Партиите го обвинуваат Мицотакис дека со кажаното, тој во пракса ја признал потребата од почитување на преспанскиот договор. Од опозициската СИРИЗА го обвинија и дека по изборите тој ги променил ставовите во врска со договорот.
,,Господинот Мицотакис од Меѓународниот саем во Солун, не најде ниту еден збор да каже за македонското прашање, ниту еден збор за Договорот од Преспа, а во изминатиот период се појавуваше како борец за Македонија. Сега по изборите, се чини дека има одлучено дека Договорот од Преспа сепак не е предавнички како што велеа предизборно членовите на Нова демократија, туку е договор кој треба да се почитува без отстапки.
Остри коментари пристигнаа и од крајно десничарските партии кои го обвинија грчкиот премиер дека го предал името Македонија за премиерската фотелја.
,,Господине Мицотакис, вие можете да ги остварите вашите контакти со странците, но грчкото општество сфати! „Ја продадовте" Македонија за премиерската фотелја".
Мицотакис на меѓународниот саем во Солун, кажа дека за нив приоритет е заштита на брендот Македонија, но и дека ќе се бори за зајакнување и промоција на сите производи кои го носат тоа име.
Употребата на името Македонија и придавките македонски/македонско за економски цели е едно од прашањата кои останаа отворени и по потпишувањето на преспанскиот договор. Деталите треба да бидат договорени од меѓудржавната комисија за трговски марки и стопанските комори на двете земји во наредните три години. Следната средба на двете комисии предвидено е да се одржи кон крајот на ноември.