден од најистакнатите американски филмски актери. Роден бил во Бриџпорт, на 6 август 1917 година.

2000.- Руското собрание го овластило претседателот Владимир Путин да ги сменува избраните функционери.

2005.- Шпанските пратеници го усвоиле законот за правата на хомосексуалците да стапуваат во брак и да посвојуваат деца, со што Шпанија, по Холандија, Белгија и Канада, станала четвртата земја во светот во која хомосексуалните бракови станале легални.

2019.- Поранешниот претседател на Црна Гора Момир Булатовиќ почина на 63 години. Булатовиќ беше претседател на Црна Гора од 1990 до 1998 година и претседател на Сојузната влада на СР Југославија од 1998 до 2000 година. Тој во 1989 година беше избран за претседател на Претседателството на Црна Гора, а за претседател во 1990 година, на првите повеќепартиски избори. По осум години, тој изгуби на претседателските избори од својот дотогашен соработник и премиер на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. /МИА

###

Сончево и многу топло време со температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. 

Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени. УВ индексот ќе биде 9.

Во Скопје сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 36 степени.

Од УХМР информираат дека времето во понеделник кон крајот на денот, а особено во вторник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интезивен пороен дожд, силен ветер и град. Потоа во следните два дена ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремен пороен дожд и грмежи и ќе дува умерен северен ветер.

Сообраќајот се одвива непречено, по суви коловози

Золемен интензитетот надвор од градските средини

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат од АМСМ.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

притисни ентер