Николовски на жетва на јачмен во светиниколско: Постигнавме висока откупна цена

Во тек е жетвата на јачменот. 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска изврши увид во текот на жетвата и беше во посета на младиот земјоделец Славче Костев, производител на јачмен од Свети Николе.

„Цената за откупен килограм јачмен изнесува високи 17 денари, за разлика од ланската година кога цената изнесуваше 10 денари. Очекувам вкупната количина на јачмен за оваа сезона да достигне до околу 140.000 тони. Ме радува кога директно од земјоделците го слушам нивното задоволство и од цената, но и од мерките кои изминатиов период како министерство ги носиме за поддршка на земјоделците“ изјави министерот Николовски.

Преку мерките од Националниот план ги поддржуваме земјоделците за набавка на вештачко ѓубриво и даваме дополнителна поддршка до 100 евра по хектар за зголемен принос на житни култури, како мотовациона мерка на земјоделците кои ќе го предадат во домашни преработувачки и откупни капацитети. Оваа мотивациона мрека за остварен принос, од оваа година, важи за сите површини од 1 хектар па нагоре, без ограничување.

Министерот Николовски ги повика сите земјоделци производители на житни култури да аплицираат и да ја искористат оваа мерка, краен рок за аплицирање по мерката за дополнителна поддршка од 100 евра за зголемен принос е до крајот на октомври оваа година.

Исто така, министерот Николовски потсети дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на располагање стави и нови дополнителни 5.722 хектари земјоделско земјиште за одгледување на житни култури распределени во 14 региони низ државата, за кои аплицираа и договори се склучуваат со 258 земјоделски стопанства.

„Ова е до сега рекорден број на апликации и радува фактото што земјоделците ја препознаа нашата идеја и заедно успеавме во нашата цел да обезбедиме нови површини под житни култури, а со тоа и поголем принос. Преку ребалансот на буџетот обезбедивме и нови 500 милиони денари дополнителни средства за помош на есенската сеидба, преку мерки во Интервентниот фонд. Наша цел како министерство е стабилно и зголемено домашно производство на житни култури. Она за што ние инстиситраме како министерство и за што цело време апелираме е целото домашно производство на стратешки култури, кое со многу мерки преку Интервентниот фонд го поддржуваме да заврши пред се во домашните преработувачки капацитети“ рече министерот Николовски.

Николовски е постојано на терен и за овој концепт редовно разговара на средбите со земјоделците кои јасно ни искажуваат поддршка за донесените мерки.

„Чесно и одговорно кон сите граѓани е да бараме домашното производство пред се да биде искористено дома во нашите преработувачки капацитети. Оваа поддршка која се дава сега до секој земјоделец е од парите на сите граѓани и токму затоа преку домашните преработувачи како домашен производ да биде вратена до граѓаните. Не се мешаме ниту можеме да се мешаме во слободната трговија и размена на стоки и услуги, но нема да дозволиме никој да профитира на штета на земјоделците, а уште помалку да ја доведе државата во состојба да има недостатоци на основните прехранбени производи“ потенцираше министерот Николовски.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата навремено преземаат мерки за поддршка на секој земјоделец, внимателно се следи состојбата и соодветно на тоа се преземааат дополнителни мерки со цел заедно да успееме да обезбедиме доволно храна за сите, соопшти МЗШВ.

Во музејот на Битлси во Ливерпул е изложен познатиот јапонски сервис за чај на Џорџ Харисон

Јапонскиот сервис за чај, купен од англискиот гитарист, пејач и поранешен член на Битлси Џорџ Харисон во 1966 година за време на турнејата на Битлси низ Јапонија, е изложена во музејот на Битлси во Ливерпул.

Сервисот, еден од трите купени од Харисон во Јапонија, му го подарил менаџерот на турнејата Нил Аспинал на неговиот син Роаг Бест, кој сега го води музејот на Битлси.

Како што изјави, на тридневната турнеја, Битлси свиреле за повеќе од 10.000 луѓе по концерт.

„Битлеманијата навистина ја погоди Јапонија. Тие не можеа да ја напуштат хотелската соба“, рече Бест, кој е син на Аспинал и Мона Бест и полубрат на Пит Бест, оригиналниот тапанар на Битлси.

Тој изјавил дека неговиот татко, маскиран, го придружувал Џон Ленон, додека еднаш излегувале од хотел во Токио, еднаш излегол и Пол Макартни со маска, но Ринго Стар и Харисон останале заклучени во собите.

„Тие сакаа да купуваат работи на турнеја, но бидејќи не можеа да излезат, луѓето ги носеа своите производи во нивните соби. Џорџ купи три многу украсени јапонски чајни комплети кои потоа ги испрати назад во Англија. Чуваше еден, татко ми дозволи тој да избира од преостанатите два, а третиот и го дал на мајка си“, рекол Бест, пренесува Би-Би-Си.

Сервисот е префрлен во Ливерпул, во куќата на Мона Бест, сопственик на клубот „Касба“.

Бест изјавил дека на сетот недостасуваат три чаши кои ги скршил кога имал 15 години.

Тој додаде дека се надева дека сервисот за чај ќе биде од особен интерес за фановите на Битлси од Јапонија кои го посетуваат музејот во Ливерпул.

„Фан клубот на Битлси е еден од најголемите по членство и има околу 40.000 фанови. Мислам дека ова ќе им се допадне“, рече Бест.

САД најавија нови 6 милијарди долари воена помош за Украина

Соединетите Држави обезбедуваат нова воена помош од 6 милијарди долари за да ѝ помогнат на Украина да се одбрани од руската инвазија, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Последната испорака на оружје ќе вклучува артилериска муниција, како и ракети за системи за воздушна одбрана Патриот произведени во САД, рече Остин по онлајн состанокот со Контакт групата за одбрана за Украина предводена од Вашингтон.

Соопштението доаѓа откако американскиот Сенат доцна во вторникот одобри нова помош за Киев во вкупна вредност од околу 61 милијарда долари, отворајќи го патот за нови испораки на оружје по повеќемесечната блокада.

Веднаш потоа, во средата, американскиот претседател Џо Бајден најави итен воен пакет од 1 милијарда долари. Станува збор пред сѐ за опрема за противвоздушна одбрана, артилерија, ракетни системи и оклопни возила од залихите на американската армија.

Граѓаните на Дубаи пријавуваат непозната болест, ја поврзуваат со неодамнешните поплави

Луѓето во Дубаи и остатокот од Обединетите Арапски Емирати пријавиле дека се разболеле од водата за пиење по големите и тешки поплави што го погодија регионот.

Земјата беше погодена од врнежи што не биле видени долго време, а за само 12 часа наврна дожд колку за една година.

Поплавите буквално го запреа животот во пустинската земја и предизвикаа хаос на аеродромот во Дубаи, најпрометниот меѓународен воздушен центар во светот. Временските услови предизвикаа Emirates да ги откажат летовите за 200.000 патници и да одложат многу повеќе.

До минатиот вторник, Обединетите Арапски Емирати имале нешто повеќе од 142 милиметри дожд на метар квадратен, додека просечните врнежи се околу 86 мм дожд. На повеќе локации забележани се речиси 250 милиметри дожд на метар квадратен.

Државната новинска агенција ВАМ го нарече дождот „историски временски настан“ што го надмина „се што е документирано од почетокот на собирањето податоци во 1949 година“.

Сега луѓето во Обединетите Арапски Емирати почнаа да покажуваат симптоми поврзани со наводно загадената вода, соопшти Министерството за здравство.

Во соопштението, кое го пренесе државната новинска агенција, не се прецизира точно колку луѓе се болни или од што точно се лекуваат.

Имало „многу ограничен број случаи кои покажаа одредени симптоми на влијание на загадена вода“ и тие се на болничко лекување, велат од Министерството, но не прецизираат што ја предизвикало загаденоста на водата.

Силниот дожд е поврзан со поголем систем на бура минатата недела што го премина Арапскиот полуостров и го премина Оманскиот залив. Истиот циклон донесе и смртоносни поплави во блискиот Оман, каде што загинаа најмалку 18 луѓе.

Дожд врнеше и во Бахреин, Катар и Саудиска Арабија. Сепак, дождовите беа најсилни низ ОАЕ. Се шпекулира дека „сеење на облаци“ ги предизвикало поплавите.

притисни ентер