Пријавување за прием на средношколци во студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип за учебната 2025-2026 година почнува од 25 јуни и ќе трае до 10 јули, најави денеска директорката на Државниот студентски дом (ДСД) „Браќа Миладиновци“ Гордана Барбашка.
Таа информира дека располагаат со 236 легла, а Конкурсот за студенти е во август. Барбашка упати апел до учениците, кои ќе го продолжат своето средно образование во некое од училиштата во Штип, а се од друг град да се пријават на самиот конкурс.
-Нашиот студентски дом „Браќа Миладиновци“ располага со 236 легла распоредени во 46 соби. Во текот на следната недела, поточно од 25 јуни до 10 јули започнува Конкурсот за прием на средношколци во ученичкиот дом. Упатуваме јавен повик до сите ученици, кои ќе се запишат во средните училишта во Штип да се пријават во нашиот дом, рече Барбашка.
Таа појасни дека студентите се пријавуваат електронски, додека учениците носат пријави во хартиена форма.
-Пријава поднесуваат сите, и студенти и ученици секоја година. Нема пракса ученици кои биле претходно по „дифолт“ да продолжат повторно. За студентите пријавата е електронски, а за учениците пријавите се во хартиена форма, вели Барбашка.
Сместувањето за учениците е бесплатно, додека студентите плаќаат половина од предвидената сума, а другата сума ја покрива Министерството за образование и наука.