Пет дена по смртта на понежниот Константин, на 23 јануари 1862 г. во занданата во Истанбул умира и брат му Димитрија - Канал 5

Пет дена по смртта на понежниот Константин, на 23 јануари 1862 г. во занданата во Истанбул умира и брат му Димитрија

-Далеку од родната Струга, само пет дена по смртта на помладиот брат Константин, во Цариград починал и македонскиот преродбеник Димитар Миладинов.

Пет дена по смртта на понежниот Константин, на 23 јануари 1862 г. во занданата во Истанбул умира и брат му Димитрија

Тој починал на денешен ден во 1862 година во Цариград каде што бил затворен. Димитрија Миладинов е македонски народен преродбеник, поет, учител, публицист и научник.

Постои одредена забуна околу датумот на смртта на Димитар Миладимов. Така, во Македонската енциклопедија од 2008 г. која беше публикувана, па повлечена, стои дека Димитар Миладинов умрел на 11 јануари 1862 г. Но, во истата Енциклопедија како датум на смртта на брат му, Константин Миладинов стои датумот 18 јануари 1862 г. иако е познато дека Димитар умрел после Константнин.

Од друга страна, во учебникот по македонски јазик за 8 одд. чии автори се Снежана Велкова и Соња Јовановска, а рецензенти д-р Гоце Цветановски, научен соработник, Стојка Даскаловска, професор по македонски јазик и Катица Стојчевска, професор по македонски јазик, одобрен во 2010 г, стои:

„Обајцата браќа ја нашле својата смрт во занданата. Умреле речиси во исто време во растојание од неколку дни. Прво понежниот Константин, а по неколку дни и Димитрија - во 1862 г.“

Поаѓајќи од овој заклучок, дека прв умрел Константин, а датумот е неспорен - 18 јануари, и ние ќе земеме дека датумот на смртта на Димитрија е 23 јануари 1862 година, а не 11 јануари како што стои во повлечената Енциклопедија.

Бил собирач на народни умотворби и основач на македонската етнографија. Неговата поезија е со изразит лирски темперамент, а неговото творештво се состои од неколку лирски целини. Заедно со својот помлад брат Константин водел организирана борба против хеленизацијата.

Димитар Миладинов е роден во Струга, во 1810 година. Со помладиот брат Константин, кој починал на 18 јануари 1862 година во Цариград, во полициската болница, се родени во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и сопругата Султана Миладинова, од осумте деца, шест синови (Димитар, Тане, Наум, Мате, Апостол и Константин) и две ќерки Ана и Крста.

Браќата основно училиште завршиле во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, денешна Грција.

Средниот брат Наум Миладинов ја завршил Духовната академија на патријаршискиот универзитет Халки во Цариград и дипломирал на отсекот музика и граматика. Наум во 1843 година напишал учебник по музика, прв од таков вид во Македониjа, додека при собирањето на народните песни истите ги запишувал со нотни записи, ги мелографирал, па така тој е нашиот прв музичар и мелограф.

Најмалиот брат, Константин, дипломирал во 1852 година на Филозофскиот факултет во Атина, отсек грчка филологија.

Со диплома на учители браќата се вратиле во родниот крај каде учителствувале во повеќе места. Во училиштето во Охрид, Димитар Миладинов се сретнал со познатиот руски научник, славистот Виктор Иванович Григорович. Оваа средба била пресудна Миладиновци да почнат да се занимаваат и со собирачката дејност-собирање и запишување на македонски народни песни и други умотворби, кои подоцна ги отпечатиле во еден голем Зборник. Во таа дејност се вклучил и средниот брат Наум Миладинов.

Во тој период Македонија била дел од Отоманската Империја. Освен тешкото турско ропство, на народот во Македониjа му се заканувала и денационализација и елинизација преку елинското просветување и црквата, кои биле во власта на грчката Цариградска патријаршија.

Димитар Миладинов често доаѓал во судир со гркоманите во Битола, а по еден таков судир со битолскиот митрополит Венедикт, тој ја напуштил Битола и Македонија. Димитар притоа работи како учител во влашкото училиште во влашкото село Трново близу Битола, наследувајќи го дедо сѝ. Во Сремски Карловци и Нови Сад имал прилика да се запознае со животот на Србите под Австро-унгарска власт, каде уживале потполна културна автономија. Подоцна заминал во Белград. При престојот во овие краишта, тој се запознал со идеите на Пансловенизмот и Илирското движење, кои во потполност ги прифатил како свои. При крајот на 1856 година, Димитар Миладинов се вратил во Струга и го испратил братот Константин во Русија да студира словенска филологија на Философскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва.

Имајќи го собраниот материјал од народни умотворби, Константин целосно се ангажирал во реализирање на идејата за нивно печатење. Работејќи на редактирање на песните и другите народни умотворби и нивно подготвување за Зборникот, Константин и самиот почнал да пишува поезија. Поетското творештво на Константин Миладинов, иако скромно, само петнаесет песни, го става на пиедесталот на македонската нова литература како основоположник на македонската уметничка поезија. Со песната „Т’га за југ“, која има 70 препеви на 42 јазици, секоја година се отвораат Струшките вечери на поезијата.

Суровата руска зима и бедниот живот штетно се одразиле врз здравјето на Константин, па во 1859 година тој заболел од туберкулоза. Покрај подмолната и тешка болест, Константин го разочарал и неуспехот во настојувањата да се испечати Зборникот од народни умотворби. Основната причина за непечатењето на Зборникот во Москва е судирот на Миладиновци со Цариградската патријаршија во екот на преродбенската борба.

Во јуни 1860 година, не довршувајќи ги студиите, Константин Миладинов ја напуштил Москва. На пат за дома, во Виена, се сретнал со хрватскиот епископ Јосип Јурај Штросмајер, поглаварот на Хрватската католичка црква, со кого контактирал уште од Москва, пишувајќи му за намерите за печатење на Зборникот. При оваа средба, бискупот Штросмаер прифатил да го финансира печатењето на Зборникот.

Константин, пресреќен што животната цел, негова и на неговиот брат, е исполнета, зел неколку примероци од Зборникот и во средината на јули 1861 година го напуштил Загреб, тргнувајќи за родниот крај. Патем се задржал во Белград каде дознал дека неговиот брат Димитар веќе половина година чемрее во турските затвори.

Така наместо за Струга, тргнал директно за Цариград и никогаш повеќе не го видел родниот крај. Набрзо по пристигнувањето во Цариград и Константин бил фатен и затворен во цариградските зандани.

Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори, во 1862 година, под засега неразјаснети околности.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Трагично пешачење во канадската покраина Британска Колумбија заврши со смртта на мајка и нејзината ќерка, кои беа нападнати од четири гризли мечки. 

Четири мечки до смрт растргнале мајка и ќерка – со ДНК анализа е утврден ужасот на нападот

Истражителите користеа ДНК анализа за да потврдат кои животни стојат зад ужасниот напад, а експертите се сомневаат дека жените биле плен, што го прави овој случај особено редок, објави Би-Би-Си.

Џенифер Балкарас (48) и нејзината 20-годишна ќерка, Села Рид, отидоа на кратко попладневно пешачење на почетокот на ноември во областа Вајт Касл во западна Канада. Кога не се вратија дома, нивното семејство пријави дека се исчезнати.

Потрагата заврши трагично. Телата, или поточно останките, на двете жени беа пронајдени во близина на планинарска патека, на околу 150 метри оддалеченост.

По нападот, истражителите зедоа примероци од ДНК од животните за кои се сомневаше дека учествувале во трагедијата. Резултатите потврдија дека четири гризли мечки - возрасна женка и нејзините три младенчиња, стари околу една година, се одговорни за смртта на мајката и ќерката.

Сите четири мечки подоцна беа еутанизирани за да се заштити јавноста, соопшти Службата за заштита на Британска Колумбија (BCCOS).

Истрагата, исто така, откри особено вознемирувачка можност - дека нападот не бил резултат на изненадувачка средба или одбранбена реакција од страна на животните, туку дека мечките ги сметале жените за плен.

„Нашата истрага, исто така, покажа дека ова веројатно бил предаторски напад, за кој можам да ви кажам дека е многу редок“, изјави инспекторот на BCCOS, Џеф Тајр, за АП.

Експертите велат дека ваквите напади се исклучително невообичаени, бидејќи мечките генерално не напаѓаат луѓе за да ги јадат.

Според проценките на Министерството за животна средина, земјиште и паркови на Британска Колумбија, во канадската покраина живеат помеѓу 10.000 и 13.000 гризли мечки. Видот е наведен како загрозен во покраината.

Средбите меѓу луѓето и гризли мечките што завршуваат со напади се релативно ретки, но ризикот се зголемува кога луѓето го изненадуваат животното или кога тоа ги брани своите младенчиња или извор на храна.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Дражавјанинот на Хондурас, Рони Александар Гомез-Алберто, кој двапати бил депортиран од Соединетите Американски Држави, бил уапсен откако наводно се обидел да влезе во пилотската кабина на авион на „Јунајтед ерлајнс“ и тврдел дека има бомба. 

Паника среде лет: Се заканувал со бомба, па се обидел да влезе во пилотската кабина, авионот итно приземјен (ВИДЕО)

Инцидентот се случил во понеделник вечерта за време на летот од Њуарк до Њу Орлеанс, а неговото однесување ги натерало пилотите да издадат предупредување за киднапирање, објави „Фокс њуз“.

Летот 2174 безбедно слета на меѓународниот аеродром „Луис Армстронг“ во Њу Орлеанс, каде што го пречекала полицијата. Гомез-Алберто подоцна бил уапсен, а Министерството за внатрешна безбедност на САД потврдило дека е обвинет за обид за влегување во пилотската кабина.

Според одделот, Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) поднела барање за негово притворање по неговото апсење.

„На 10 ноември 2026 година, ICE поднела барање за притворање на Рони Александар Гомез-Алберто, државјанин на Хондурас кој нелегално е присутен во Соединетите Американски Држави, откако се обидел да влезе во пилотската кабина за време на летот“, изјавил портпарол на Министерството за внатрешна безбедност за „Фокс њуз“.

Според американските власти, Гомез-Алберто првпат бил уапсен во септември 2011 година откако нелегално ја преминал границата во близина на Ел Индио, Тексас. Тој бил повторно уапсен во октомври 2014 година, во близина на Колумбус, Ново Мексико. По двете апсења, тој бил депортиран од Соединетите Американски Држави.

Тој повторно бил уапсен од страна на Граничната патрола во 2019 година откако се обидел нелегално да влезе во земјата во близина на Сан Исидро, Калифорнија. Сепак, тој бил ослободен од притвор во јануари 2020 година откако судија за имиграција наредил негово ослободување во исчекување на постапката за депортација.

Локалните медиуми, повикувајќи се на Канцеларијата на шерифот на округот Џеферсон, објавија дека осомничениот е обвинет и за пренесување лажни информации за планирано палење и терористичка закана, како и за нарушување на јавниот ред.

Министерството за внатрешна безбедност конкретно изјави дека тој упатил закана со бомба за време на летот, што предизвикало тревога кај екипажот и патниците.

Јунајтед ерлајнс потврди дека авионот слета безбедно и дека полициските сили го пречекале авионот по пристигнувањето.

„Летот 2174 на „Јунајтед“ од Њуарк до Њу Орлеанс слета безбедно по инцидент во кој беше вклучен еден патник. Полицијата го пречека авионот по пристигнувањето“, соопшти компанијата.

Авионот „Боинг 737 MAX 9“ превезуваше 46 патници и шест члена на екипажот.

Портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност изјави дека властите ќе продолжат да преземаат мерки против лицата кои се нелегално во Соединетите Држави и кои вршат кривични дела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Неидентификувана жена е сериозно повредена кога разбојник ја прегазил за време на кражба на автомобил во вторник наутро (10 ноември) во населбата Бара Фунда, во западниот дел на Сао Паоло. 

Жена е прегазена за време на кражба на автомобил- разбојникот ја остави во критична состојба (ВИДЕО)

Таа претрпела тешка трауматска повреда на мозокот, морала да биде интубирана и била однесена во болницата Санта Каса.

Безбедносна камера го снимила моментот кога осомничениот разбојник се приближил до жртвата, ја презел контролата врз автомобилот и ја прегазил додека бегал, објави „Глобо“.

Злосторството се случило на улицата Хозе Крис, во близина на плоштадот Паскоал Мартинс и авенијата Маркес де Сао Висенте. Воената полиција била повикана околу 6:35 часот наутро.

Видеото го прикажува разбојникот како се приближува до жената, која штотуку излегла од аптека и влегувала во својот автомобил.

Осомничениот ја преминува улицата и се крие зад дрвја, чекајќи жената да влезе во возилото. Потоа ѝ се приближува и седнува на задното седиште.

Кога го забележува нападот, жената излегува од возилото. Разбојникот потоа седнува на возачкото седиште, но жртвата се обидува да го спречи грабежот. Следува физичка пресметка, при што мажот ја турка. Таа паѓа и ја удира со главата на земја. Потоа крадецот го става автомобилот во рикверц и ја удира со својот автомобил.

Луѓето на блискиот паркинг се обидуваат да го спречат да избега, викајќи му да застане, но осомничениот успева да избега со автомобилот.

Вработен на паркингот, кој бил сведок на инцидентот, рекол дека жената се обидела да ја зграби вратата од автомобилот за да го спречи крадецот да избега.

„Таа се обидела да ја повлече вратата, но тој успеал да се врати во рикверц токму кога таа ја зграбила. Потоа била фрлена назад со сета сила, ја удрила главата и ја изгубила свеста“, рекол сведокот.

Според него, луѓето на местото на настанот истрчале за да го спречат возачот да ја прегази жената.

„Трчавме за да не ја прегази. Малку забавил, потоа малку забрзал и скршнал, но и покрај тоа, гумата сепак ја зафатила главата. Потоа продолжил да вози“, рекол сведокот.

Жената била однесена во болница со тешка трауматска повреда на мозокот и крварење од увото. Таа мораше да биде интубирана пред да биде префрлена во болницата Санта Каса во Сао Паоло.

До последното ажурирање, немаше информации за тоа каде се наоѓа крадецот и украдениот автомобил.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер