Јамал за односот со Бускетс: „Ме фати и ми одржа лекција“ - Канал 5

Јамал за односот со Бускетс: „Ме фати и ми одржа лекција“

Бисерот на светскиот фудбал, тинејџерот на Барселона, Ламин Јамал раскажа што му се случило во Барселона кога  легендарниот Серхио Бускетс го фатил и му одржал лекција што ќе ја памети.

Јамал за односот со Бускетс: „Ме фати и ми одржа лекција“

Еден од најдобрите светски фудбалери во моментов, 19 годишниот ас на Барселона, Ламин Јамал призна дека се исплашил додека ги слушал зборовите на своите соиграчи.

Ламин Јамал денес е еден од најдобрите фудбалери во светот и еден од кандидатите за освојување на „Златната топка“.

Неговиот талент е неспорен, тој игра одлично и за Барселона и за шпанската репрезентација. Бележи големи успеси и со клубот и со националниот тим, но и самиот е свесен дека можеби тоа немаше да се случи доколку Серхио Бускетс не му одржал лекција на почетокот од неговата кариера.

„Бев суспендиран од репрезентацијата на три недели бидејќи, како и сите деца, направив нешто многу глупаво. Денот кога отидов на првиот тренинг со сениорскиот тим, Бускетс ме фати и ме праша: 'Што направи во репрезентацијата?'. Имаше многу сериозен израз на лицето“, ја започна приказната Јамал.

Тој и двајца соиграчи предизвикаа хаос во националниот тим кога имаа 15 години.

Официјалната причина никогаш не е соопштена; тогаш беше објавено само дека „биле исфрлени поради недисциплина и дека таквото однесување нема да се толерира во националниот тим, без разлика за кого станува збор“.

„Бев само дете и признавам дека се исплашив. Му кажав што се случило. Тој ми рече: 'Сега си во Барселона, сите знаат кој си и без разлика колку добар играч си, мораш да знаеш како да се однесуваш'.“

Ламин Јамал призна дека тој разговор со легендарниот фудбалер на Барселона многу му помогнал во кариерата. „Од тој момент, променив сè во мојот живот и целосно му се посветив на фудбалот. Престанав да излегувам. Одам на тренинг, одмарам, ја посетувам мајка ми и потоа почнувам одново. Целосно се посветив само на фудбалот. Фудбал, фудбал и фудбал“, заклучи Ламин Јамал.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

За време на викендот врнежливо време со температура до 16 степени

Утре ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет, информираат од УХМР. 

За време на викендот врнежливо време со температура до 16 степени

МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА (во оС)

6 Попова Шапка, 7 Маврови Анови, 9 Крушево, Лазарополе, 11 Претор, 12 Крива Паланка, Виница, Берово, 13 Охрид, Прилеп, 14 Тетово, Битола, Штип, Кавадарци, Струмица, 15 Скопје-Зајчев Рид, Скопје-Петровец, Велес, Гевгелија, 16 Демир Капија.

КОЛИЧИНА НА ВРНЕЖИ за изминатите 9 часа до 16 часот во (l/m2)

3 Претор, 1 Гевгелија.

ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ

Времето денеска беше претежно облачно со повремен локален дожд со слаб интензитет. Дуваше слаб до умерен ветер од северен правец.

Попладнево, до крајот на денот и во текот на ноќта ќе се задржи облачно време со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

ВРЕМЕТО УТРЕ

Облачно со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет, особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.

Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд, особено попладне и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 14 степени.

ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Под влијание на циклонска активност до вторник времето ќе биде претежно облачно и постудено со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Пообилни врнежи ќе има во недела и во понеделник кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник. На повеќе места се очекува да наврне поголема количина на дожд (над 25 l/m² за 24 часа), а во текот на прогнозираниот период локално и над 60 l/m². Од среда и во деновите потоа ќе се задржи постудено, но стабилно и суво време.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Димитриеска-Кочоска: Стабилни јавни финансии, повеќе инвестиции и подобар животен стандард – приоритети на Буџетот за 2027 година

Стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување со постепената фискална консолидација, создавање услови за економски раст и инвестиции, редовна и навремена исплата и раст на платите и пензиите, повеќе средства за здравствена заштита.

Димитриеска-Кочоска: Стабилни јавни финансии, повеќе инвестиции и подобар животен стандард – приоритети на Буџетот за 2027 година

Стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување со постепената фискална консолидација, создавање услови за економски раст и инвестиции, редовна и навремена исплата и раст на платите и пензиите, повеќе средства за здравствена заштита, социјални надоместоци и слично. Ова се основните цели на Предлог-буџетот за 2027 година, којшто денеска го усвои Владата, а пред јавноста на прес-конференција го презентираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи со Предлог-буџетот за 2027 година се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари или 5,7% повеќе споредено со 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8% споредено со 2026 година). Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5% од БДП и е во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.

„Ова значи дека остануваме на определбата на постепена фискална консолидација, со јасна цел за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се откажеме од развојните приоритети. Буџетот за 2027 година го подготвивме во услови на неизвесно меѓународно економско опкружување и екстерни ризици, поради што посебно внимание посветивме на реалноста на проекциите, одржливоста на расходите и ефикасното користење на јавните средства“, рече министерката на прес-конференцијата.

Таа потенцира дека во 2027 година даночната политика ќе остане предвидлива, со фокус на унапредување на наплатата, намалување на даночната евазија и дигитализација на даночните процеси. При тоа даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари или раст од 6,4% во споредба со 2026 година.

Министерката посочи дека со Буџетот во 2027 се обезбедува редовно и непречено финансирање на сите законски и договорни обврски на државата.

„Со Буџетот се обезбедуваат средства за раст на плати во јавниот сектор, повеќе пари за исполнување на обврските што произлегуваат од членството на државата во НАТО, при што за одбраната се планирани средства во висина од 2% од БДП за зајакнувањето на одбранбените капацитети, модернизацијата и опремувањето на Армијата. Посебен приоритет останува социјалната сигурност на граѓаните. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари што е зголемување за 4,1%, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8%, согласно законското усогласување. За социјална заштита на најранливите категории граѓани се предвидени 14,3 милијарди денари, додека за активните политики и мерки за вработување се планирани 2,9 милијарди денари. За здравствена заштита се обезбедени 3,9 милијарди денари повеќе во споредба со оваа година. Исто така, за општините преку блок дотации и дотации за ДДВ се планирани трансфери во износ од околу 36 милијарди денари“, појасни министерката.

Според министерката особено значаен сегмент на Буџетот за 2027 година се капиталните инвестиции кои се планирани на ниво од 40,8 милијарди денари.

„Нашата определба е овие средства да бидат насочени кон проекти кои создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги. Притоа, не е важна само висината на планираните средства, туку и нивната реализација. Нашиот фокус е на навремено спроведување на проектите и на конкретни резултати на терен.

Дополнително, покрај капиталните инвестиции што директно се финансираат од Буџетот, во 2027 година продолжува реализацијата на значајни инфраструктурни проекти преку ЈПДП како што е Коридорот 8 и 10 Д“, рече министерката.

Напомена повеќе проекти кошто ќе се реализираат во патната и железничката инфраструктура, образование, дигитализација, посочи на започнување нови проекти и забрзување на динамиката на тековни проекти.

„Сите овие инвестиции имаат една заедничка цел – подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги, поголема продуктивност и создавање услови за развој на економијата“, оцени министерката за финансии.

Посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплата на обврски кои што доспеваат во 2027 година ќе се обезбедува на домашниот и меѓународниот пазар. При тоа потсети дека следната година меѓу другото доспева за отплата Еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2023 година.

„Нашата определба е да градиме Буџет заснован на реални приходи, одговорно управување со расходите и јасно утврдени приоритети. Во 2027 година продолжуваме со фискална дисциплина, ефикасно користење на јавните средства и посилен фокус на капиталните инвестиции. Целта е да обезбедиме стабилни јавни финансии и да создадеме услови за одржлив економски раст и подобар животен стандард на граѓаните“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Со Предлог-буџетот за 2027 година проектиран е раст на БДП од 3,8% и стапка на инфлација на ниво од 3,2%.

Одделение за односи со јавност

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Volkswagen“ бара спас во кинеската технологија

Германскиот производител на автомобили „Volkswagen“ денес претстави нов софтвер, развиен во Кина и прилагоден на потребите на локалните купувачи.

„Volkswagen“ бара спас во кинеската технологија

Овој потег претставува обид на „VW“ да го запре падот на приходите на најголемиот автомобилски пазар во светот. Според „Bloomberg“, новиот софтвер – наречен „Vega“ – веќе поддржува функции како што е автоматско паркирање и ќе добива ажурирања на секои три месеци.

Компанијата планира следната година да го надгради софтверот за да овозможи автономно возење од „Ниво 3“. Тоа значи дека возилото може да се движи самостојно под одредени услови, иако возачот мора да биде подготвен да ја преземе контролата кога е потребно.

Продажбата на групацијата „VW“ во Кина опадна за 39 отсто во третиот квартал од 2026 година, и покрај воведувањето нови модели на „Audi“ и „Volkswagen“, развиени во соработка со локални кинески производители.

Кинеските автомобилски брендови, предводени од „BYD“, сè повеќе го зголемуваат својот удел на пазарот благодарение на подостапните електрични возила и напредните софтверски функции.

Како резултат на тоа, „Volkswagen“ сè повеќе се потпира на локалниот развој за да ја подобри конкурентноста на своите возила.

Технологиите и платформите развиени во Кина, исто така, се наменети за подобрување на возилата што се наменети за други пазари, вклучувајќи ги земјите од Блискиот Исток, потсахарска Африка и Централна Азија.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер