Муцунски: Силните политички односи со Индија да ги преточиме во конкретно економско партнерство - Канал 5

Муцунски: Силните политички односи со Индија да ги преточиме во конкретно економско партнерство

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево во Скопје се обрати на македонско-индискиот бизнис форум, организиран од Кабинетот на претседателот во соработка со Министерството за надворешни работи.

Муцунски: Силните политички односи со Индија да ги преточиме во конкретно економско партнерство

На отворањето на форумот се обратија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, а беа презентирани и инвестициските можности на земјава.

Во своето обраќање, Муцунски нагласи дека добрите политички односи меѓу двете земји претставуваат цврста основа за посилна економска соработка, нови инвестиции и поголема трговска размена.

„Денес имаме можност силните политички односи да ги преточиме во уште посилно економско партнерство – партнерство што создава работни места, привлекува инвестиции, ја проширува трговијата и носи конкретни придобивки за нашите граѓани“, истакна Муцунски.

Тој посочи дека дипломатијата не се мери само преку одржаните средби и потпишаните договори, туку и преку можностите што ги создава, пазарите што ги отвора и економскиот просперитет што го поттикнува. Во таа насока, го нагласи значењето на интегрирањето на надворешната трговија во Министерството, со цел дипломатијата да придонесува за поврзување на компаниите и поддршка на претприемачите, истражувачките центри и иноваторите.

Муцунски ја оцени Индија како една од најзначајните економски успешни приказни на современото време, со забележителен раст, технолошко лидерство и силен претприемачки дух. Тој нагласи дека постои голем потенцијал за продлабочување на соработката во трговијата, инвестициите, иновациите, образованието, дигиталната трансформација и културата.

Во 2025 година, билатералната трговска размена достигнала речиси 132 милиони американски долари, што е речиси двојно повеќе во споредба со претходната година.

„Нашата амбиција е поголема – повеќе трговија, повеќе инвестиции, повеќе заеднички вложувања и повеќе компании што заеднички ќе создаваат вредност во двете земји“, порача министерот.

Осврнувајќи се на условите за инвестирање, Муцунски истакна дека земјава нуди стабилност, сигурност и партнерство, како и конкурентна пристапна точка кон Западниот Балкан и поширокиот европски пазар. Тој ја потврди определбата за зајакнување на владеењето на правото, подобрување на деловната клима, поддршка на извозно ориентираните индустрии и градење долгорочно партнерство со инвеститорите.

„Ако барате сигурен партнер – подготвени сме. Ако барате нови можности – отворени сме. Ако барате место за раст – го градиме денес“, истакна Муцунски.

Министерот нагласи дека Владите можат да ги создадат условите, институциите да ги отстранат пречките, а дипломатијата да ги отвори вратите, но претприемачите се тие што создаваат вредност, бизнисите создаваат работни места, а инвестициите ги трансформираат економиите.

На крајот, тој порача дека форумот треба да биде запаметен по партнерствата, инвестициите и деловните можности што ќе произлезат од него, повикувајќи потенцијалот, политичката волја и деловниот интерес да се преточат во конкретен напредок и долгорочен просперитет, се наведува во соопштението.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Познат научник тврди дека САД кријат тела на вонземјани: Постојат четири вида, видов записи и докази (ВИДЕО)

Американскиот астрофизичар Ерик Дејвис, кој се претставува како потенцијален „свиркач“ во врска со феноменот на НЛО, тврди дека американската влада ги чува телата на најмалку четири различни видови вонземски суштества.

Познат научник тврди дека САД кријат тела на вонземјани: Постојат четири вида, видов записи и докази (ВИДЕО)

Американскиот астрофизичар Ерик Дејвис, кој се претставува како потенцијален „свиркач“ во врска со феноменот на НЛО, тврди дека американската влада ги чува телата на најмалку четири различни видови вонземски суштества, но дека му е потребен имунитет од Белата куќа за јавно да ги открие деталите.

„Постојат најмалку четири видови за кои знаеме и ги видов доказите“, изјави Дејвис за американскиот ТВ канал NewsNation.

„Пронајдени по падот на НЛО“

Дејвис, кој работеше како консултант на проекти поврзани со американската разузнавачка заедница, рече дека остатоците на наводните „вонземски суштества“ биле пронајдени по падот на неидентификуваниот брод.

Според неговиот опис, тие вклучуваат „Сиви“ - витки хуманоиди со сив тен, слично на измисленото суштество видено на крајот од филмот на Стивен Спилберг „Блиски средби од трет вид“ од 1977 година, потоа високи „Нордијци“ со бел изглед, „инсектоиди“, суштества кои „наликуваат на машкиот род“.

Ги видов доказите, ги видов записите“, рече Дејвис, кој нагласи дека повеќе не е дел од структурите на Министерството за одбрана на САД.

Не ја знае точната локација

Дејвис рече дека не може со сигурност да каже каде во моментов се наоѓаат наводните останки. Според неговите тврдења, додека пред повеќе од една деценија и давал поддршка на Американската одбранбена разузнавачка агенција (ДИА), имало информации за локацијата каде се чувале телата.

Тој додаде дека за време на првата администрација на Барак Обама, таа институција била поделена на две или три единици, кои потоа биле префрлени во различни воено медицински установи.

Американската администрација претходно најави процес кој ќе им овозможи на „свиркачите“ да излезат со информации за феномените на НЛО без да ги прекршат договорите за доверливост и другите обврски за неоткривање.

Сепак, Дејвис изјави дека документите и фотографиите што имал можност да ги види остануваат доверливи и, според неговите сознанија, не се предмет на пристап до барањата за информации поради долгиот период на таинственост.

YouTube video

Повик до претседателот Трамп

Тој го повика американскиот претседател Доналд Трамп да го забрза процесот и да му обезбеди правна заштита за да може да ги објави информациите за кои тврди дека ги има, без страв од кривично гонење за откривање доверливи информации.

Пентагон и Белата куќа, сепак, продолжуваат да наведуваат дека не се пронајдени физички докази кои го потврдуваат постоењето на вонземски живот.

Дури и објавените американски документи, фотографии и снимки поврзани со феноменот НЛО не дадоа дефинитивен доказ дека вонземјани постојат или ја посетиле Земјата.

Дејвис претходно имаше тврдења за наводни урнати вонземјански пловни објекти и нивни остатоци, а неговите тврдења беа поткрепени од поранешниот научник на ЦИА Хал Путоф, кој јавно тврдеше дека американската влада поседува најмалку десет пловни објекти кои наводно се урнати или останале на Земјата во изминатите децении.

Дејвис рече дека не видел податоци кои укажуваат дека американската војска фатила живи вонземјани.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Путин се обиде да им објасни на студентите зошто ја нападнал Украина: Орки распарчуваат мечки (ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин употреби нова аналогија за војната против Украина, споредувајќи ја со лов на орки и распарчување на поларни мечки. 

Путин се обиде да им објасни на студентите зошто ја нападнал Украина: Орки распарчуваат мечки (ВИДЕО)

Тој ја даде изјавата денес за време на обраќањето пред студентите и професорите на московскиот универзитет, пишува „Киев Индепендент“.

Коментарите на Путин доаѓаат во време кога воздушните напади низ Украина продолжуваат речиси без престан трет ден по ред, а Русија спроведува континуирани напади. Најмалку 37 лица беа убиени во нападите врз регионот Киев вчера, додека едно 14-годишно дете и едно 2-годишно девојче беа убиени во одделни напади денес.

Синџирот на исхрана како објаснување за војната

Разговорот за животните започна кога Путин праша наставник од регионот Белгород, кој го посетил Северниот Пол, дали видел поларни мечки таму. Откако наставникот одговорил дека видел две „огромни“ мечки, Путин одговорил дека орките живеат во близина и се хранат со нив.

„Таму, орките ги ловат тие мечки и ги проголтуваат без проблем. Тие се нафрлаат врз нив во глутници - а потоа, бум, ги кинат на парчиња“, рече Путин.

Потоа ја поврза својата споредба со војната во Украина. „Да, тоа е синџир на исхрана. Децата треба да се учат за тоа за да разберат во каков свет живееме и зошто спроведуваме специјална воена операција“, рече Путин, кој продолжува да ја нарекува руската инвазија на Украина „специјална воена операција“.

Мечката како симбол на Русија

Мечката е честа метафора што ја користи Путин во својата реторика за конфликтот на Русија со Западот. По нелегалната анексија на Крим од страна на Русија во 2014 година, тој ја спореди Русија со мечка што Западот се обидува да ја стави „на синџир“. Потоа предупреди дека ќе се обидат да му ги извадат „забите и канџите“.

„Можеби нашата мечка треба да седи мирно, да не брка прасиња наоколу, туку само да јаде мед и бобинки. Можеби треба да го оставиме на мира? Не. Се обидуваат да му стават синџир“, тврдеше Путин во тоа време.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Се вљубиле, а потоа морале да проверат дали се брат и сестра

Артур Кермалвезен, кој бил зачнат со донација на сперма, со години гледал потенцијален татко во секој маж. 

Се вљубиле, а потоа морале да проверат дали се брат и сестра

„Замислував дека може да биде мојот учител или луѓето што ги видов во автобусот... Бев многу лут затоа што е невозможно да се живее така“, рече тој. Кога се заљубил во Одри, која исто така била зачната со донација во Париз, тоа прашање станало клучно.

Одри ја опишува нивната средба во 2010 година како „љубов на прв поглед“, но веднаш се појавиле сомнежи дали нивната врска била романтична или генетска. Во времето на нивното раѓање, во Париз имало само две банки за сперма, па затоа постоела реална можност да биле полубрат и полусестра, пишува BBC News.

Пред да можат да го започнат својот заеднички живот, Артур и Одри морале да откријат дали се во роднинска врска. Француските закони за генетско тестирање и анонимноста на донорот го направиле тој пат што е можно потежок. Во Франција, само научник, лекар или судија може да побара и надгледува генетски тест, а граѓаните можат да бидат казнети со повеќе од 3.500 евра само за поседување комплет за домашно тестирање.

Затоа компании како 23andMe, Ancestry и MyHeritage не ги испраќаат своите пакети во Франција. Поддржувачите на законот, кој е на сила од 1994 година, тврдат дека тој спречува чувствителни генетски податоци да се даваат на комерцијални компании и ги штити семејствата од конфликти што би можеле да произлезат од неочекувани резултати. Артур истакнува дека Франција е единствената европска земја што ја смета употребата на вакви тестови за кривично дело.

Инстант хемија

Одри станала адвокат специјализиран за биоетика дури и пред нејзините родители да откријат во зрелоста дека таа е зачната преку донација. Затоа, таа целосно разбрала дека францускиот закон ја гарантира анонимноста на донаторот, дури и по неговата смрт. Сепак, таа била зачната во 1979 година, пред да се донесе тој закон.

Додека барала други лица зачнати од донатор родени пред 1994 година, таа наишла на Артур. Тој напишал книга во која детално ја опишува својата желба да дознае повеќе за биолошкото потекло. Одри вели дека била воодушевена од тоа колку прецизно ги изразувал чувствата што таа самата не можела да ги артикулира. И двајцата пораснале во љубовни семејства, но биле мачени од прашања за непознатите луѓе кои учествувале во нивното создавање. Кога се запознале во живо, хемијата била моментална, но со неа дошол и проблем.

Во потрага по вистината

Пред да можат да го претворат своето платонско пријателство во врска и да ја испланираат својата заедничка иднина, морале да ја дознаат вистината за своите татковци. Никој од властите не сакал да им помогне. По месеци потрага, пронашле лекар на југот на Франција кој се согласил да направи генетски тест за 900 евра во готово. Резултатот покажал дека не се во роднинска врска. Сепак, непријатноста останала бидејќи лекарот го прекршил законот кога им го открил резултатот. „Се плашевме дека е измамник“, вели Одри.

Размислувале да ги потврдат резултатите со домашен тест, но како адвокат, Одри била решена да работи во рамките на законот. Од 2010 година, таа покренала серија правни постапки против францускиот систем. Сакала да знае дали нејзиниот донатор е сè уште жив и дали сè уште сака да остане анонимен. Побарала пристап до податоци за тоа колку пати донирал и дали Артур може да биде меѓу нејзините полубраќа, но нејзините напори не дале резултати. По три години правни битки, двојката реши да ризикува и се венча во 2013 година. Две години подоцна, највисокиот административен суд во Франција ја отфрли нејзината последна жалба. Непосредно пред раѓањето на нивното прво дете, еден лекар се согласи да ги истражи податоците за нивните донори. Според францускиот закон, лекарот има пристап до овие информации за своите пациенти, но не може да ги сподели со нив. Лекарот открил дека нивните донори се родени во различни години, што значи дека не можат да бидат ист маж.

Тие информации им го променија животот, а ги добија само затоа што лекарот беше спремен да ги прекрши правилата. „Тоа е сосема бизарно, бидејќи тоа значи дека лекарот може да знае повеќе за мене отколку јас“, коментираше Одри. Дури и со тие информации, Артур сè уште се грижеше дека можеби се во роднинска врска. По години отпор, конечно направија домашен ДНК тест. Активистите тврдат дека француската забрана не ги спречила луѓето да се тестираат. Здружението ДНК Пас проценува дека повеќе од еден милион Французи го направиле тоа. Многу луѓе нарачуваат пакети преку пријатели во земји каде што се легални или користат услуги за препраќање пошта. Тестот потврди дека не се во роднинска врска.

Неочекувани откритија

Резултатите од ДНК наскоро отворија нови врати. По 30 години замислување кој би можел да му биде татко, Артур конечно стапил во контакт со својот донатор на Божиќ 2017 година. Одри, од друга страна, доживеала најголемо изненадување. Меѓу нејзините генетски совпаѓања била жена по име Софи, која Одри ја застапувала на суд.

И двете се бореа за слични права. „Открив дека Софи - жената чиј случај го бранев на суд - е моја биолошка сестра“, вели Одри. Таа и Артур го полагаа тестот заедно со осум други активисти кои се бореа за правото на пристап до податоци за потеклото. Од десетте, се покажа дека четири го делат истиот донор: Одри, нејзиниот брат Питер, Софи и братот на Софи, Дејвид. Тоа само потврди колку е реален ризикот од заеднички донор.

Многу години подоцна, генетското совпаѓање со Американец ја одведе Одри до нејзиниот донор, Филип, но тој веќе починал дотогаш. Мајката на Одри напиша писмо до семејството на Филип, заблагодарувајќи им се за неговиот „дар“, кој го опиша како „неизмерен“. Семејството ја прими топло. „Сите имаа солзи во очите“, се сеќава Одри. Сестрата на Филип дури и не знаеше дека тој е донор. Ова откритие ѝ ги даде на Одри одговорите што ги бараше со децении. Таа дозна детали за медицинската историја на нејзиното биолошко семејство и виде фотографии и видеа од Филип. „Можам да го гледам, да видам како се движел и да го слушнам неговиот глас.“

Правната битка на Одри и книгата на Артур доведоа до промени во француските закони за донација. Луѓето зачнати по април 2025 година ќе можат да добијат информации за идентитетот на нивните донатори кога ќе станат полнолетни. И покрај ова, Франција е сè уште една од ретките европски земји каде што е забрането тестирање на ДНК дома. За Одри, пошироката борба продолжува. „Секој човек има право да го знае своето потекло и својата историја“, вели таа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер