На денешен ден - Канал 5

На денешен ден

1 јануари 2026 

На денешен ден

- Денеска е Светски ден на мирот

45.п.н.е.- Воведен бил во употреба новиот календар, наречен „јулијански“, со кој римскиот државник Гај Јулиј Цезар, според советите на грчките астрономи го реформирал сметањето на времето така што за почеток на годината го определил 1 јануари. Јулијанскиот календар е заснован на Сончева година од 365 дена и шест часа, но во него годината е подолга од Сончевата за 11 минути и 14 секундни, па поради тоа секоја четврта година е престапна, а на секои 128 години се појавува „вишок“ ден. За да се елиминира тој „вишок“, папата Гргур Тринаесетти, според советите на астрономите, го реформирал календарот во 1582 година и сега Грегоријанскиот календар е практично меѓународен. Јулијанскиот календар го задржаа неколку православни цркви – МПЦ-ОА, Руската црква, Ерусалимската патријаршија и некои други.

1449.- Роден е Лоренцо Медичи, поглавар на Фирентинската република, заслужен за процутот на ренесансната култура во Фиренца, поет, собирач на ракописни книги, слики и скулптури. Умрел во 1492 година.

1502.- Португалски морепловци впловиле во заливот Гуанабара и ова место го нарекле Сао Себастијан де Рио де Женеиро (Свети Себастијан од јануарска река) - бидејќи е ден кога се одбележува споменот на овој светец. На ова место се издигнал градот кој во 1763 година станал главен град на португалската колонија Бразил, а потоа и престолнина на независното царство од 1822 до 1889 година и на републиката од 1899 до 1960 година кога за главен град е определен новоизградениот Бразилија. Пред Рио престолнина на колонијата бил градот Баија.

1515.- Војводата од Ангулем Франсоа по смртта на кралот Луј XII станал француски крал Франсоа Први.

1776.- Водачот на американската борба за независност Џорџ Вашингтон го развиорил знамето на Големата Унија, прво национално знаме во сегашните САД, по повикот од англискиот крал Џорџ III сите побунети колонисти да се предадат.

1782.- Умрел германскиот композитор, пијанист и диригент Јохан Кристијан Бах, најмладиот син на Јохан Себастијан, кој живееше и во Милано и во Лондон, поради што е наречен „италијански Бах“ и „англиски Бах“. Во Англија се прославил како пијанист и организатор на музичкиот живот и станал музички учител на кралицата Шарлот. Дела: 15 опери, повеќе од 60 симфонии, 37 клавирски концерти, 13 увертири, клавирски сонати, камерна музика.

1801.- Со стапување во сила на Актот за обединување, создадено било Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска. Дотогаш биле три кралства под една круна - Англија, Шкотска и Ирска.

1803.- Данска го забранила увозот на робови во Данска и во Западна Индија (денешните Девствени острови) и е прва земја која го забранила ропството.

1804.- Водачот на буната против Французите Жан Жак Десалин, кој потоа станал цар Жак Први, ја прогласил независноста на карипските островски држави Хаити.

1823.- Роден бил Шандор Петефи, унгарски револуцинер и поет. Бил воодушевен приврзаник на револуцијата, републиканец по убедување. Во 1848 година дошол на чело на пештанската младина и станал главен идеолог на мартовската револуција во Унгарија. Негови познати дела се "Витезот Јанош" и "Апостол". Загинал кај Сегешвар, борејќи се во редовите на револуционерната војска против странските интервенционисти, на 31 јули 1849 година.

1833.- Велика Британија прогласила суверенитет врз Фокландските острови во Атлантикот, околу 500 километри источно од брегот на Аргентина. Овој архипелаг порано бил шпански имот.

1863.- Во текот на Американската граѓанска војна претседателот на САД Абрахам Линколн ја потпишал Еманципаторската прокламација со која се укинало ропството. Тоа предизвикало дополнителен бес во 11 јужни робовладетелски држави кои се бореле за отцепување.

1877.- Британската кралица Викторија Прва е прогласена за царица на Индија.

1879.- Роден е англискиот писател Едвард Морган Форстер. Живел во Италија и во Грција и некои дела се тематски врзани за овие две земји. Дела: „Соба со поглед“, „Едно патување во Индија“, „Најдолгото патување“, „Небески омнибус“, „Вечен момент“.

1881.- Умрел францускиот револуционер Луј Огист Бланки, основач и член на тајните револуционерни здруженија. Бил двапати осудуван на смрт и наречен „Окованиот Прометеј“ бидејќи во темница помина 36 години и пет месеци.

1895.- Роден е американскиот политичар и правник Едгар Џон Хувер, шеф на Федералното истражно биро (ФБИ) од 1924 до 1972 година. Ја предводел борбата против организираниот криминал, посебно во триесеттите години на 20. век за време на прохибицијата.

1901.- Државите Нов Јужен Велс, Викторија, Квинсленд, Јужна Австралија, Западна Австралија и Тасманија ја основале австралиската заедница со Едмунд Бартон како прв претседател на владата. Австралија го добила статусот на доминион и во тоа својство е примена во Британскиот комонвелт.

1909.- Во Битола излегол првиот број на весникот „Работническа искра“, заштитник на работничките интереси во Турција. Одговорен уредник бил Васил Главинов. Последниот број излегол на 20 мај 1911 година.

1915.- Германците во Првата светска војна во каналот Ла Манш го торпедирале британскиот воен брод „Формидабл“, усмртувајќи 547 луѓе.

1918.- Врз рускиот револуционер Ленин е извршен прв неуспешен атентат од страна на една организација на војници под влијание на десните социјалреволуционери.

1941.- Во Софија умрел Петар Поп Арсов, македонски национален деец и публицист. Учесник бил во создавањето на ВМРО во Солун, во 1893 година, а потоа и член на нејзиниот прв Централен комитет. Му припаѓал на левото крило на Организацијата. Во 1912 година емигрирал во Бугарија. Под псевдонимот „Вардарски“ ја напишал книгата „Стамболштината во Македонија и нејзините претставници“, објавена во Виена, во 1894 година. Роден е во селото Богомила, Велешко, во август 1868 година.

1945.- Во Скопје излегол првиот број на сатирично-хумористичниот весник "Остен".

1948.- Основана е Државната опера на Народна Република Македонија.

1941.- Во Охрид е отворен Градскиот народен театар.

1956.- Поранешната британска колонија Судан се стекна со независност.

1958.- Стапил на сила договорот за основање на Европската економска заедница, тогаш се уште под името Заеднички пазар, кој на 25 март во 1957 година во Рим го потпишале Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Франција и Холандија. Во заедницата, потоа Европска заедница, а сега Европска унија во 1973 година и пристапиле и Велика Британија, Ирска и Данска, во 1981 - Грција, во 1986 - Шпанија и Португалија, во 1995 - Шведска, Финска и Австрија, во 2004 - Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Унгарија, Полска, Словачка, Словенија и Чешка, и во 2007 - Романија и Бугарија.

1959.- Револуционерното движење „26 јули“ под водство на Фидел Кастро победило на Куба, а генералот Фулхесио Батиста по целосниот неуспех заедно со лојалните трупи побегнал во Доминиканската Република.

1960.- Прогласена е независноста на француската африканска колонија Камерун.

1962.- Западна Самоа стана првата независна држава во Полинезија.

1966.- Во Пловдив умрел Петар Манџуков, македонски револуционер, просветен работник, анархист, учесник во четата на Гоце Делчев, еден од основачите на Македонскиот таен револуционерен комитет во Женева (1898 г.), како и соработник на илегалните весници „Отм`штене“ и „Глас“. Позната е неговата мемоарска проза „Предвесници на бурата“. Роден бил во селото Мирковци, Скопско, на 13 јануари 1879 година.

1972.- Умрел францускиот пејач и актер Морис Шевалие, заштитен знак на француската музичка комедија. Ја напишал автобиографијата „Мојот пат и моите песни“. Филмови: „Љубовна парада“, „Насмеаниот поручник“, „Веселата вдовица“, „Молчењето е злато“, „Имав седум ќерки“, „Живот за кариера“, „Жижи“, „Фани“.

1979.- САД и Народна Република Кина воспоставиле дипломатски односи, 30 години по основањето на Народна Република Кина.

1981.- Грција станала десеттата членка на Европската економска заедница, денешна Европска унија.

1992.- Египетскиот дипломат Бутрос Бутрос Гали го наследил перуанскиот колега Хавиер Перес де Куељар на местото генерален секретар на Обединетите нации.

1993.- Чешка и Словачка станале самостојни држави, со што престанала да постои Чехословачка, основана во 1918 година.

1995.- Шведска, Финска и Австрија и се приклучиле на Европската заедница, со што бројот на членките на оваа организација изнесува 15.

1995.- Во Скопје умрел Методија Ивановски - Менде, македонски сликар и сценограф. Роден е во Битола, во 1929 година.

1997.- Здружението на издавачите и книжарите на Македонија е примено во Меѓународната асоцијација на издавачите со седиште во Женева.

1999.- Официјално е пуштена во промет единствената европска валута - евро. Банките почнале новата валута да ја користат по три дена.

2002.- Околу 300 милиони Европјани почнале да го употребуваат еврото, а од членките на ЕУ само Велика Британија, Данска и Шведска ги задржале национални валути.

2004.- Во Скопје умрел Бранко Варошлија, македонски писател, драматург, критичар, полемичар и новинар. Автор е на романот „Последниот лет на птицата селица“ и на расказите „Осамени минувачи“. Роден бил во Скопје, на 1 јануари 1934 година.

2006.- Во Шпанија стапил во сила законот со кој се забранува пушење на јавни места, канцеларии, трговски центри и други затворени простории. Со законот биле забранети рекламирање и промоција на тутунот.

2007.- Романија и Бугарија станале членки на Европска унија.

2012.- Умрел Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна Република Македонија. Бил претседател во два мандата од 1991 до 1999 година. По пензионирањето Киро Глигоров беил активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател - „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат - ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“. Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН. На 3 октомври 1995 година во 9 часот и 50 минути преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата „Македонија“ во непосредна близина на хотелот „Бристол“. Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“. Според неговата последна желба, погребот бил извршен во кругот на семејството. Роден бил на 3 мај 1917 година во Штип.

2013.- Во 72-та година од животот починал писателот Коле Мангов. Член на Друштвото на писателите на Македонија бил од 1977 година. Автор е на поетските книги „Гладострав” и „Вик”, како и на публицистичките дела „За македонските човекови права” и „Во одбрана на македонскиот национален идентитет”. Коле Мангов е роден во 1940 година во селото Баница, Леринско, Егејска Македонија.

2014.- На 82 години почина проф. д-р Тодор Џунов, кој од 1985 до 1988 година бил ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1954 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје, каде што од 1974 бил редовен професор и декан од 1981 до 1983. Во 1994 станал судија, а во 2000 година претседател на Уставниот суд на Република Македонија. Објавил повеќе од 120 научни и стручни трудови. Добитник е на наградата „11 Октомври“ за монографијата „Меѓународното регулирање на користењето на водите“, на Медал на Универзитетот во Хале (Германија) и на Софискиот универзитет. Проф. д-р Тодор Џунов е роден во 1931 во кавадаречкото село Ваташа.

2019.- На 73 години почина познатиот српски актер Марко Николиќ. Дипломирал глума на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград. Беше член на Народниот театар од 1970 година, а играше и на филм и на телевизија. Најпознат е по улогата на Драгиша Попадиќ, викан „Гига Моравац“, од серијата „Подобар живот“. Телевизиска слава му донесе и улогата на Караѓорѓе, чиј лик го толкуваше во серијата „Вук Караџиќ“, но и во телевизиската драма „Смртта на Караѓорѓе“ и телевизиската серија „Театар на Србите“. Ликот на Караѓорѓе го играше и во филмот „Шејтанов војник“. Незаборавни улоги оствари и во филмовите „Монтевидео, бог те видео“, „Наскоро ќе биде пропаст на светот“, „Диви години“, „Ужичка република“, „Бошко Буха“, „Петриин венец“ и многу други. Добитник е на наградата „Павле Вујисиќ“, што ја доделува Здружението на филмски глумци на Србија за доживотно дело. Николиќ е роден на 20 октомври 1946 година во Краљево.

2020.- На 77-годишна возраст почина поранешниот комесар во НБА лигата, Дејвид Штерн. Штерн беше комесар на најсилната светска кошаркарска лига од 1984 до 2014 година. По пензионирањето, стана член во „Куќата на славните“ за неговиот огромен придонес во развојот на НБА. За многу експерти Штерн беше дел од највлијателните луѓе во историјата на кошарката. Под негово водство, НБА лигата стана една од најпрофитабилните лиги во светот, во неа се појавија седум нови екипи, а од 1992 година, играчите на НБА учествуваат на Олимписките игри.

2021.- Почина познатиот македонски виолинист, вокален изведувач и професор Зоран Џорлев. Детството го поминал во Струмица. Тој бил дете на Наско и Грозда Џорлеви, а татко му бил познат композитор на народна музика и водач на оркестар. Кога бил првооделенец, со семејството се преселил во Скопје. Уште во раното детство, во Струмица, започнал да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почнал да свири на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина“. Во 1989 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност. Познат бил по обработките и изведувањето на македонските народни и забавни композиции, обработки на филмски, џез, етно теми. Работел како професор по виолина, и бил директор на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје. Во јануари 2011 бил назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде останал до август 2017 година. Зоран Џорлев е роден на 10 јануари во Струмица.

2021.- На 81-годишна возраст почина академик Ратко Јанев, редовен член на МАНУ. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Белград, специјализирал на Државниот универзитет во Ленинград, а докторирал на Природно-математичкиот факултет во Белград. Работел на Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча, а продолжил со работа на Институтот за физика во Белград. Предавал на ПМФ во Белград и на ПМФ во Скопје (1970 – 1973), а бил професор и на повеќе универзитети во Европа, Америка, Јапонија и во Кина. Соработувал со врвни светски истражувачки институции. Раководел со прогамата на Меѓународната агенција за атомска енергија (Виена) за истражувањата во контролираната термонуклеарна фузија (1988 – 1999). Објавил над 300 научни трудови, а автор или коавтор е на 7 монографии и 27 ревијални статии. Бил член на Советот за електронски и атомски судири на Европското физичко општество (1993 – 1997), како и на научни комитети на бројни меѓународни конференции. Заедно со проф. А. Далгарно ја иницира Меѓународната конференција за атомски и молекуларни податоци и нивната примена (1998). Добил Homage oд Слободниот универзитет на Брисел (1979). Беше член на Joint Institute for Laboratory Astrophysics, Боулдер, САД (од 1982). Добитник е на престижната Хумболтова награда за истражувања во контролираната термонуклеарна фузија (2004). Академик Ратко K. Јанев е роден 1939 година во Сандански, Бугарија.

2022.- Поранешниот британски премиер Тони Блер и војвотката од Корнвол и бароницата Ејмос станаа членови на најстариот и најголем англиски Ред на витезите во Европа и светот. Тоа е лична одлука на кралицата Елизабета Втора, а бароницата Ејмос е првата црнкиња која станала членка на Редот. Церемонијата, воспоставена во 1348 година, претставува признание за важни јавни служби, како еден вид личен подарок од монархот. Блер од денеска ја има титулата „сер“ и влегува во друштвото на витези.

2022.- По повод 20-годишнината од еврото и почетокот на француското претседателство со Советот на Европската унија, пуштена е во оптек нова монета од две евра. Монетата ја красат даб и маслиново дрво, што претставуваат сила, мудрост и природа. Двете стебла се врамени со шестоаголник, симбол на Франција и опкружени со 12 ѕвезди од европското знаме.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Заборавете на изгледот и мускулите – Еве какви мажи посакуваат жените

Маж со овие особини кај жената буди најголема страст.

Заборавете на изгледот и мускулите – Еве какви мажи посакуваат жените

На сексуалното задоволство кај жената не влијаат само физичкиот изглед на партнерот или неговите сексуални вештини; туку за успешно сексуално задоволство заслужни се и други особини...

Според истражувањата на оваа тема, важна улога играат личните квалитети на мажот, начинот на кој се однесува кон својата партнерка, како и чувството на блискост и сигурност што тој ги создава.

Издвојуваме неколку карактеристики кои често се поврзуваат со поголемо сексуално задоволство кај жените.

Хуморот е привлечен

Честопати на жените им се привлечни мажите кои знаат да ги насмеат. Добрата смисла за хумор може да биде знак дека е друштвен, самоуверен и способен да ѝ посвети внимание на партнерката во конкретна ситуација.

Исто така, важно е да се знае кога да се пошегува, а кога да биде сериозен. Токму ваквата комбинација создава поопуштена атмосфера меѓу партнерите.

Креативност и спонтаност

Монотонијата може негативно да влијае на врската, додека креативноста и подготвеноста за прифаќање промени можат да донесат повеќе возбуда.

Не е неопходно мажот да биде физички совршен за да биде привлечен. Жените можат особено да ја ценат неговата креативност, спонтаност и подготвеност заедно со партнерката да истражуваат што најдобро им одговара. Креативноста често се поврзува и со одредена доза на мистериозност, што за некои жени може да биде особено привлечно.

Топлината создава чувство на сигурност

Љубезноста, вниманието, чувството на блискост можат да бидат многу важни за сексуалното задоволство.

Кога жената се чувствува сигурно и прифатено од својот партнер, полесно може да се опушти и препушти на моментот. На тој начин, довербата игра значајна улога во сексуалниот однос. Сигурната и опуштена атмосфера, исто така, им овозможува на партнерите поотворено да разговараат за своите желби, граници и за она што им причинува задоволство.

Верноста гради блискост

Довербата и чувството на посветеност можат дополнително да ја зајакнат врската меѓу партнерите.

Кога жената знае дека нејзиниот партнер е верен и ја цени, таа може да се чувствува посакувана и сакана. Таквата емоционална поврзаност може да биде клучна за сексуалното задоволство. За некои жени, ова чувство на блискост и доверба игра поголема улога од физичкиот изглед на партнерот.

Мирисот исто така може да игра улога

Мирисот може да влијае на привлечноста и да предизвика разни емоционални реакции. Затоа природниот мирис на партнерот може да игра важна улога во создавањето привлечност.

Кога постои привлечност, доверба и емоционална блискост меѓу партнерите, поверојатно е сексуалната интимност да биде попријатна и поисполнета.

На крајот, не постои еден единствен тип на маж кој гарантира најдобро сексуално задоволство. Привлечноста и сексуалното задоволство зависат од бројни фактори, вклучувајќи емоции, доверба, комуникација и меѓусебна поврзаност.

Извор: una.rs

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Босанката Мирнеса украла над милион евра од фирма во Германија, па ја пуштиле на слобода- парите не се пронајдени

Мирнеса С, попозната по прекарот Мики, која украла дури 1,25 милиони евра од германска компанија за готовински трансфер во Штутгарт, повторно е во центарот на вниманието. 

Босанката Мирнеса украла над милион евра од фирма во Германија, па ја пуштиле на слобода- парите не се пронајдени

Откако отслужила дел од тригодишната затворска казна, таа била ослободена на почетокот на 2025 година, но најголемата мистерија во случајот останува нерешена - каде завршиле парите што исчезнале пред повеќе од четири години?

Кражбата се случила на 14 октомври 2022 година, кога Мирнеса, која во тоа време била вработена во компанијата за готовински трансфер, однела огромна сума пари од просториите на компанијата, објави 24 сата.

Според информациите што подоцна ги објавија медиумите, таа ги ставила парите во спортска торба, ја покрила со крпи и го напуштила своето работно место. Бидејќи имала пристап до парите како вработена, кражбата била извршена без класичен грабеж или употреба на сила.

Нејзиното исчезнување предизвикало обемна потрага од страна на германската полиција, која понудила награда од 37.500 евра за информации што довеле до нејзино апсење. Мирнеса, сепак, доброволно се предаде на властите во Германија на почетокот на 2023 година, откако преку својот адвокат го најави своето пристигнување на аеродромот во Штутгарт.

Во јули истата година, таа беше осудена на три години затвор за кражба, а за време на постапката тврдеше дека нејзиниот тогашен партнер Роберт С. го смислил целиот план и ја убедил да учествува во кражбата. Според неа, таа добила само 20.000 евра од вкупната сума.

Нејзиниот поранешен партнер, од друга страна, ги негираше обвинувањата дека ја организирал кражбата и тврдеше дека само играл улога на возач.

Случајот достигна нов епилог во февруари 2026 година, кога Роберт С. беше осуден на три години и девет месеци затвор за учество во кражбата. Судот, исто така, нареди конфискација на приносите од криминал во износ од 1,25 милиони евра, но парите не беа пронајдени ни тогаш. Пресудата не беше конечна во времето на објавувањето на извештајот.

Мирнеса се појави и како сведок на судењето на нејзиниот поранешен партнер, каде што зборуваше за желбата да започне нов живот. Иако е повторно слободна, прашањето за судбината на парите останува неодговорено.

Во последните месеци, таа привлече внимание и на социјалните мрежи, каде што се појавува во хумористични видеа со босанскиот инфлуенсер Сермед Мактоуф.

Иако двајцата поминаа низ судски процес и добија затворски казни, повеќе од еден милион евра сè уште не се пронајдени, а останува непознато кој во моментов ги контролира парите од една од најпознатите кражби во Германија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Холанѓанец си го убил таткото и го исекол телото на 238 парчиња, а потоа направил нешто пострашно

Холандските обвинители побараа 12-годишна затворска казна за маж кој го убил својот татко, а потоа го исекол неговото тело на 238 парчиња!

Холанѓанец си го убил таткото и го исекол телото на 238 парчиња, а потоа направил нешто пострашно

Осомничениот ги ставил останките од својот татко во 19 вреќи за ѓубре, кои ги чувал во два замрзнувачи и кутија за складирање повеќе од три години.

„Тој го отстранил телото и ги лажел полицијата и луѓето околу него со години“, изјавил јавниот обвинител пред судот, објави Сан.

Тајмен В., 33, е обвинет за убиство на својот татко на 10 јануари 2021 година. Полицијата ги пронашла останките во куќата на осомничениот повеќе од три и пол години подоцна, во ноември 2024 година.

Обвинителството изнесе тврдења пред судот во Алкмар дека таткото и синот биле во насилен конфликт. Жртвата била удирана во главата осум пати со тврд предмет, можеби статуа на Буда, што самиот осомничен го споменал.

Според патолог од Холандскиот форензички институт (NFI), постои и можност жртвата да била задавена. Осомничениот тврди дека дејствувал во самоодбрана откако неговиот татко го нападнал со нож.

Обвинителството ја отфрли оваа верзија на настаните, нагласувајќи дека осомничениот не контактирал со полицијата по смртта на неговиот татко, туку им кажал на луѓето околу него дека заминал во странство.

Обвинителот посочи дека осомничениот се однесувал кон својот татко „на ужасен и крајно дехуманизирачки начин“. Психијатар и психолог процениле дека имал благо нарушен ментален капацитет, констатација што обвинителството ја прифатило.

Обвинетиот изјавил дека целосно го потиснал и самото убиство и криењето на телото, и дека неговите сеќавања за настанот се појавиле дури околу еден месец по неговото апсење. Меѓу другото, му е дијагностицирано гранично растројство на личноста.

Неговиот адвокат изјавил дека физичкото насилство се случило меѓу татко и син во неколку наврати и дека било взаемно.

Тој додаде дека неговиот клиент ја изгубил довербата во полицијата по претходен инцидент, кога неговиот татко го нападнал со секира, а полицајците не пристигнале веднаш на местото на настанот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер