Новата Toyota 4Runner има хибриден погон со 330 КС - Канал 5

Новата Toyota 4Runner има хибриден погон со 330 КС

Toyota ја остава ерата на стариот 4Runner зад себе и ја претстави шестата генерација на својот популарен семеен SUV во САД.

Новата Toyota 4Runner има хибриден погон со 330 КС

Тој е базиран на новата платформа за теренски возила на групата и во суштина е теренска варијанта на неодамна претставениот пик-ап Tacoma.

Предниот дел на новиот 4Runner силно наликува на Tacoma, додека задниот дел има груб изглед со разгорени лакови на тркалата, компактни LED задни светла и масивни стилски знаци. Тојота, исто така, претставува специјална off-road верзија на Trailhunter уште на самиот почеток, како и вкупно девет различни варијанти на опрема.

Со платформата Toyota New Global Architecture (TNGA), која сега се користи и за 4Runner, Toyota се збогува со старите технологии. Задачата на погонот ја презема нов 2,4-литарски четирицилиндричен турбо бензински мотор со моќност од 282 КС и вртежен момент од 512 Nm. Во исто време, достапна е и хибридна верзија наречена i-Force Max со 330 КС и 630 Nm вртежен момент. Сите модели се опремени со нов осумстепен автоматски менувач.

4Runner се нуди со три различни погонски системи, вклучувајќи погон на задните тркала и две верзии 4x4, едната со погон што може да се избере, а другата со постојан погон на сите тркала. Современите системи за помош за возење на пат и надвор од патот, како што се контролата на тракцијата и системот Toyota Safety Sense 3.0 го прават 4Runner подготвен за секаква авантура.

Тјунираната теренска верзија на Trailhunter доаѓа со специјални додатоци како што се 63 mm повисока шасија, багажници на покривот, 33-инчни теренски гуми и шнорхел за довод на воздух. Од друга страна, верзијата Platinum нуди луксуз и удобност на патот.

Новиот 4Runner ќе се произведува во фабриката на Toyota во Тахара во Јапонија и ќе биде достапен во САД почнувајќи од есента 2024 година. Информациите за цените сè уште не се достапни, но се очекува почетна цена од околу 45.000 долари, додека засега не е познато дали моделот ќе биде прилагоден и за Европа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Дирекцијата за ТИРЗ продолжува со следење на реализацијата на инвестициските проекти

Директорот Димовски истакна дека ТИРЗ останува посветен партнер на компаниите кои инвестираат во зоните, обезбедувајќи поддршка и навремена комуникација во сите фази од реализацијата на инвестициските проекти.

Дирекцијата за ТИРЗ продолжува со следење на реализацијата на инвестициските проекти

Во рамки на редовната комуникација со сите инвеститори во ТИРЗ, директорот Гоце Димовски ја посети компанијата Шахтерм, каде беше извршен увид во текот на градежните активности кои започнаа во мај минатата година, а веќе до крајот на оваа година се очекува почеток со производство.

За време на посетата, директорот Димовски оствари средба со менаџментот на компанијата, при што заеднички беше разгледана динамиката на реализација на проектот, тековните активности на локацијата, како и следните чекори до воспоставување на производствените капацитети.

Директорот Димовски истакна дека ТИРЗ останува посветен партнер на компаниите кои инвестираат во зоните, обезбедувајќи поддршка и навремена комуникација во сите фази од реализацијата на инвестициските проекти. Тој посочи дека успешната реализација на секоја инвестиција е резултат на добра координација, отворена комуникација и партнерски однос меѓу компаниите и институциите.

Од страна на Фарук Шахин, генерален менаџер на Шахтерм, беше изразена благодарност за континуираната поддршка и соработка со Дирекцијата за ТИРЗ, при што беше истакната важноста од ефикасната координација со институциите во периодот на реализација на инвестицијата.

Со ова, Дирекцијата за ТИРЗ продолжува со активностите насочени кон создавање стабилна и конкурентна инвестициска средина, како и поддршка на компаниите кои придонесуваат кон економскиот раст и развој на земјата. Инвестицијата на компанијата Шахтерм само во прва фаза ќе изнесува 25 милиони евра со 200 нови работни места, додека планот е инвестиција да изнесува 50 милиони евра и бројот на вработени се планира да биде над 500.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ули Хенес за ѕвезда на Баерн: И кинескиот цар да дојде не преговараме за негова продажба!

Почесниот претседател на Баерн,  легендарниот Ули Хенес  реагираше на шпекулациите во медиумите за иднината на француската ѕвезда Мајкл Олисе и ја отфрли можноста за негов трансфер во Реал Мадрид.

Ули Хенес за ѕвезда на Баерн: И кинескиот цар да дојде не преговараме за негова продажба!

„Добро се изнасмеав кога ги слушнав тие гласини. На Олисе му преостануваат уште три години од договорот, така што за мене тука нема што да се дискутира“, изјави Хенес.

„Дури и кинескиот император да се јавеше, немаше да седнеме да преговараме за Олисе“, додаде Хенес за францускиот напаѓач, кој може да игра на крилните позиции или како „десетка“.

24 годишниот Олисе беше најдобриот асистент на Светското првенство со седум асистенции, додека минатата сезона забележа 22 гола и 31 асистенција за Баерн.

„Трансфермаркт“ (Transfermarkt) ја проценува неговата вредност на 170 милиони евра. Се зборуваше дека Реал би можел да понуди дури 200 милиони евра за Олисе, со што тој би станал вториот најскап фудбалер во историјата. Сепак, се чини дека од тоа нема да излезе ништо.

Истиот став важи и за колумбискиот напаѓач Луис Дијаз (29). Хенес нагласи дека клубот нема намера да продава ниту еден од своите клучни офанзивни играчи. „Го имаме најдоброто напаѓачко трио во светот: Олисе, Луис Дијаз и Хари Кејн. Не ни паѓа на памет да продадеме кој било од нив“, изјави Хенес.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Промовирани нови 53 офицери на Воената академија

Промовирани нови 53 офицери на Воената академија – Нова дополнителна енергија и инвестиција во иднината на македонската Армија и безбедноста на државата.

Промовирани нови 53 офицери на Воената академија

Денеска на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се одржа свеченост на која беа промовирани 36 питомци од 26. класа и 1 питомец кој дипломираше на Воената академија „Вест Поинт“ во САД, во прв офицерски чин – потпоручник и 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери за службите на Армијата во чин –поручник.

На денешната свеченост се обрати министерот за одбрана Владо Мисајловски кој на новите офицери во Армијата им порача дека нивната промоција е нова дополнителна енергија и инвестиција во иднината на македонската Армија и во безбедноста на државата.

„Денешниот ден претставува круна на вашата четиригодишна упорност, но и почеток на уште поголеми достигнувања. Од денеска сте офицери – лидери, носители на довербата на државата и чувари на највисоките вредности врз кои почива секоја професионална Армија“, рече Мисајловски.

Министерот истакна дека со денешна промоција офицерскиот кор се збогатува со млади, мотивирани и амбициозни луѓе кои во текот на школувањето изградиле меѓусебна доверба, почит и пријателство, вредности, кои ќе им бидат основа за професионалната кариера како и за заедничкото справување со современите безбедносни предизвици.

„Да се биде офицер значи да се биде пример за сите. Од денеска, токму вие ќе бидете препознатливи по трудољубивоста, чесноста, интегритетот, по носењето тешки одлуки кога е најпотребно, по преземањето одговорност тогаш кога другите се двоумат и по способноста да ги ставите интересите на својата држава и на своите војници пред сопствените интереси“, потенцира Мисајловски.

Деканот на воената академија полковник Ненад Танески во своето обраќање пред присутните нагласи: „Во време на брзи технолошки промени, информатичка револуција, вештачка интелигенција и нови безбедносни предизвици, знаењето, лидерството и способноста за донесување вистински одлуки се најсилното оружје на современиот офицер.

Затоа развојот на Воената академија, унапредувањето на наставата, научноистражувачката работа, меѓународната соработка и создавањето современи услови за образование не се само потреба – тие се стратешка инвестиција во иднината на Армијата“.

Тој во оваа прилика упати благодарност до припадниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и нивните семејства. „Ви благодариме за довербата што ни ја укажавте, доверувајќи ни го образованието и професионалниот развој на вашите идни офицери. Тоа е чест за Воената академија и потврда за нејзиниот углед како регионален центар за воено образование“.

Поручник Марија Недева прворангирана меѓу питомците, посочи дека како генерација за време студиите научиле дека успехот не е само резултат на индивидуалниот труд туку на тимска работа, дисциплина и посветеност.

Денеска во потпоручници беа промовирани 37 питомци од кои 30 за потребите на македонската Армија, 2 од Црна Гора и 5 од Босна и Херцеговина, и 16–поручници, слушатели кои го завршија Курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери за службите на Армијата.

На свеченоста присуствуваа началникот на Генералштабот, генерал мајор Сашко Лафчиски, министерот за спорт, Борко Ристовски, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини, како и претставници на воено-дипломатскиот кор од Босна и Херцеговина и Црна Гора, претставници од локалната самоуправа и останати високи гости од Министерството и Армијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер