Николовски од Градско: СДСМ враќа пари кај граѓаните

Ние понудивме развој и просперитет, тие понудија враќање кон изолацијата и корупцијата.

Изборната кампања е пред самиот крај и верувам дека успеавте да ја видите огромната разлика меѓу СДСМ и Коалицијата „Можеме" која настапи со конкретна програма и визија за иднината на државата и ВМРО-ДПМНЕ која не покажа ништо друго освен лицето на режимот кој 11 години ја запусти државата.

Ние понудивме развој и просперитет, тие понудија враќање кон изолацијата и корупцијата.

Ние понудивме правда, ред и дисциплина, тие понудија заштита на криминалот, враќање на Груевски, враќање на истата криминална група која ги ограбуваше и понижуваше граѓаните.

Ние со храбри одлуки го овозможивме влезот во НАТО и го откочивме евроинтеграцискиот пат, тие нудат поништување на Преспанскиот договор, на Договорот со Бугарија и целосно загрозување на нашите европски перспективи.

Ние го потврдивме македонскиот јазик и идентитет, обезбедивме соживот, тие сакаат да не вратат на меѓуетнички тензии и поделби.

Додека ние се справуваме со здравствената криза, тие правеа хаос, ширеа лажни вести, ги кршеа мерките за заштита и го доведуваа во опасност здравјето на граѓаните.

Затоа е многу важно на изборите на 15 јули сите, почитувајќи ги мерките за заштита, да излеземе на избори и да ги поддржиме СДСМ и Коалицијата „Можеме".

Затоа што СДСМ нуди иднина, а ВМРО-ДПМНЕ е опасност за државата.

За да го победиме национализмот што промовираат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Затоа треба и ДУИ да замине во опозиција, бидејќи секој глас даден за ДУИ е глас даден за Груевски.

На овие избори одлучуваме за иднината на државата. За иднината на нашите деца.

Не е време за молчење, секој од нас треба да излезе на избори и да гласа за европска перспектива на државата.

Да гласа за правда, ред и дисциплина.

Се обврзуваме пред вас дека уште во првите 100 дена од Владата почнуваат темелните реформи во правосудството.

Нема заштита на криминалот, ќе одговара секој за сторената злоупотреба.

Не очекува многу работа дома, силни реформи во судството, во здравството, во образованието и затоа бараме чист мандат.

Почитувани граѓани,

За две и пол години постигнавме многу. Ги остваривме нашите стратешки цели, влеговме во НАТО, ќе влеземе во ЕУ.

Обезбедивме историски развој на сите полиња, признат од целата меѓународна заедница.

Од изолирана, закрвена држава станавме пример за добрососедски односи и водење политика.

На 15 јули одлучуваме дали ќе продолжиме по тој пат или ќе дозволиме ВМРО-ДПМНЕ повторно да не врати со децении назад.

Изборниот процес во среда ќе биде 100 проценти безбеден.

Ве повикувам со маска на лицето, со држење на дистанца да го остварите своето право на глас и да дадете свој придонес во обезбедувањето на иднината на нашата држава.

Да го поддржите СДСМ и Коалицијата „Можеме" затоа што докажавме дека работиме домаќински, одговорно и во интерес на сите.

Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител во ИЕ 3


Општина Центар: Реконструирани две улица во населба Водно

По барање на жителите на Центар кои живеат во населба Водно, Општина Центар ги реконструираше улиците „Периша Савелиќ“ и „Салвадор Аљенде“.   

Градежните активности опфаќаа комплетно нивелирање на улиците и поставување нов асфалт на површина од 3233 метри квадратни на улицата „Периша Савелиќ“ и нов асфалт на површина од 954 метри квадратни на улицата „Салвадор Аљенде“.

Во изминативе две недели, Општина Центар постави и нова вертикална сообраќајна сигнализација за воведување еднонасочен сообраќај на улицата „Партениј Зографски" во населба Водно, на потег од крстосницата со улицата „Салвадор Аљенде" до крстосницата со улиците „Питу Гули" и „Ацо Караманов". Со поставување на вертикалната сигнализација, улицата „Партениј Зографски" беше обележана и со хоризонталната сигнализација за подобрување на условите во автомобилскиот сообраќај на Водно.

Досега во овој дел на општината реконструирани се улиците: „Загребска“, „Караорман“, „Бигла“, „Димитар Пандилов“, „Ганчо Хаџипанзов“, „Капиштец“, „Питу Гули“, а наредна за реконструкција е улицата „Димитар Беровски“.

Општина Центар продолжува со активности за реконструкција на улици кои ќе придонесат за обезбедување подобри услови за живот на граѓаните, како и хуманизирање на просторот со побезбедни услови во автомобилскиот и алтернативниот сообраќај и неопходни паркиралишта во интерес на граѓаните.

УЈП: Граѓаните да ја сменат трансакциската од Еуростандард банка во апликацијата МојДДВ со валидна сметка

Управата повикува оваа промена да ја направат и сите корисници на МојДДВ кои имаат внесено погрешна трансакциска сметка

Управата за јавни приходи (УЈП) апелира до граѓаните кои во апликацијата МојДДВ имаат внесено трансакциска сметка од Еуростандард Банка, да извршат промена со внесување на валидна трансaкциска сметка, со цел исплата на средства од поврат на ДДВ за физички лица.

-Промената на трансакциската сметка во апликацијата МојДДВ се врши на следниот начин: Најавете се во апликацијата МојДДВ и во долниот дел од екранот одберете го прозорчето „профил", потоа во делот трансакциска сметка внесете ја Вашата нова трансакциска сметка. Оваа промена треба да ја потврдите со лозинка која ја користите за најава на Е-ПДД, потоа го бирате копчето „зачувај" и Вашата трансакциска сметка е сменета, објаснува УЈП.

Управата повикува оваа промена да ја направат и сите корисници на МојДДВ кои имаат внесено погрешна трансакциска сметка.

-Точно внесените податоци во апликацијата МојДДВ се основа за исплата на поврат на ДДВ за сите граѓани кои ја користат апликацијата и скенираат фискални сметки, стои во соопштението од УЈП.

Комисијата за заразни болести со конечен предлог за наставата, Владата треба да одлучи

По заклучокот од седницата на Владата во вторникот Планот на МОН за учебната 2020/2021 да биде споделен со Комисијата за заразни болести и таа да го даде мислењето за моделот на настава.

Комисијата вчера на состанок донесе конечен предлог кој сега ќе треба да биде разгледан од Владата и таа да ја донесе одлуката како ќе работат училиштата од 1 септември.

Предлогот е учебната година да почне онлајн, со два исклучока – првиот е за учениците од прво до трето одделение, за кои се предлага да ја следат наставата со физичко присуство, земајќи го предвид социоемоционалниот аспект и нивната возраст, а вториот исклучок се училиштата со мал број ученици по паралелки – наставата да ја организираат со присуство во училниците ако тоа го дозволува епидемиолошката состојба.

Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска претпладнево за МИА изјави дека Координативниот кризен штаб од МОН побарал да ги приспособи протоколите за моделите на настава врз основа на предлогот на Комисијата и да достави податоци колку се на број училиштата со помал број ученици кои би организирале настава со физичко присуство, во кои општини се наоѓаат, нивните просторни услови итн. Наумовска рече дека работните групи на МОН се во комуникација со Штабот и откако протоколите ќе се усогласат со предлогот од Комисијата, тој ќе биде ставен на дневен ред на седница на Владата, веројатно идната недела.

Министерот Арбер Адеми, кој е на ставот дека училиштата треба да бидат отворени секаде каде што состојбата со вирусот е стабилна, смета дека предлогот на Комисијата за заразни болести е компромис на две различни гледишта – ставот на МОН за физичко присуство и ставот на здравствените авторитети – онлајн-настава. Според него, предлогот на Комисијата е добра насока за изнаоѓање најсоодветен модел за настава.

Трите модели што ги содржи Планот на МОН се: настава со физичко присуство со мерки за заштита – маски и растојание од најмалку 1,5 метар помеѓу учениците во училница, далечинско учење или онлајн-настава, и комбинирана настава – пред сè за училиштата со голем број ученици. Комбинираниот модел предвидува учениците да бидат поделени на помали групи – една група која би следела настава со физичко присуството една недела, а во исто време другата група ученици, како и хроничко болните, би го следела часот онлајн. Ако е невозможно во реално време, тогаш лекциите од денот ќе се снимаат и ќе се споделат со таа група ученици преку платформа за учење.

Подготвените предлог-протоколи имаат конкретни упатства за различни ситуации и услови, за бројот на ученици во паралелка, скратување на наставните часови (предлогот е од 40 на 30 минути во основно, односно од 45 на 35 минути во средно) итн.

На прес-конференција пред два дена Адеми укажа дека е можно одложување на почетокот на учебната година затоа што кој модел и да се избере, ќе треба да се направат измени на законите за основно и за средно образование, а за тоа е потребно функционално Собрание./МИА.

притисни ентер