Македонија и БиХ потпишаа три договори од правосудната област

Министрите за правда на Република Македонија и на Босна и Херцеговина, Блерим Беџери и Бериша Чолак, денеска во Скопје потпишаа договори за изменување и дополнување на три договори од правосудната област.

Министрите за правда на Република Македонија и на Босна и Херцеговина, Блерим Беџети и Бериша Чолак, денеска во Скопје потпишаа договори за изменување и дополнување на три договори од правосудната област.

Станува збор за договорите за изменување и дополнување на Договорот за правна помош во граѓанските и кривичните предмети, на Договорот за меѓусебно извршување судски одлуки во кривичните дела и на Договорот за екстрадиција.

Потребата од измените и дополнувањата на овие три договори, како што рече министерот Беџети, се укажа поради новите видови правна помош од областа на кривичното и граѓанското право.

Тој посочи дека во досегашната пракса од примената на Договорот за правна помош во граѓанските и кривичните предмети немало проблеми меѓу двете држави кои се обврзаа за пружање правна помош во овие предмети, гарантирајќи еднакви права и слободен пристап на граѓаните пред судовите.

- Но, со текот на времето се воочи потребата за унапредување на соработката во поглед на директна комуникација на надлежните органи на двете држави кои се поврзани со давање на податоци од кривичната евиденција, како и можност за упис на основните лични податоци за државјаните во соодветните матични книги и формирање заеднички истражни тимови заради преземање истражни дејствија, особено за потешки облици криминал, истакна Беџети.

Во практичната примена Договорот за меѓусебно извршување судски одлуки во кривичните дела, како што рече министерот Беџети, покажа одредени недостатоци во ситуација кога осуденото лице ќе ја напушти државата која му ја изрекла кривичната санкција и ќе замине во државата чиј е државјанин или каде има постојано живеалиште, при што ќе го избегне давањето согласност за извршување на изречената кривична санкција. - Со измените се предвидува дадената согласност на осуденото лице да е неотповиклива, појасни тој.

Македонија во постапките по предметите за екстрадиција покрај билатералниот договор со БиХ постапува согласно одредбите од Европската конвенција за екстрадиција со два дополнителни протоколи.

Договорот за изменување и дополнување на Договорот за екстрадиција меѓу Македонија и БиХ, како што појасни Беџети, е значаен не само за двете држави и граѓаните, туку и за регионот бидејќи со него ќе се овозможи поефикасна борба против криминалот.

- Договорот го стеснува просторот за криминалците кои со нивните криминални активности повеќе нема да можат да се штитат со државјанството, ниту пак ќе бидат заштитени од своите национални законодавства, додаде министерот Беџети.

Босанскиот министер за правда посочи дека потпишувањето на договорите за изменување и дополнување на трите договори ќе придонесе за уште подобра соработка меѓу правосудните органи на двете земји во корист на граѓаните.

- На овој начин покажуваме дека сакаме да ги следиме европските стандарди не само поради нив, туку пред се за доброто на нашите граѓани, рече министерот Чолак.

Тој изрази уверување дека потпишувањето на овие договори ќе придонесе кон намалување на организираниот криминал што е заедничка цел на двете држави.

Завршија „RoboMac“ и „RoboMac junior 2024“

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии заврши овогодинешното 12-то издание на RoboMac.

На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, Машинскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, распределени во 22 тимови. Студентите Ана Софрониевска и Емилија Чешмеџиевска победија во категоријата „Robotic Arm Challange“, натпревар каде секој тим градеше кула со претходно дефиниран код. Оценувањето се базираше на освоените поени од објектите од кои е изградена кулата, скалирани во однос на нејзината висина, така што тимот кој имаше највисока кула ги добива сите освоени поени, додека секој тим со пониска кула добиваше само одреден процент од поените.

Во наредниот натпревар, со наслов „Sense the color select the line“, составен модел на автономно возило следи исцртана црна патека со пет кружни текови. Пред секој кружен тек на одредено растојание од десната страна на правецот на движење на возилото беше поставен колор маркер (црвен или зелен). Ако возилото детектира црвен маркер, треба да се движи по десната патека од кружниот тек, а ако детектира зелен маркер – да се движи по левата патека. Возилото треба да застане откако ќе детектира пет црвени маркери. Возилото на тимот во состав Анамарија Илиева, Даниел Мојсоски, Ангел Затуроски стигна до целта за најкратко време со точно детектирање на бои и со застанување на возилото во зоната на маркерот.

Колички возеа по мапа со сива боја во натпреварот „Self-racing cars“, каде почетокот и крајот беа означени со црно-бела шаховска шара. Тука победи најбрзата и најпрецизната количка, која направи четири успешни кругови на тимот Лазар Ванчов, Ива Паризовска и Елеонора Петковска.

Во категорија Chatbot challenge учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот Џет Бот на македонски јазик. Задачата е тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препознавање на македонски јазик од нула и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустични средини и во услови на шум и бучава. Победници во оваа категорија се студентите Максим Пановски и Илина Лефкова.

Во категоријата „AI Football“ се одвиваше фудбалски натпревар меѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Секој од четирите тимови играа по еден натпревар со останатите меѓусебно. Победници во категоријата се: Леонид Трајкоски и Благоја Николоски.

Паралално, на ФЕИТ се одржа и Робомак Јуниор за ученици од средните училишта од Македонија, во организација на ФЕИТ и студентскиот огранок на ИЕЕЕ. На овој натпревар учествуваа 54 учесници од четврта година од 26 средни училишта од Македонија. Учениците се натпреваруваат во две категории: Автономна мобилна роботика и Паметна електроника за автономни возила. Во двете категории беа доделени златни, сребрени и бронзени медали.

Робомак 2024 се одржа по 12-ти пат, со голем број учесници, кои во неколку дена им дадоа дополнителни знаења и вештини на студентите.

Расистички навреди кон Нико Вилијамс

Напаѓачот на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс, беше цел на расистички навреди од трибините на натпреварот против Атлетико Мадрид во 33. коло од шпанската Ла Лига.

Дваесетиедногодишниот Шпанец го постигна единствениот гол за баскискиот клуб кој ги загуби натпреварот со 3-1.

„Не е нормално да те навредуваат поради бојата на кожата. Знам дека насекаде има глупави луѓе, но ова треба да се промени. Играчите на Атлетико ме поддржаа и разбираат дека е неприфатливо да се пуштаат мајмунски звуци за време на натпревари“, изјави Вилијамс, цитиран од шпанските медиуми.

Вилијамс оваа сезона забележа 32 настапи во сите натпреварувања за Атлетик, постигнувајќи шест голови, а запиша и 14 асистенции.

На пролетен фестивал во Германија, повеќе од 800 луѓе се заразиле со стомачен грип

 Повеќе од 800 луѓе се заразиле со норовирус (стомачен грип) на пролетниот фестивал во Штутгарт, град во југозападна Германија, јави Би-Би-Си.

Не е познато како се шири вирусот, но бројот на заразени значително се зголеми во текот на неделата.

Претставниците на властите во Штутгарт веруваат дека изворот на инфекцијата не е храната и пијалоците кои се служат во фестивалскиот шатор, бидејќи анализираните примероци биле негативни.

Тестирани се и персоналот, како и садовите и водата што се користат за миење.

Градскиот здравствен институт смета дека вирусот се пренесувал од човек на човек, преку капки, иако не се знае кој го донел вирусот - посетител или вработен.

Посетителите набрзо се пожалиле на повраќање, дијареа и гадење.

Градските здравствени власти објавија дека до петок, 26 април, биле заразени 815 лица. Пролетниот фестивал на падините на реката Некар започна на 20 април и ќе трае 23 дена.

притисни ентер