Народна банка предупредува за измами преку лажни телефонски повици, е-маил или СМС пораки

Измамници мамеле граѓани преку телефон, претставувајќи се во име на Народна банка. 

Од Народната банка уверуваат дека нивни претставник или вработен, во ниту еден случај нема телефонски да побара од граѓаните број на сметка, ПИН или друг вид личен податок, ниту пак да бара да се уплатат средства на одредена банкарска сметка.

- Злоупотребувајќи го идентитетот на Народната банка преку телефонски повици, непознати лица, се обидуваат противправно да остварат финансиска корист и/или да приберат лични податоци коишто потоа можат да бидат злоупотребени. Ја известуваме јавноста дека Народната банка нема никаква поврзаност со лицата коишто ги оствариле телефонските повици и апелираме до граѓаните, да не откриваат лични податоци, ниту пак да преземаат активности согласно со барањата од непознатите лица. Доколку имате добиено или ако во натамошниот период добиете, неочекувани телефонски повици, е-маил или СМС пораки од сомнителни адреси или телефонски броеви, во коишто ви се нуди нешто што не делува реално и вистинито, или од вас се бара откривање лични податоци, не започнувајте комуникација каде ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка, пишува во соопштението од Народна банка.

Доколку граѓаните добијат телефонски повик или порака преку друго комуникациско средство - електронска пошта или преку социјалните мрежи, од лице за кое се сомневаат дека лажно се претставува како вработен во Народна бaнка, се апелира веднаш да го пријават случајот во Народната банка, преку официјалната е-адреса: [email protected].

Њујорк тајмс го повика Бајден да се откаже од претседателската трка

Редакцијата на американскиот весник „Њујорк тајмс“ синоќа го повика претседателот на САД Џо Бајден да се повлече од претседателската трка, еден ден по неговиот слаб настап во дебатата против Доналд Трамп, пренесоа светските агенции.

Иако посочува дека 81-годишниот Бајден е „претседател за восхит“, весникот истакнува дека на дебатата тој изгледал како „сенката на голем јавен службеник“ и дека би се впуштил во „непромислена авантура“ доколку ја продолжи кампањата.

„Нема причина партијата да ги ризикува стабилноста и безбедноста на земјата со тоа што ги принудува гласачите да избираат меѓу недостатоците на г-дин Трамп и оние на г-дин Бајден“, пишува весникот.

„Премногу голем залог е да се надеваме дека Американците ќе ги игнорираат или минимизираат годините и слабоста на г-дин Бајден, кои тие ги гледаат со свои очи“, се додава во њујоршкото издание.

„Ако ризикот од втор мандат на Трамп е толку голем како што тој вели - а ние се согласуваме со него дека опасноста е огромна - тогаш неговата посветеност на оваа земја ги остава него и неговата партија само со еден избор“, посочува „Њујорк тајмс“.

Статијата беше објавена два часа откако Бајден пристигна во Њујорк на дводневна турнеја за собирање средства за неговата кампања./МИА

Швајцарија и Италија ја отвораат осминафиналната фаза на ЕП 2024

Со два натпревари в сабота, на 29 јуни, во Германија ќе продолжи 17. издание на Европското фудбалско првенство.

По два дена одмор по завршувањето на групната фаза, осминафиналните битки почнуваат со мечот меѓу Швајцарија и актуелниот освојувач на трофејот Италија во 18 часот по наше време, а вечер од 21 часот домаќините и Данска ќе излезат на терен.

На „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд, бундестимот ќе бара пласман во четвртфиналето, но најпрво треба да го совлада цврстиот тим на Данска. Избраниците на Јулијан Нагелсман ја завршија групната фаза без пораз по двете комфорни победи над Шкотска и Унгарија и ремито со Швајцарија, а замената Никлас Филкруг го обезбеди првото место на Германците во групата А со доцното израмнување против Швајцареците. Токму мечот со „крстоносците“ ги покажа првите загрижувачки знаци во играта на „панцирите“ од почетокот на турнирот, но треба да се земе предвид и фактот дека тимот веќе беше квалификуван за елиминациите. Нагелсман и компанија ќе бараат место во осминафиналето против „црвениот динамит“ на Каспер Хулманд.

Скандинавците, полуфиналисти на ЕП 2020, ги поминаа групите со три ремија против Словенија, Англија и Србија, завршувајќи на второто место во групата Ц само поради нивниот подобар пласман по европските квалификации над Словенците. Данците тешко постигнуваат голови, но подеднакво тешко му даваат голови на Каспер Шмајхел, па ќе се обидат повторно со дисциплина да ги изненадат домаќините уште пред четвртфиналната фаза.

Во раниот натпревар на Олимпискиот стадион во Берлин, Италија ќе бара да ја продолжи одбраната на титулата против добро организираниот тим на Швајцарија. Избраниците на Лучано Спалети едвај стигнаа до осминафиналето, откако ја совладаа Албанија со 2-1 на отворањето, губејќи тесно од Шпанија со 0-1, а потоа им требаше задоцнет гол од замената Матија Џакани против Хрватска за да завршат на второто место во групата. .

Мурат Јакин покажа далеку подобро лице, победи против Унгарија со 3-1 и ремизираше со Шкотска и Германија, но во двата меча имаа свои шанси за освојување на 3 поени. Сега, „крстоносците“ се подготвени да го продолжат својот марш на Евро 2024 со исфрлање на досега неубедливите шампиони.

Победникот од двојката Швајцарија-Италија ги чека Англија или Словачка во четвртфиналето, додека Германците или Данците во осминафиналето ќе се сретнат со Шпанија или Грузија. /МИА

Приведен радовишанец, при пртрес во неговиот дом е пронајдена марихуана

Полициски службеници од ОВР Радовиш вчера во 16:10 часот го лишиле од слобода радовишанецот В.Х.(35) откако при претрес на неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена марихуана.

Како што соопшти МВР, за настанот бил запознаеен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

притисни ентер