Обвинетите за 27 април со проглас: Време е за помирување и одење напред

Во овие исклучително емотивни и сложени моменти за напатениот македонски народ, должни сме да не ја премолчиме бурата која ја прелетува јавноста по гласањето во Собранието, се наведува во прогласот.

Ние, како обвинети во случајот за 27 април и како докажани патриоти и бранители на ова парче македонска земја, должни сме овие случувања да не ги премолчиме.

Прво, поради фактот што директно сме споменувани во периодов кој помина, а и ќе бидеме во периодот кој следува деновиве.

Второ, напоменуваме дека во овие времиња македонскиот народ мора да го води исклучиво здравиот разум.

Трето, бидејќи речиси сите тука сме членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, исто така чувствуваме потреба да ги коментираме постапките на партијата, со надеж дека нема да бидеме исклучени од истата.

Затоа испраќаме до јавноста, а поготово до членството на ВМРО неколку апели.Браќа и сестри македонци, нашиот проглас е следен:

* Поддршка по секоја цена да бидат прифатени уставните амандмани поставени како услов од 8те пратеници на опозицијата кои гласаа со ЗА.

*Нема отстапка- Да се гарантира МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ!

*ВМРО-ДПМНЕ да остане обединето и прогресивно бидејќи силата е во широчината на фронтот. Колку повеќе сме, толку нескршливи сме.

*Го повикуваме ИК на ВМРО-ДПМНЕ да ја преиспита одлуката на Претседателот Мицкоски за исклучување од партијата на пратениците.

*Под итно да престанат нападите на пратениците затоа што тие се наши браќа по крв и род. Со нив ги делевме ладните и мрачни ќелии во затворот Шутка- не заборавајте го тоа.

*Од наш субјективен видик, тие се браќата со кои сеуште ја делиме и судницата, маката и понижувањето.

*Да ве потсетиме дека лажната надеж е најтежок удар врз човековата психа. Изминативе месеци од Мицкоски ни беше ветена гаранција со имотот на партијата- тоа не бидна !

*Беше ветен предлог-закон за амнестија- не бидна !

*Јасно ја поддржуваме евроатланската иднина на Македонија бидејќи сонот и борбата на нашите предци беше интегрирана и прогресивна Македонија. Да го продолжиме нивниот пат!

*Не сме за никакви политички сојузи со источниот блок, но ги почитуваме верските, културни и јазични врски со одредени источни држави.

*Бараме итен влез на Македонија во НАТО, за да имаме безбеден територијален интегритет, а не заборавајте дека за оваа територија умираа комитите, партизаните, бранителите.

*Бараме раководството на партијата да се издигне над своите интереси и да застане на чело на НАЦИОНАЛНОТО ЕДИНСТВО, бидејќи тоа се зборови кои се состојат во името на партијата.

*Сметаме дека омразата и поделбите ќе донесат нови омрази и нови поделби. Да не им оставиме во наследство на идните генерации омраза и поделба!

*Недвосмислено подаваме рака и го поддржуваме процесот на НАЦИОНАЛНО ОБЕДИНУВАЊЕ !Простуваме, за да ни простат. Тоа е во духот на Христијанството.

*Повикуваме и на подавање рака на пријателство со Албанците во Македонија и ајде конечно да го направиме тој храбар чекор и да се издигнеме над сопствените индивидуи.

*ВМРО е живо. Во овие моменти повикуваме на разум, смиреност и свест. Повикуваме на обединување. Немојте дечињата на пратениците кои гласале да бидат под страв. Тоа се македонски дечиња, тие се наши деца! Немојте тие луѓе кои се ваши и наши пратеници да ги омаловажувате. Затоа што силата за обединување и менаџирање беше кај Христијан Мицкоски.

Лути сме и гневни Христијане за предавството од тебе и да знаете дека секој директен или индиректен напад врз било кој од 49те наши пратеници ќе го сметаме и за напад врз нас! Спремни со жив штит да го браниме секој наш брат во овие историски моменти!

За крај, нашата генерација е спремна да прости и да побара прошка од секого. Нека ние бидеме последните притвореници и оваа една година помината во мрачните ќелии нека е последната капка раскол во општеството и завршен чин пред НАЦИОНАЛНОТО ПОМИРУВАЊЕ во најава !!

Да живее Македонија!

ЕУ го заостри визниот режим со Етиопија поради „несоработка“ во реадмисијата на азиланти

Советот на ЕУ денеска реши времено да суспендира одредени одредби од одлуката со кој се регулира издавањето визи за државјаните на Етиопија.  

Со денешната одлука се укинува ослободувањето од обврската за поднесување на доказите што треба да ги достават апликантите за виза, се забранува издавањето на повеќекратни визи и се укинува ослободувањето од обврската за плаќање визната такса за имателите на дипломатски и службени пасоши.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, рокот за одговор на поднесената апликација за виза се продолжува од досегашните 15 на 45 календарски дена.

Ваквата одлука на Советот на ЕУ е донесена врз основа на оценката на Еврокомисијата дека „соработката на Етиопија на полето на реадмисија на нејзините државјани кои илегално престојуваат во ЕУ е недоволна“.

Според ЕК, има недостиг на одговори од страна на етиопските власти во однос на барањата за реадмисија и постојат потешкотии со издавањето на итни патни документи и со организација на враќањето на одбиените баратели на азил.

Одлуката за суспензија е привремена, но нема конкретен краен рок на нејзината важност, туку тој ќе зависи од понатамошната оценка на Комисијата за постигнатиот напредок во соработката за реадмисија од страна на Етиопија.

Европската комисија редовно ја оценува соработката на трети земји во процесот на реадмисија на илегалните мигранти и одбиените баратели на азил. Врз основа на овие оценки, ЕК може да заклучи дека соработката на одредена трета земја при реадмисијата е „недоволна“ и може да ја суспендира одлуката за визна либерализација или да го заостри постојниот режим за издавање визи.

Во случајот на Етиопија, Еврокомисијата процени дека има „особено ниска стапка на реадмисија“ и се издадени мал бројот на патни документи врз основа на барањата за враќање на етиопските државјани во нивната матична земји, што во целост е оценето како „ниско ниво на соработка“. /МИА

Иран ги отфрли шпекулациите дека соработува со Северна Кореја во врска со нуклеарни прашања

Иранското Министерство за надворешни работи денеска по пристигнувањето на севернокорејската деловна делегација во Техеран, ги отфрли шпекулациите за соработка со Пјонгјанг во врска со нуклеарни прашања.

„Делегацијата, предводена од министерот за надворешни економски односи Јун Јонг Хо, отпатува во иранската престолнина минатата недела на економска конференција. Секоја поврзаност со соработка за нуклеарни прашања е „неоснована“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Во Јужна Кореја имаше шпекулации дека за време на посетата може да се разговара за воена соработка меѓу Северна Кореја и Иран.

Двете земји - и двете се соочија со строги меѓународни санкции и изолација на дипломатската сцена поради нивните нуклеарни активности - постојано беа обвинувани за активна соработка, особено во областа на ракетната технологија.

Контроверзната иранска нуклеарна програма е предмет на обновен интерес во последните месеци по избувнувањето на војната во Газа. /МИА

Сиднеј: Тинејџери планирале да купат оружје и да ги напаѓаат Евреите

 Група тинејџери планирале да набават оружје и да нападнат Евреи само неколку дена по нападот врз епископот на Асирската православна црква во Сиднеј, покажа полициската истрага, објавија денеска австралиските локални медиуми.

Петмина тинејџери, на возраст од 14 до 17 години, во четвртокот беа обвинети пред судот во Сиднеј за низа прекршоци, вклучително и заговор за учество или планирање терористички чин.

Полицијата соопшти дека сите тие „се придржувале до религиозно мотивирана, насилна екстремистичка идеологија“ и биле дел од мрежата во која беше и 16-годишно момче обвинето за прободување на епископот на Асирската православна црква Мар Мари Емануел на 15 април.

Според полициските информации доставени до Детскиот суд во Сиднеј, двајцата обвинети разговарале за купување оружје на 19 април, истиот ден кога е обвинет наводниот напаѓач на бискупот, објави весникот News Corp Australia.

Одделот за односи со јавноста на полицијата на Нов Јужен Велс денеска за Асошиетед прес изјави дека не може да ја потврди точноста на извештајот.

Родителите на момчето во интервју за австралиските медиуми изјавиле дека нивниот син бил насилен и дека се сомневаат дека има нарушување од спектарот на аутизам, но додале дека тој не е терорист.

Еј-Би-Си објави дека на нивниот син му се допаѓаат онлајн видеата на основачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, а сликата на профилот на момчето Вотсап е слика на самиот Бин Ладен. /МИА

притисни ентер