Македонија преку Еразмус плус во 2017 ќе има на располагање 6,25 милиони евра

Буџетот кој ќе и биде достапен на Македонија преку Еразмус плус програмата на ЕУ за следната година е најголем досега и изнесува 6,25 милиони евра. Оваа година преку оваа програма која има за цел поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот, Македонија на располагање има околу пет милиони евра и се очекува искористеноста на овие средства да достигне 97 проценти, беше истакнато на денешната прес-конференција во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.


Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров ја презентираше новата промотивна кампања за Еразмус плус програмата, која ќе трае до крајот на декември 2016 година.

- Република Македонија имаше на располагање речиси 5 милиони евра од Европската комисија од фондовите за Еразмус плус во 2016 година. Досега, се обврзани 93 отсто, но во тек се постапки на потпишување на договори за грант, како и прием и евалуација на проекти од последниот рок за програмата за 2016 година. Со завршување на овие активности очекуваме искористеност на средствата од над 97 отсто, рече Димитров.

На новинарско прашање Димитров појасни дека станува збор за последен повик од оваа година наменет за областа млади каде НВО и младинските организации имаат рок до октомври да аплицираат за овие средства. Во однос на приоритетите Македонија како полноправна членка на Еразмус плус програмата ги следи европските приоритети кои се совпаѓаат со нашите национални приоритети, а тоа се стручното образование и обука и високото образование, односно најголем дел од средтсвата одат кај универзитетитети (државни и приватни), а по нив се средните стручни училишта.

- Просечно годишно околу 200 студенти заминуваат на мобилност во странство. Оваа бројка варира во зависност од желбата на стуидентите колку време ќе се студираат надвор од РМ бидејќи за тоа имаат избор од три месеци до една година, вели Димитров.

Тој информира дека со сите доделени грантови, до овој момент, се опфатени 93 институции меѓу кои универзитети, училишта, младински невладини организации и компании. Со новата кампања ќе се презентира работата на Националната агенција, добрите практики од успешно реализирани проекти и отворените можности за Македонија преку целосното учество во програмата Еразмус плус. Кампањата ќе се реализира во Скопје, Штип, Битола, Дојран, Крива Паланка и Струга каде ќе се одржат Инфо денови, како и во Прилеп и Велес, каде инфо деновите ќе се организираат во соработка со локалните самоуправи.

Во рамките на кампањата, појасни Димитров, ќе биде организирана и Валоризациона конференција со презентации на успешни проекти од Еразмус плус. Исто така, ќе се одржат и информативни работилници во соработка со стопанските комори во Тетово и Скопје.

Оваа година, ЕУ прославува 20 години постоење на волонтерскиот сервис. По тој повод, Националната агенција ќе организира обуки за волонтери и годишен настан посветен на Европскиот ден на волонтерството – 5-ти Декември, како и ЕКВЕТ конференција во Скопје во насока на подигнување на свесноста и интегрирање на Република Македонија во европските текови во стручното образование.

Димитров информира дека во тек е потпишување дополнителен амандман на договорот помеѓу Европската комисија и Националната агенција, со што ќе се обезбедат дополнителни 375.160 евра за финансирање на 19 грантови за училиштата и нивите активности.

- Тоа што нас во Националната агенција особено не радува е тоа што Еразмус плус стана синоним за квалитет во образованието, предзнак за мобилност која генерира знаење и можност за создавање професионални мрежи за меѓународна соработка, нагласи Димиров.

Заменик министерот Ристовски и Димитров ги повикаа сите организации кои дејствуваат на полето на младите да аплицираат со квалитетни предлог проекти во Националната агенција најдоцна до 4-ти октомври 2016 година.

Повикот за средства за Еразмус плус програмата за 2017 година ќе биде објавен на крајот од 2016 година.



На пропалестински протести уапсени кандидатка за претседател на САД

Кандидатката за претседател на САД од редовите на Зелената партија Џил Стајн уапсена е на пропалестински демонстрации на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис. 

Портпаролот на нејзината кампања рече дека не се запознаени со обвиненијата.

Стајн беше на демонстрациите за да ги поддржи студентите кои поставија камп и кои порачаа дека нема да се разотидат се додека Универзитетот Вашингтон не се одвои од Боинг. Меѓу нивните барања се и бојкотирање на израелските академски институции.

Во видеото снимено пред нејзиното апсење и објавено на мрежата Икс, кандидатката на Партијата на Зелените рече дека ги поддржува студентите и нивните уставни права на слобода на говор.

„Ќе стоиме овде во линија со студентите кои се залагаат за демократија, за човекови права и се залагаат за ставање крај на геноцидот“, рече Стајн.

Дејвид Швајб, директорот за комуникации на Џил Стајн во претседателската трка, рече дека таа се обидела да ја деескалира ситуацијата меѓу демонстрантите и полицијата во саботата попладне по локално време, но дека полицијата „не реагирала“ и веднаш потоа почнала да апси.

„Како што рече д-р Стајн, срамно е универзитетските администрации да одобруваат употреба на сила против сопствените студенти кои едноставно повикуваат на мир, човекови права и крај на геноцидот од кој американскиот народ се згрозува“, рече Шваб.

Уапсени се и шефот на кампањата на Стајн и неговиот заменик.

Повеќе од 80 лица се уапсени на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис во контекст на тековните пропалестински демонстрации, се вели во соопштението на Универзитетот.

Групата демонстранти, во која имаше студенти, вработени и поединци кои не се поврзани со универзитетот, маршираа на повеќе локации во кампусот каде што „подигнаа шатори и покажаа дека немаат намера да заминат“, соопшти универзитетот.

Велосипедска тура „Експедиција низ срцето на Илинден 2024“

Во општина Илинден и годинава се одржува велосипедска тура „Експедиција низ срцето на Илинден 2024“ епизода II, која е во организација на Здружението МТБ Илинден, а со поддршка на Општина Илинден.

На настанот учествуваат над 150 велосипедисти од целава земја, а стартната позиција беше од пред спортската сала Гоце Делчев во општина Илинден, каде присуствуваше и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски кој им посака успешно возење.

Велосипедската тура се вози по асфалтен и земјен пат низ пределот на општина Илинден во должина од околу 45 километри. Турата се вози групно со попатни паузи, кај местото наречено Борчиња, манастирот во Дељадровци, манастирот во Бучинци, крстот во Бучинци, манастир кај Ајватовци и крајната цел спортската сала Гоце Делчев. Оваа велосипедска тура се класифицира како средно тешка и потребна е претходна физичка подготвеност за да се стигне до целта.

Покрај велосипедската тура ќе се одржи и едукативна работилница за деца поддржана од Вело училишта наменета за децата од основните училишта.

Исто така, настанот е од хуманитарен карактер, со цел поддршка во собирањето средства за лекувањето на Алексеј Анастасовски.

-Со оглед на тоа што овој настан се одржува втора година по ред и има голем интерес кај велосипедистите, поддршката ќе ја има и понатаму од Општина Илинден, велат општинските власти.

Завршија „RoboMac“ и „RoboMac junior 2024“

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии заврши овогодинешното 12-то издание на RoboMac.

На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, Машинскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, распределени во 22 тимови. Студентите Ана Софрониевска и Емилија Чешмеџиевска победија во категоријата „Robotic Arm Challange“, натпревар каде секој тим градеше кула со претходно дефиниран код. Оценувањето се базираше на освоените поени од објектите од кои е изградена кулата, скалирани во однос на нејзината висина, така што тимот кој имаше највисока кула ги добива сите освоени поени, додека секој тим со пониска кула добиваше само одреден процент од поените.

Во наредниот натпревар, со наслов „Sense the color select the line“, составен модел на автономно возило следи исцртана црна патека со пет кружни текови. Пред секој кружен тек на одредено растојание од десната страна на правецот на движење на возилото беше поставен колор маркер (црвен или зелен). Ако возилото детектира црвен маркер, треба да се движи по десната патека од кружниот тек, а ако детектира зелен маркер – да се движи по левата патека. Возилото треба да застане откако ќе детектира пет црвени маркери. Возилото на тимот во состав Анамарија Илиева, Даниел Мојсоски, Ангел Затуроски стигна до целта за најкратко време со точно детектирање на бои и со застанување на возилото во зоната на маркерот.

Колички возеа по мапа со сива боја во натпреварот „Self-racing cars“, каде почетокот и крајот беа означени со црно-бела шаховска шара. Тука победи најбрзата и најпрецизната количка, која направи четири успешни кругови на тимот Лазар Ванчов, Ива Паризовска и Елеонора Петковска.

Во категорија Chatbot challenge учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот Џет Бот на македонски јазик. Задачата е тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препознавање на македонски јазик од нула и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустични средини и во услови на шум и бучава. Победници во оваа категорија се студентите Максим Пановски и Илина Лефкова.

Во категоријата „AI Football“ се одвиваше фудбалски натпревар меѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Секој од четирите тимови играа по еден натпревар со останатите меѓусебно. Победници во категоријата се: Леонид Трајкоски и Благоја Николоски.

Паралално, на ФЕИТ се одржа и Робомак Јуниор за ученици од средните училишта од Македонија, во организација на ФЕИТ и студентскиот огранок на ИЕЕЕ. На овој натпревар учествуваа 54 учесници од четврта година од 26 средни училишта од Македонија. Учениците се натпреваруваат во две категории: Автономна мобилна роботика и Паметна електроника за автономни возила. Во двете категории беа доделени златни, сребрени и бронзени медали.

Робомак 2024 се одржа по 12-ти пат, со голем број учесници, кои во неколку дена им дадоа дополнителни знаења и вештини на студентите.

притисни ентер