Научници од Источна Азија ги усовршуваат киборг-лебарките - Канал 5

Научници од Источна Азија ги усовршуваат киборг-лебарките

 Науката пред извесно време ја претвори лебарката во тн. киборг (кибернетски организам), т.е. полуроботизирана бубачка, давајќи ѝ поголема моќ на навигација. 

Научници од Источна Азија ги усовршуваат киборг-лебарките

Концептот претставува спој на органската анатомија на лебарките и чувството за ориентација и движење на мал простор и непријателска средина, усовршени низ милиони години еволуција - со високотехнолошки електронски миниранец на нивниот грб. Истражувањето е објавено во „Софт роботикс“ (Soft Robotics).

Предности: Со рамните тела, бубачките-киборзи може да навлезат во места каде што ниеден човек не може, јадат речиси сѐ, и се речиси неуништливи. Овие одлики ги прават лебарките совршени алатки за операции за претрага, спасување, контролирано движење, надзор и слично. Токму затоа, научниците Универзитетот на Осака во Јапонија и Универзитетот „Дипонегоро“ во Индонезија им се посветија на истражувањата и усовршувањето на киборг-лебарките.

- Создавањето функционален робот со мал обем е предизвик со што сакавме да ги надминеме овие пречки и ќе ги направиме работите поедноставни. Со едноставно прикачување електронски уреди на инсектите, може да ги избегнеме незгодните предизвици на роботското инженерство и да се сосредоточиме на постигнувањето на нашите цели. Така едноставен чекор!, објаснува Мохамед Аријанто - машински инженер на „Дипонегоро“ и водечки истражувач во овој труд.

Тимот прво сакаше да види дали на мадагаскарската лебарка, научно наречена Громфадорина портентоса (Gromphadorhina portentosa), ќе може да се вградат сензори што детектираат движење, пречки, влажност, температура и други податоци, како и електроди и антени на телото коишто би можеле да се користат за водење на инсектот. Целиот систем се нарекува „Биохибриден навигациски систем заснован на однесување“ (БИОББН). Се заснова на програмирање со цел да се достигне одредена локација, а истовремено да се избегнат сите пречки на патот.

БИОББН има два навигациски алгоритми: За едноставни, и за посложени средини.

„Првиот систем за навигација користеше поголем и потежок електронски ранец, додека вториот бараше покомпактен, полесен за приспособување на сложената навигација на теренот. Ги тестиравме био-хакираните лебарки на патеки со пречки, полни со песок, камења и дрво. Командите за навигација се користеа умерено за да се осигура дека киборгот сам ќе ја достигне својата цел. На бубачките, во најголем дел, им беше дозволено да го пронајдат својот пат, избегнувајќи или надминувајќи ги пречките и поправајќи се кога работите ќе тргнат наопаку. Овој алгоритам користеше природно однесување на лебарките, како што се следење по ѕид и качување, т.е. движење околу и над препреките“, пишуваат авторите.

А, второто, посложено сценарио на БИОББН барало повеќе време поради зголемениот број пречки.

Авторите се надеваат дека овие полуроботизирани бубачки би можеле да се користат за проверка на урнатини по евентуална војна или природна катастрофа, па дури и за лоцирање преживеани во неволја. Тие можат да испраќаат податоци за места коишто не се достапни за луѓе, како што се цевки, подземни тунели, чувствителни места од културното наследство итн.

- Верувам дека нашите киборг-инсекти можат да постигнат разни цели со помал напор и сила од чисто механичките роботи... Нашиот самоуправувачки Биохибриден систем за навигација ги надминува предизвиците со коишто досега се соочуваат роботите, како што е враќањето по пад, вели инженерот за тн. влажна роботика, Кејзуке Моришима од Универзитетот во Осака.

„Влажна роботика“ (wet robotics) е област на роботиката којашто се занимава со развој на роботи за во водни и влажни средини. Овие роботи се дизајнирани да работат во каква било течност, без разлика дали тоа е океан, река, лабораториска вода, па дури и телесни течности.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Прекинат заветот на молчење: Се појавија нови детали за несреќата на Михаел Шумахер!

Еден од најдобрите возачи во изторијата на Формула 1 легендарниот Михаел Шумахер, се здоби со сериозни повреди при скијачка несреќа во Француските Алпи на 29 декември 2013 година. 

Прекинат заветот на молчење: Се појавија нови детали за несреќата на Михаел Шумахер!

Таа несреќа му го промени животот. Следните 250 дена ги помина во индуцирана кома, по што беше префрлен на домашно лекување.

Сè до денес, Шумахер нема излезено во јавноста, а никој, освен неговото најтесно семејство и членовите на медицинскиот тим, не ја знае неговата вистинска здравствена состојба.

Тој го поминува времето меѓу своите домови во Швајцарија и на Мајорка, каде што има 24-часовна нега.

На тој кобен ден, Германецот падна додека скијаше. Потоа, со хеликоптер беше пренесен од Мерибел до болницата.

Пилотот на хеликоптерот, Јаник Дајнез, за ​​првпат излезе во јавноста со детали за настанот. Тој знаел за кого станува збор, а бидејќи се работи за јавна личност, од екипажот било побарано максимално да ја заштитат неговата приватност.

Затоа, сите добиле насоки да ги отстранат микрофоните и камерите од типот „GoPro“. На местото на несреќата биле преземени и безбедносни мерки.

Луѓето од опкружувањето на Шумахер го обезбедија просторот и ги спречија присутните да фотографираат или снимаат, со цел да се избегне евентуално објавување на материјалот.

За атмосферата во самиот хеликоптер, тој изјави: – Се обидов да се однесувам кон Шумахер како кон кој било друг тешко повреден човек. Сепак, внатре чувствував притисок. Луѓето го обожаваа како бог, иако јас не бев љубител на Формула 1.

Летот до Универзитетската болница во Гренобл траеше околу 25 минути, по што Шумахер им беше предаден на лекарите. Колку вниманието на јавноста беше насочено кон Шумахер, му стана јасно за време на вториот лет до истата болница, неколку дена подоцна.

– Она што го видов ме шокираше: насекаде имаше толку многу автобуси, црвени знамиња и луѓе, што целиот болнички комплекс изгледаше како патека за Формула 1. Беше неверојатно.

Објаснувајќи зошто молчел за сето тоа цели 13 години, Јаник рече:

– Не сакав да зборувам со медиумите за да избегнам проблеми. Освен тоа, немам исти адвокати како семејството Шумахер.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Бразил и Барселона се договорија за Рафиња!

Ханси Флик веќе побарал од раководството на Барселона да стапи во контакт со управата на Фудбалскиот сојуз на Бразил и да добие гаранции дека Карло Анчелоти ќе го користи Рафиња умерено.

Бразил и Барселона се договорија за Рафиња!

Бразилските медиуми пишуваат дека предводникот на шпанскиот шампион, Ханси Флик веќе побарал од раководството на Барселона да стапи во контакт со управата на Фудбалскиот сојуз на Бразил и да добие гаранции дека Карло Анчелоти ќе го користи Рафиња умерено, односно дека тој ќе добие минутажа на споменатите натпревари.

Бразил ќе игра против Јапонија, а потоа ќе се соочи со Сингапур. За напаѓачот на Барса претстои патување со авион во должина од околу 22.000 километри во двата правци, а со оглед на тоа што од последните три репрезентативни собири тој се враќаше повреден, јасно е од каде доаѓа загриженоста и немирот кај стручниот штаб.

„Шпанскиот клуб и Бразилската фудбалска конфедерација (CBF) веќе се договорија за деталите околу минутажата на Рафиња, со цел тој да се врати здрав и да се минимизира ризикот од трета последователна повреда за време на настапите за националниот тим“, пишува „Глобо Еспорте“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Децата кои консумираат повеќе ултра-преработена храна покажуваат поинакви мозочни реакции на неа

Според студија објавена во списанието „JAMA Network Open“, децата кои консумираат повеќе ултра-обработена храна може да покажат посилни мозочни реакции кога гледаат слики од примамлива храна.

Децата кои консумираат повеќе ултра-преработена храна покажуваат поинакви мозочни реакции на неа

Во истражувањето учествувале 46 деца на возраст од 7 до 10 години, кои биле дел од долгорочната студија „BrainChild“, која го испитува ризикот од дијабетес и дебелина.

На почетокот на студијата, сите деца имале здрава телесна тежина. Истражувачите извршиле магнетна резонанца (МРИ) на мозокот на децата додека тие гледале слики од примамлива храна, како што се колачиња и помфрит. Исто така, биле собрани податоци за нивната исхрана, индексот на телесна маса (ИТМ), процентот на телесни масти и обемот на половината.

По една година, истражувачите повторно ги измериле ИТМ, процентот на телесни масти и обемот на половината кај децата. Резултатите покажале дека децата кои консумирале повеќе ултра-преработена храна покажувале поголема активност во дорзалниот стриатум – мозочен регион поврзан со наградување и мотивација – кога гледале слики од храна.

Истражувањето продолжува

Зголемената активност во овој регион, исто така, била поврзана со зголемување на ИТМ и процентот на телесни масти во текот на следната година. Понатаму, истражувачите откриле дека земањето предвид на разликите во мозочните реакции на сликите од храна ја намалило забележаната поврзаност помеѓу консумирањето ултра-обработена храна и ИТМ за 31%. Поврзаноста со процентот на телесни масти се намалила за 44%. Наодите од истражувањето сугерираат дека реакцијата на мозокот на храна може делумно да ја објасни врската помеѓу консумирањето ултра-преработена храна и зголемувањето на телесната тежина. Студијата не може да докаже дека ултра-преработената храна директно предизвикува промени во мозочната активност или доведува до зголемување на телесната тежина, бидејќи таа само ги набљудувала постоечките обрасци.

За подетално да ја истражат оваа поврзаност, истражувачите планираат да спроведат интервентна студија во која децата што редовно консумираат ултра-обработена храна ќе бидат поттикнати да преминат на помалку обработена храна. Потоа, истражувачите ќе испитаат дали нивните мозочни реакции на сликите од храна се менуваат и дали тие промени се поврзани со помал пораст на телесната тежина со текот на времето.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер