Оваа невеста од Албанија денеска е мајка на две деца. Вели дека е задоволна од условите во кои живее. Доајѓајќи во Македонија Шпреса доби шанса да отпатува и во Австралија. Најблиските роднини на сопругот ја зедоа на тримесечен поседок заедно со децата, додека нејзиниот сопруг мораше да остане во Рапеш за да ја чува стоката.
,,Таму има живот. Бев прошетав, многу беше убаво во Австралија. И тука е убаво, со мажот ми. Правам сирење. Убаво е“, вели Шпреса Трајковска, невеста од Албанија.
Џелина Митковска во Рапеш дојде пред 9 години. Вели дека почетокот бил тежок, посебно додека не го научила јазикот. Но откако оформила семејство Македонија станала нејзин вистински дом.
,,Девет години сум тука. Имам четири деца. Убаво живееме“, вели Џелина Митковска, невеста од Албанија.
,,Селото го личи со деца“, порача Љупчо Митковски, сопруг на Џелина.
Мажите од Рапеш кои зедоа албански невести раскажуваат дека се уште невеста од Албанија се зема преку посредници кои наплатуваат од 300 до 500 евра, но Албанките во последно време повеќе се двоумеле дали да се омажат во Македонија зашто на некои им се погодило, но на некои не. Има и такви кои дошле во Македонија, се омажиле тука, но и заминале.
,,Сето тоа оди со посредници. Земаат од 300 до 500 евра. Е сега не идат повеќе како порано. Велат не се мажиме. Ама па и тука се наполни“, вели Бале Трајковски, жител на Рапеш.
Албански невести има во повеќе села во Мариово, но најмногу ги има во Рапеш. Тука веќе не останаа ергени. Постарите жители велат дека сега се живее многу поубаво за разлика од порано, а низ селото повторно трчаат деца.
,,Сега има деца и училиштето го направија“, вели Петре Тодоровски, жител на Рапеш.
,,Сега веќе не е како порано, сега е добро. Порано немаше ни пиво, сега има и ракиче и мастиче“, раскажува баба Анѓа Недановска, жител на Рапеш.
И општина Новаци презема мерки за раст на наталитетот.
,,Општината помага преку венчавки и крштевки, како и патни трошоци за Албанија за да се оженат“, вели Лазар Котевски, градоначалник на Новаци
Предвидена е и поддршка од 5.000 денари за новородено дете.