Јерликаја: Во Кајзери уапсени 67 лица по насилните немири

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека 67 лица се уапсени по немирите кои избија во градот Кајсери, откако Сириец малтретирал петгодишно девојче, кое му било роднина.

Немирите кои започнаа во неделата, кога поголема група луѓе се собраа во населбата Меликгази во Кајсери, откако странски државјанин, Сириец, малтретирал петгодишно девојче и запалил возила на странски државјани, јавуваат турските медиуми.

Во инцидентите повредени се 10 полицајци.

Јерликаја на платформата Х изјави дека граѓани фатиле сириски државјанин и го предале на безбедносните сили, откако малтретирал дете. Насобраните потоа нападнаа продавници во сопственост на Сиријци, како и домови на поединци.

„Подоцна, нашите граѓани се собраа и делуваа незаконски, на начин што не е во согласност со човечките вредности, оштетувајќи ги домовите, работните места и возилата на сириските граѓани“, рече турскиот министер.

Во Тибет тепачка за „подобро место“ за слика со поглед на Монт Еверест

Во Тибет се снимени две двојки како се караат и се тепаат за „подобро место“ за слика со поглед на Монт Еверест. Видеоснимката е хит на интернет-просторот.

Тепачката се случила минатата седмица, откако туристичкиот водич побарал од групата да позира заедно до споменикот на Еверест. Во тој миг избувнале судири меѓу двајца мажи и две жени од Кина за тоа - кој каде ќе застане, па вербалната расправија прераснала во тепачка, пренесува „Њујорк пост“.

На видеото се гледа како мажите се тепаат на земјата, една од жените се обидува да си го извлече мажот, а другата се вклучува во тепачката и го удира другиот маж. На местото на настанот пристигнала граничната полиција која ја прекинала тепачката. Не се знае дали некој од учесниците е повреден. Сите засегнати се приведени во полиција.

Фестивал на европски филм од 11 до 17 јули во Скопје

Меѓународниот фестивал на европски филм - CINEDAYS, годинава ќе се одржи по 23. пат од 11 до 17 јули. 

Со над 40 филмски наслови, Скопје повторно ќе живее во филм во фестивалскиот период, се наведува во денешното соопштение на Младинскиот културен центар (МКЦ).

- Под годинешниот слоган „Како е? Викај ура“, летните скопски филмски вечери ќе ги пресретнуваме во паркот зад Младинскиот културен центар, киното „Фросина“ и летното кино на отворено во „Кинотека“. Отворањето ќе го одележи македонскo-данската соработка на данскиот бенд „Ефтеркланг“ и „Македониум бенд“. Оваа соработка ја обележа својата концертна премиера во април 2023 година пред споменикот „Македониум“ во Крушево и својата филмска премиера во Копенхаген на фестивалот „CPH-DOX“, на 23 март 2024 година, пишува во соопштението.

Филмот, како што се наведува, ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ нашата држава. Во тој процес на регрутација на членови за новиот мета состав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски - Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младинскиот културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Се најавува и богата музичка програма. Билетите за фестивалот, како што е најавено, ќе чинат 250 денари.

Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје, делегацијата на ЕУ преку програмата „EU film festivals“, Агенцијата за филм во партнерство со Публицис и Кинотеката на Република Северна Македонија.

Мендеш: Ќе направиме сѐ за Роналдо да освои трофеј на неговото последно Евро

Дефанзивецот на Португалија, Нуно Мендеш ја истакна решителноста на сите негови соиграчи да дадат максимум во обидот Кристијано Роналдо да го подигне трофејот на неговото последно Европско првенство.

-Ова е неговото последно евро и ќе направиме сѐ за да му го подариме трофејот, изјави Мендеш за „A Bola“.

Роналдо по победата над Словенија (0:0, пенкало - 3:0) во осминафиналето на Евро 2024, изјави дека овој континентален турнир ќе му биде последен.

Во четвртфиналето на ЕП Португалија ќе се сретне со Франција. Натпреварот ќе се одигра на 5 јули со почеток во 21 часот.

притисни ентер