Муслиманскиот свет се подготвува за почетокот на Рамазанските пости без заеднички молитви

Во деновите во пресрет на светиот месец Рамазан, исламскиот свет се соочува со парадоксот што го донесе пандемијата на коронавирусот: присилно раздвојување во месецот кога дружењето е скоро свето.

Но, со затворање на џамиите и забранетите масовни молитви од Сенегал до Југоисточна Азија, околу 1,8 милијарди муслимани се соочуваат со Рамазан како никогаш порано. Во муслиманскиот свет, пандемијата создаде нови форми на загриженост пред светиот пост, кој започнува во четврток.

Во Алжир, Јасмин Хермахе (67) обично прима роднини и соседи во нејзиниот дом и пие чај и ладни пијалоци во текот на месецот на постот од зори до самрак. Но, таа стравува дека ќе биде поразлично оваа година.

„Можеби нема да ги посетиме или нема да дојдат“, рече таа низ солзи. „Коронавирусот ги исплаши сите, дури и најблиските гости“, додаде таа.

Во земја во која џамиите се затворени, нејзиниот сопруг Мохамед Џемуди (73) се грижи за нешто друго.

„Не можам да го замислам Рамазан без теравих“, рече тој, осврнувајќи се на дополнителните молитви во џамиите што се изведуваат по ифтар, вечерен оброк по цел ден пост.

Во Јордан, владата, во координација со соседните арапски земји, се очекува да објави фетва со наредба кои рамазански ритуали ќе бидат дозволени, но милиони муслимани веќе ја чувствуваат разликата.

Од Африка до Азија, коронавирусот фрли сенка на вознемиреност и неизвесност.

За Каиро, град со 23 милиони луѓе кои никогаш не спијат, коронавирусот направи катастрофа.

"Луѓето не сакаат да доаѓаат во продавниците. Се плашат од болеста. Ова е најлошата година досега", рече Самир ел-Хатиб, кој има штанд до историската џамија на Саид Зеинаб. „Во споредба со минатата година, не продаваме ниту четвртина“, додаде тој. За време на Рамазан, уличните продавачи во египетската престолнина ги организираат своите маси со урми, кајсии и други слатки плодови, со традиционални фенери на кулите на градските ѕидови.

Оваа година, сепак, властите воведоа полициски час и ги забранија воообичаените молитви и други активности, така што многу луѓе не ја гледаат поентата за купување фенери. Насер Салах Абделкадер (59), менаџер на египетската берза, е еден од ретките кој се вклучи.

„Оваа година воопшто нема рамазанска атмосфера“, рече тој. „Обично би доаѓал на пазарот и од самиот почеток се слушаше музика, луѓе седеа наоколу, скоро живееја на улица“, опиша тој.

Со негирање на празниците пред тие дури и да започнат, коронавирусот го отежнува и другиот дел од Рамазан, време кога постот и хуманоста се сметаат за задолжителни.

Во Алжир, сопствениците на ресторани се прашуваат како да им дадат ифтар на сиромашните кога нивните простории се затворени, додека добротворните организации во Абу Даби, каде што сиромашните од Јужна Азија добиваат ифтар, не се сигурни што да прават со сега затворените џамии.

Мохамед Аслам, инженер од Индија, кој живее во трособен стан во центарот на Абу Даби со 14 други, е невработен заради коронавирусот. Откако неговата зграда била ставена во карантин затоа што еден станар бил позитивен на коронавирус, тој се потпирал на добротворната помош во храна.

Во Индонезија, земја со најбројно муслиманско население во светот, некои ќе се сретнат со најблиските „од далечина“. Прабово, кој за Ројтерс се претстави под ова име, рече дека ќе го одбележи Еид ал-Фитр на крајот на месецот на постот само со разговори преку Интернет на мрежата Зум наместо да оди на гости.

„Загрижен сум за коронавирусот“, рече тој. „Нема да има никаква заедничка молитва. Нема заеднички ифтар, нема одење во џамија, дури ниту средби со пријателите“, додаде тој.

Иран ги отфрли шпекулациите дека соработува со Северна Кореја во врска со нуклеарни прашања

Иранското Министерство за надворешни работи денеска по пристигнувањето на севернокорејската деловна делегација во Техеран, ги отфрли шпекулациите за соработка со Пјонгјанг во врска со нуклеарни прашања.

„Делегацијата, предводена од министерот за надворешни економски односи Јун Јонг Хо, отпатува во иранската престолнина минатата недела на економска конференција. Секоја поврзаност со соработка за нуклеарни прашања е „неоснована“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Во Јужна Кореја имаше шпекулации дека за време на посетата може да се разговара за воена соработка меѓу Северна Кореја и Иран.

Двете земји - и двете се соочија со строги меѓународни санкции и изолација на дипломатската сцена поради нивните нуклеарни активности - постојано беа обвинувани за активна соработка, особено во областа на ракетната технологија.

Контроверзната иранска нуклеарна програма е предмет на обновен интерес во последните месеци по избувнувањето на војната во Газа. /МИА

Сиднеј: Тинејџери планирале да купат оружје и да ги напаѓаат Евреите

 Група тинејџери планирале да набават оружје и да нападнат Евреи само неколку дена по нападот врз епископот на Асирската православна црква во Сиднеј, покажа полициската истрага, објавија денеска австралиските локални медиуми.

Петмина тинејџери, на возраст од 14 до 17 години, во четвртокот беа обвинети пред судот во Сиднеј за низа прекршоци, вклучително и заговор за учество или планирање терористички чин.

Полицијата соопшти дека сите тие „се придржувале до религиозно мотивирана, насилна екстремистичка идеологија“ и биле дел од мрежата во која беше и 16-годишно момче обвинето за прободување на епископот на Асирската православна црква Мар Мари Емануел на 15 април.

Според полициските информации доставени до Детскиот суд во Сиднеј, двајцата обвинети разговарале за купување оружје на 19 април, истиот ден кога е обвинет наводниот напаѓач на бискупот, објави весникот News Corp Australia.

Одделот за односи со јавноста на полицијата на Нов Јужен Велс денеска за Асошиетед прес изјави дека не може да ја потврди точноста на извештајот.

Родителите на момчето во интервју за австралиските медиуми изјавиле дека нивниот син бил насилен и дека се сомневаат дека има нарушување од спектарот на аутизам, но додале дека тој не е терорист.

Еј-Би-Си објави дека на нивниот син му се допаѓаат онлајн видеата на основачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, а сликата на профилот на момчето Вотсап е слика на самиот Бин Ладен. /МИА

Стано: Целта на ЕУ е да им помогне на Белград и Приштина да почнат да се однесуваат европски

- Нашата улога како олеснувач во дијалогот меѓу Белград и Приштина е да олесниме, да им помогнеме да станат Европејци и да почнат да се однесуваат на европски начин.

Од досегашното искуство од работата на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, Унијата научи дека ако страните во еден спор не сакаат напредок, никој не може со сила да ги натера на тоа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни односи и одбранбена политика Петер Стано.

- Нашата улога како олеснувач во дијалогот меѓу Белград и Приштина е да олесниме, да им помогнеме да станат Европејци и да почнат да се однесуваат на европски начин за да најдат компромисни решенија за прашањата кои се важни за нивните граѓани, истакна Стано во одговор на новинарско прашање за оценка на работата на Лајчак, кој од септември заминува на должноста евроамбасадор во Швајцарија.

Според Стано, тоа што Србија и Косово досега не успеаја да постигнат напредок во дијалогот и во имплементацијата на договорените обврски не претставува неуспех на ЕУ или на посредникот Лајчак, туку нивни неуспех да испорачаат.

Стано додаде дека тоа што ЕУ именува специјален претставник за дијалогот е показател за важноста на ова прашање за Унијата и нејзината желба да им помогне на двете страни да остварат напредок на дневна основа.

- Затоа не може да се каже дека досегашните резултати се неуспех на Лајчак. Тој го стори најдоброто што го можеше во името на високиот претставник, во името на ЕУ, со целосна поддршка на сите 27 земји членки. Не е коректно за нешто да се каже дека е неуспех, затоа што двете страни не го потпишаа Охридскиот договор, рече Стано.

Тој додаде дека Охридскиот договор и имплементацијата на останатите договорени одредби е дел од обврските на Србија и Косово поврзани со процесот на нивната евроинтеграција.

-Ако не постигнат напредок во имплементација тие се нанесуваат штета сами на себе, на својата европска иднина и на придобивките што би ги добиле нивните граѓани, додаде Стано.

Во однос на именувањето на наследник на Лајчак, Стано истакна дека за тоа постојат процедури во рамките на ЕУ, но дека засега не може да даде конкретна временска рамка дали и кога би бил именуван нов претставник за дијалогот.

- Можам само да кажам дека до истекот на мандатот на актуелниот претставник Лајчак ќе информираме за нашите идни планови, рече портпаролот на ЕК.

Сепак, според Стано, дури и да не биде именуван нов специјален претставник, тоа не значи дека ЕУ ќе се откаже од својата заложба за да помогне во олеснување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

- Секој олеснувач или посредник ќе ви каже дека нивото на успех зависи од расположението и волјата на страните за компромис. Тоа е нешто што ние го правиме и, повторувам, нема да се откажеме, но можеме да понудиме онолку, колку што тие се подготвени да прифатат, заклучи Стано.

притисни ентер