Сандерс: Не е антисемитски да се каже дека владата на Нетанјаху уби 34.000 Палестинци

Американскиот сенатор Берни Сандерс денеска му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека „не е антисемитски да се каже дека екстремистичката влада“ на Нетанјаху убила повеќе од 34.000 Палестинци.

Американскиот сенатор Берни Сандерс денеска му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека „не е антисемитски да се каже дека екстремистичката влада“ на Нетанјаху убила повеќе од 34.000 Палестинци и повредила повеќе од 77.000 за нешто повеќе од шест месеци.

„Господине Нетанјаху, антисемитизмот е гнасна и одвратна форма на фанатизам што на милиони луѓе им нанесе невидена штета. Но, ве молиме, не ја навредувајте интелигенцијата на американскиот народ обидувајќи се да ни го одвлечете вниманието од неморалните и незаконски политики на вашата екстремистичка и расистичка влада“, напиша Сандерс на својот профил на мрежата X.

Роналдо му ја честита титулата на Спортинг

Илјадници навивачи на Спортинг се собраа во главниот град Лисабон и до раните утрински часови денеска го славеа успехот на својот клуб кој по 20 пат во историјата стана фудбалски шампион на Португалија.

Спортинг ја освои титулата откако Бенфика загуби со 2-0 на гостински терен од Фамаликао, со што тимот предводен од Рубен Аморим стекна осум бодови предност на врвот на табелата на два натпревари до крајот на сезоната.

Набргу по поразот од Бенфика, илјадници навивачи се собраа на централниот плоштад во Лисабон, каде што играчите пристигнаа со автобус со отворен покрив и еден по еден се качуваа на големата бина поставена на плоштадот, додека навивачите вееја знамиња и шалови.

Капитенот на португалската репрезентација, Кристијано Роналдо, кој настапува за саудиски Ал Наср, се огласи на социјалните мрежи за да му честита на Спортинг, клубот во кој ја почна својата професионална кариера.

„Честитки шампиони!“ напиша Роналдо на Инстаграм.

Спортинг ја врати титулата три години по последниот трофеј во 2021 година, кога прв пат стана шампион по пауза од речиси две децении. Шампионската прослава во 2021 година се одржа за време на пандемијата на Ковид – 19 и беше во сенка на судири меѓу полицијата и навивачите.

Спасовски: Просечна плата од 1100 евра, минимална од 600 евра

Просечна плата од 1100 евра, минимална од 600 евра, на младите им нудиме европска иднина!

Носителот на листа на кандидати за пратеници од ИЕ2, предводена од СДСМ и коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, на социјалните мрежи ја сподели понудата на парламентарните изборите 2024 година.

„СДСМ има конкретна, издржана и остварлива Програма за следниот мандат во којшто ќе ги завршиме преговорите со ЕУ, за до 2030 година да го осигураме полноправното членство.

Минималната и просечната плата и пензиите досега ги донесовме на историски највисоко ниво. Ветивме просечна плата од 500 евра, а не само што го исполнивме тоа, туку успеавме да го надминеме ова ветување и просечната плата достигна 650 евра.

За речиси три пати ја зголемивме минималната плата, којашто сега изнесува 22.500 денари. Минималната и просечната пензија се зголемени за 50 проценти.

Во наредните четири години просечната плата ќе достигне рекордни 1.100 евра, а минималната плата ќе биде 600 евра. Во наредниот мандат минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари.

Ќе продолжиме со силната поддршка на домашните компании. Порано, домашните компании беа поддржани со 0 денари. Ние поддржавме над 919 компании со над 100 милиони евра, што значеше поттик на 500 милиони евра нови инвестиции во домашната економија. Во следниот мандат ќе има нови 180 милиони евра директна поддршка за домашните компании, плус 3,5 милијарди евра капитални инвестиции и плус 750 милиони евра поддршка за земјоделството.

И ако во претходниот мандат ја намаливме невработеноста на 12,6%, во наредниот мандат најавуваме дека за првпат во историјата на Македонија, ќе постигнеме едноцифрена невработеност од 7 проценти.

Младите дополнително ќе ги поддржиме да бидат достоинствено платени на пазарот на трудот. Во следниот мандат предвидовме по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, во првите 12 месеци.

Ќе воведеме и данок на личен доход од 0% за бизнисите што исплатуваат минимална плата, за да им помогнеме на малите фирми, а со тоа ќе ги поддржиме и граѓаните со најниски примања.

Го подготвуваме најголемиот и најамбициозен план во независна Македонија за модернизација на инфраструктурата во целата држава со инвестиции од над 2,7 милијарди евра. Предвидуваме изградба на 194 километри нови автопатишта и реконструкција на 950 километри патишта до 2028 година.

Следуваат дополнителни перспективи и за македонското земјоделство. Проектиравме рекордно производство на храна во износ од една и пол милијарда евра, извозот на прехранбени производи да достигне 1,25 милиони евра, финансиска поддршка за земјоделците во висина од 1,35 милијарди евра.

Младите сакаат и имаат право да растат, да се образуваат, да живеат родната земја, во држава со европски вредности и стандарди, со висок животен стандард, со модерно образование, со современо здравство, во чиста животна средина.

Сите сакаме и можеме да живеемо во прогресивна држава и во солидарно општество, со еднакви права и одговорности за секој граѓанин.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија може и знае како од Република Северна Македонија да изгради таква европска држава, да ја поставиме меѓу развиениот европски свет, затоа што целта за европска Македонија ја темелиме на реална Програма за развој.

Сите заедно на 8ми мај заокружуваме број 1 – нема откажување од иднината!”, напиша Спасовски на Фејсбук.

Стојоски собори државен рекорд во дисциплината 400 метри со пречки стар 44 години

Јован Стојоски е нов македонски рекордер во дисциплината 400 метри со пречки. 

На Меѓународниот турнир во Марибор викендот Стојоски патеката 400 метри со пречки ја истрча за 53,56 секунди.

- Освоено прво место на Меѓународниот митинг во Марибор. Ова е моја втора трка во оваа дисциплина. Сега имам девет државни рекорди, објави Стојоски на својот фејсбук-профил.

Досегашниот државен рекорд на оваа делница изнесуваше 55,11 секунди поставен 1980 година.

притисни ентер