Лидерите на ЕУ постигнаа договор за финансирањето на Украина преку задолжување на блокот - Канал 5

Лидерите на ЕУ постигнаа договор за финансирањето на Украина преку задолжување на блокот

 Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ во рамки на вчера започнатиот Самит рано изутринава постигнаа договор за начинот на финансирање на Украина за 2026 и 2027 година преку кредит .

Лидерите на ЕУ постигнаа договор за финансирањето на Украина преку задолжување на блокот

Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ во рамки на вчера започнатиот Самит рано изутринава постигнаа договор за начинот на финансирање на Украина за 2026 и 2027 година преку кредит за кој средства ќе бидат обезбедени врз основа на задолжување на Унијата на пазарите на капитал, поддржано од нејзиниот долгорочен буџет.

- Имаме договор. Одлуката за обезбедување поддршка од 90 милијарди евра за Украина за 2026-27 година е одобрена. Се обврзавме, исполнивме, наведе претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во објава на Икс нешто пред 3 часот.

Со договорот се предвидува Украина да го врати кредитот, дури откако Русија ќе и исплати репарации за предизвиканите штети за време на инвазијата, додека во исто време ЕУ го задржува правото на користење на замрзнатите руски средства за финансирање на заемот.

Дополнително, со договорот лидерите ѝ даваат мандат на Комисијата „да продолжи да работи на заемот за репарација врз основа на замрзнатите руски средства“.

За да се избегне евентуална блокада од Словачка, Унгарија или Чешка, кои изразуваат противење на дополнително задолжување на ЕУ, со договорот се предвидува дека „секое мобилизирање на ресурси од буџетот на Унијата како гаранција за овој заем, нема да има влијание врз финансиските обврски“ на трите земји.

Бриселските медиуми веќе оценија дека овој договор претставува пораз за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кои беа најжестоки приврзаници на планот за т.н. заем за репарации за Украина, за чија исплата би биле користени замрзнатите руски средства во ЕУ.

На прес-конференцијата по завршувањето на Самитот, Кошта изјави дека целта на ЕУ со ваквиот договор не е продолжување на војната во Украина, туку дека тој дава клучен придонес за постигнување праведен и траен мир.

- Бидејќи единствениот начин да се донесе Русија на преговарачката маса е зајакнување на Украина, денешната одлука ќе ѝ ги обезбеди на Украина потребните средства за да се одбрани и да го поддржи украинскиот народ, изјави Кошта на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен и данската премиерка Мете Фредериксен, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.

Според Кошта, со постигнатиот договор се испраќа кристално јасна порака до Москва дека не успеала да ги постигне своите цели во Украина, дека Европа стои зад Киев – денес, утре и онолку колку што е потребно и дека Русија мора да седне на преговарачката маса на сериозен начин и да прифати дека нема да ја добие оваа војна.

- Единствениот пат напред е прекин на огнот и договорен мир. Нашата политичка и финансиска поддршка за Украина нема да се намали: во војна, во мир и во обнова. Ние сме посветени на градење слободна и просперитетна Украина во рамките на Европската Унија, додаде Кошта.

Запрашана за коментар за неуспехот на нејзиниот план за заемот за репарации и дали е разочарана поради тоа, Фон дер Лајен рече дека Унијата имала многу јасна цел да обезбеди финансирање за Украина и ако Комисијата не го предложела тој план, претпоставува дека земјите членки ќе немале храброст или политички моментум за трајно да ги замрзнат руските средства.

- Тоа е големата победа. Со тоа, нивното замрзнување е трајно обезбедено и тие можат повторно да бидат деблокирани само со одлука со квалификувано мнозинство. Тоа беше најважниот дел, додаде Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека сите лидери споделуваат јасна цел за праведен и траен мир за Украина и тоа ќе може да се постигне со денеска постигнатиот договор за покривање на финансиските потреби на Украина за следните две години.

Фредериксен истакна дека постигнатиот договор за „стабилно финансирање“ за Украина, во основа претставува комбинација на двете опции што ги понуди Европската комисија – дополнително задолжување и користење на замрзнатите руски средства.

- Со ова нашата поддршка за Украина е загарантирана. Тоа е важно од повеќе причини. Пред сè затоа што ние ја гледаме Украина како наша прва линија на одбраната, а во исто време и затоа што мора да се вооружиме и мора да ја гарантираме безбедност за секој европски граѓанин, додаде Фредериксен.

Инаку, и на овој Самит, како и на неколку претходни, не беше постигнат консензус за усвојување предложените заклучоци за Украина, кои, како што соопшти Европскиот совет. биле „цврсто поддржан од 25 шефови на држави или влади“.

Конечниот договор беше постигнат по повеќечасовна дебата меѓу лидерите, во еден момент дури и сами и без мобилни телефони, откако претходно пропадна предлогот за исплата на кредит на Украина, исто така во износ од 90 милијарди евра, но обезбеден од замрзнатите руски средства.

Со овој предлог се предвидуваше и „целосна (и неограничена) солидарност и поделба на ризикот од Европската Унија и нејзините земји членки со погодените земји членки и финансиските институции во ЕУ, во контекст на заемот за репарација“.

[Како одминува времето, растат шансите дека лидерите ќе донесат одлука за одобрување на планот за заемот за репарации, кој предвидува користење на замрзнатите руски средства во ЕУ за покривање]

Извори запознати со текот на преговорите посочија дека во овој предлог биле вклучени многу од основните барање на белгискиот премиер Барт де Вевер, на кои тој инсистираше за да се согласи на прифаќање на заемот за репарации.

Сепак, според истите извори, Де Вевер, кој цело време конструктивно учествувал во дебатата, за поддршка на предлогот барал „неограничени финансиски гаранции“. Според неговото толкување, „неограничени“ би значело дека останатите земји членки ќе се обврзат во случај на потреба да и надоместат на Белгија неограничен износ на пари, чија сума би можела да биде поголема и од износот на самиот заем за репарации, кој се предвидуваше да достигне до 210 милијарди евра.

На ваквиот предлог меѓутоа забелешки имале неколку други земји, вклучително и дел од поголемите, кои оцениле дека тој „оди предалеку“ во прифаќањето на барањата на кои инсистира Белгија, каде се наоѓаат најголемиот дел од замрзнатите руски средства или околу 185 милијарди евра.

Дел од овие земји нагласиле дека за да се согласат на предлогот тој треба да претрпи „суштински промени“. Тие оцениле и дека барањето на Белгија за „неограничени финансиски гаранции“ е претерано, потенцирајќи дека тоа би значело дека останатите земји членки би требало своите буџети да ги претворат во „бунар без дно, од кој Белгија ќе може да црпи колку сака“.

Инаку, за „закрепнување“ на лидерите во текот на долгите ноќни преговори, Данска во својство на актуелен претседавач со ЕУ, на располагање им ставила закуска составена од сендвичи со риба, свинско филе и пудинг од ориз.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Девојче почина откако испи милкшејк од неиспран блендер- мајка ѝ испрати силна порака

Мајката на 12-годишното девојче кое почина откако испило контаминиран милкшејк решила јавно да проговори за семејната трагедија!

Девојче почина откако испи милкшејк од неиспран блендер- мајка ѝ испрати силна порака

Миа Шеј Сент Хилер, која била алергична на јаткасти плодови, доживеала тешка алергиска реакција откако испила милкшејк направен во неизмиен блендер во кафулето Pop Inn во Лондон во август 2023 година, објави Пипл.

Говорејќи во британската утринска емисија Добро утро Британија, мајката на детето, Шанел Спенс, им рекла на водителките Сузан Рид и Ед Бол дека нејзината ќерка „сфатила дека милкшејкот содржи јаткасти плодови по само две голтки“.

Снимката од надзорната камера го снимила моментот кога тогашниот менаџер на кафулето, Барис Жисел, кој повеќе не е сопственик и не управува со објектот, подготвувал пијалок во блендер кој не бил измиен по претходна употреба.

Судскиот совет потоа утврдил дека пијалокот бил „вкрстено контаминиран со остатоци од лешник“.

Шанел Спенс и таткото на девојчето, Адријан Сент Хилер, претходно повикаа на специјален систем за оценување за да им помогне на потрошувачите да проценат како рестораните во Велика Британија управуваат со ризиците од алергија.

Тој систем би постоел заедно со сегашниот систем на Агенцијата за стандарди за храна, која ја проценува хигиената на храната.

Водителот ги прашал родителите на починатото девојче дали Миа, која сè уште не била тинејџерка, ќе знае да ги провери хигиенските оценки кога оди во ресторан или кафуле. Родителите одговориле дека таа е навикната на тоа, и дека претходно го посетувала тоа кафуле.

„Тоа беше локација која таа ја посети една недела претходно. Во никој случај не беше непознато место“, рекла мајката на починатиот.

Спенс рече дека семејството било изненадено кога за време на сослушувањето дознало дека управувањето со ризикот од алергија не е покриено со истиот систем како рејтингот за хигиена на храната.

„Кога ќе видите дека продавницата има оценка со пет ѕвездички, се чувствувате како, знаете, дека сте безбедни“, рече таа, објаснувајќи зошто тие сакаат посебен систем за оценување кој би бил специфичен за алергиите.

„Да постоеше таков систем, денес ќе зборувавме за поинаков исход и за сосема поинаква приказна“, додаде Сент Хилер.

Зборувајќи за животот повеќе од три години по смртта на нејзината ќерка, Спенс рече дека тагата сè уште е голем дел од нивниот секојдневен живот.

„Тоа навистина не менува ништо, знаете, таа е дел од нашиот секој ден“, рече таа.

Адвокатот Анџела Бруно им се придружи на родителите на Миа на Добро утро Британија и рече дека загриженоста за кафулето била покрената пред смртта на девојчето.

Според неа, при увидот во 2020 година, во кафулето не била пронајдена табела со информации за алергени, но и покрај тоа, локалот добил оцена со пет ѕвездички. Таа изјави и дека следната инспекција, планирана две години подоцна, била „пропуштена“.

„Миа умира во 2023 година и тие се враќаат на инспекција. Сè уште нема табела за алергени, нема предупредувачки знаци за алерген и други проблеми со контаминација“, рече Бруно.

Таа тврдеше и дека не е извршен увидот планиран за септември 2026 година.

Според веб-страницата на Агенцијата за стандарди за храна (FSA), кафулето последен пат добило хигиенска оцена со пет ѕвездички во 2024 година.

Барис Жисел се изјасни за виновен во јануари 2025 година за шест прекршоци, вклучително и недавање или вклучување информации за алергени на потрошувачите, неуспехот да се справи со контаминацијата со алерген за време на процесот на производство на храна и сервирање храна што содржела алергенска состојка што не требало да биде присутна.

Тој е казнет со 18.000 фунти и налог од 100 часа општествено корисна работа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

На мајка ѝ се заканува смртна казна- се правда дека 18 месечните близнаци починале од вакцина

Обвинител во американската држава Ајдахо ќе бара смртна казна за Андреа Шо, 23-годишна мајка обвинета за убиство на своите 18-месечни близнаци во 2025 година. 

На мајка ѝ се заканува смртна казна- се правда дека 18 месечните близнаци починале од вакцина

Шо се изјасни за невина пред судот. Таа тврди дека децата се разболеле и починале откако примиле вакцини, вклучително и вакцини против грип, објавува CBS News.

Обвинителството бара најстрога казна

Големата порота ја обвини Шо во јули по две точки за убиство од прв степен, потврдуваат судските записи и официјалното полициско соопштение. Окружниот обвинител на округот Пајет, Мајк Дјук, во судските документи изјави дека обдукцијата покажала симптоми што се во согласност со задушување и напиша дека тоа е „единственото замисливо објаснување“ за смртта на децата.

Заменик-обвинителката Рајон Сиручек го информираше судот минатата недела за својата намера да бара смртна казна. Во поднесокот, тој наведе дека државата ќе се обиде да докаже четири отежнувачки околности: дека е извршено повеќе од едно убиство, дека убиствата биле особено гнасни, сурови или ѕверски, дека обвинетата покажала „целосно непочитување“ кон човечкиот живот и дека таа веројатно претставува трајна закана за општеството.

Одбраната тврди дека нема докази

„Скандалозно е“, рече адвокатот на обвинетата, Џозеф Филичети. „Тие нема да можат да ја докажат основаноста на случајот надвор од разумно сомнение, па затоа нема шанси смртната казна воопшто да стане опција.“

Филичети побара од судот да го отфрли обвинението поради наводните неправилности пред големата порота. Тој изјави за KBOI-TV дека на големата порота не ѝ било кажано дека мртовечникот ја прогласил причината за смртта за неутврдена, но конзистентна со хипертермија или прегревање. Според него, патолозите кои ги прегледале телата на близнаците изјавиле дека причината за смртта е неутврдена.

„Обвинителот има должност на искреност, што значи дека мора да ја каже вистината пред големата порота и да презентира ослободителни докази. Тоа се докази што ѝ даваат причина на поротата да верува дека лицето не е виновно или дека смртните случаи можеле да се случат од друга причина освен убиство. Обвинителот не го сторил тоа“, изјави Филичети за KBOI.

Сомневање за убиство

Обвинителството во документите наведува дека температурата во собата на близнаците често достигнувала 38 степени Целзиусови, но дека децата претходно преживеале високи температури и дека времето на смртта не се совпаѓало со највисоката температура од тој ден. „Тие немаат мотив, никаква позадинска приказна, никаква признание... Таа не го направила тоа и тие не можат да докажат спротивното“, додаде Филичети.

Близнаците биле пронајдени мртви во нивниот заеднички кревет на 1 мај 2025 година. Тие биле вакцинирани осум дена претходно. Денот по вакцинацијата, Шо ги однела во одделот за итни случаи бидејќи биле летаргични и имале треска.

Лекар ги дијагностицирал симптомите како реакција на вакцината, па на децата им биле дадени лекови за намалување на треската и биле пуштени. Откако биле пронајдени телата, полицијата соопшти дека се „сомневаат за насилна смрт и во моментов го истражуваат случајот како убиство“, но во тоа време не именувале осомничени.

Врски против вакцинирање

Неколку дена по смртта на близнаците, Шо се појави во онлајн емисија продуцирана од Children's Health Defense, антиваксерска група основана од сегашниот секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор. Тој не е поврзан со групата од декември 2024 година, кога поднесе оставка од функцијата претседател за да се приклучи на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Медицинските експерти велат дека спорните детски вакцини - за хепатитис А, грип и DTaP - се безбедни и ефикасни. Шо е исто така тужителка во федерална тужба поднесена од Children's Health Defense и други против Американската академија за педијатрија (AAP).

Тие ја обвинуваат организацијата за рекетирање и лажење за безбедноста на вакцините. AAP побара од судот да ја отфрли тужбата, нарекувајќи ја „најнов напад во кампањата против академијата“ и нејзината „употреба на докази засновани на наука во политиката за вакцинација“. Андреа Шо е притворена без кауција. Судењето е закажано за јануари.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Гутереш: Состојбата на Западниот брег е целосно надвор од контрола

Состојбата на окупираниот Западен Брег се влоши до тој степен што е целосно надвор од контрола.

Гутереш: Состојбата на Западниот брег е целосно надвор од контрола

Состојбата на окупираниот Западен Брег се влоши до тој степен што е целосно надвор од контрола, а интензивирањето на нападите има за цел протерување на палестинските заедници од нивната земја, предупреди денес генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

„На окупираниот Западен Брег, Палестинците сè уште се изложени на напади од израелските доселеници на дневна основа. Јасна цел е да се протераат заедниците од нивната земја“, изјави Гутереш пред новинарите.

Тој истакна дека ситуацијата на окупираните територии е целосно надвор од контрола и изјави дека новинарите и дипломатите се исто така мети на напади.

Тој побара помош и повика на прекин на окупацијата

Зборувајќи за Газа, генералниот секретар на ОН предупреди дека пристапот до основна хуманитарна помош останува строго ограничен пред зимата. Ова дополнително го комплицира спроведувањето на планот за решавање на конфликтот одобрен од Советот за безбедност на ОН.

Гутереш нагласи дека Светската програма за храна итно има потреба од 450 милиони долари за да го нахрани населението низ Газа и Западниот Брег во следните шест месеци. Тој истакна дека оваа сума е еднаква на приближно 90 минути глобални воени трошоци.

Тој ги повика меѓународните донатори да ја зголемат помошта, а во исто време апелираше за прекин на окупацијата со цел да се постигне одржливо решение за две држави.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер