Коронавирусот однесе вкупно 17 животи, 483 заболени, државава во исчекување на пикот - Канал 5

Коронавирусот однесе вкупно 17 животи, 483 заболени, државава во исчекување на пикот

Дијагностицирани се 53 случаи со коронавирус, што е најголем број досега по регистрирањето на првиот случај во државава, на 26 февруари. 

Коронавирусот однесе вкупно 17 животи, 483 заболени, државава во исчекување на пикот

Досега 17 лица починаа од компликации од коронавирусот, а 20 се излекувани. Бројот на заболени, како и починати секојдневно се зголемува. Заболените се од 17 градови и се вкупно 483, а најмногу се од Скопје (221), Куманово (93) и од Дебар (49).

Коронавирусот не бира повозрасни, млади или деца, здрави или со претходни заболувања. Голем број лица се во изолација и самоизолација. Меѓу заразените има и здравствени работници во повеќе градови, чиј број секојдневно расте, а најмногу се од Куманово. Затворени се неколку инфективни одделенија во државава поради заболени здравствени работници.

На Универзитетската клиника за инфективни болести се хоспитализирани 61 пациент, од кои 11 се на механичка вентилација. Досега во земјава се направени 4.920 тестирања на Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека пикот на коронавирусот се очекува на крајот на месецов, со проценка бројот на заболени да достигне 2.000. Според него, коронавирусот најверојатно ќе заврши со некоја форма на колективен имунитет, во моментот се собираат повеќе податоци, се работи на вакцина, а дотогаш ќе биде присутен.

– Ќе се јавуваат бранови на пациенти, но битно е растот на нови случаи да биде контролиран, за да може здравствениот систем соодветно да ги згрижи сите пациенти, вели Филипче и ги повикува граѓаните да се грижат и за своето ментално здравје за време на кризата со Ковид-19.

Следејќи ги светските искуства во лекувањето на заболените, на Клиниката за инфективни болести неодамна почна да се применува новата терапија, која е комбинацијата што ја содржи лекот хидроклор и азитромицин. Терапијата им се дава на дел од пациентите кои немаат ниту мали кардиолошки отстапувања при извршен преглед поради можни одредени контраиндикации од неа.

Во меѓувреме, во некои земји почна да се применува третманот со крвна плазма од веќе излекувани пациенти со Ковид-19, што се покажал како успешен. Како што информираше министерот Филипче, од Институтот за трансфузиологија потврдиле дека може да се подготви системот за да се оддели крвната плазма од излекуваните 20 пациенти и да им се даде на заразените со коронавирус.

-Станува збор за неколку публикувани случаи дека антителата може да помогнат да се излекуваат заразените пациенти. И тоа со плазма од ковалесценти кои може да ја дадат плазмата. И ние започнавме припреми на Институтот за трансфузиологија. Веќе се изготвува протоколот по кој што би требало да се земе плазмата кај овие пациенти кои што се излекувани во соодветна фаза, во соодветен период, рече Филипче.

Тој протокол, како што најави министерот, ќе биде подготвен во понеделник и ќе се дискутира на стручниот колегиум во Институтот, потоа во рамките на експертската група во Комисијата за заразни болести и согласно резултатите кои се публикувани, ќе се даде на наши пациенти.

Во меѓувреме, граѓаните и натаму треба да ги почитуваат мерките и препораките за заштита, според кои, треба да останат дома, да не се групираат, да излегуваат само ако имаат некоја итност, да го ограничат движењето, да не контактираат многу со луѓето, да не се задржуваат во маркетите, да држат дистанца таму каде што има повеќе луѓе, задолжително да одржуваат лична хигиена, често да ги мијат рацете 20-30 секунди, да користат средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња, при кашлање или кивање да го покријат носот и устата со марамче за еднократна употреба и потоа веднаш да го фрлат на безбедно место, а доколку немаат марамче, да ги покријат носот и устата со рака свиткана во лактот.

Граѓаните, пак, кои имаат симптоми типични за коронавирус, како температура, треска, кашлица, отежнато дишење, треба да се јават телефонски кај нивниот матичен лекар, кој преку епидемиолошка анкета ќе утврди дали треба да се тестираат. Доколку треба, преку системот „МојТермин" тие ќе им закажат точно време и место за тестирање./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пожарот сè уште е на 15 километри од Бордо

Француските медиуми известуваат дека пожарот се приближил на 15 километри од метрополитенската област на Бордо, во близина на Мартињас-сир-Жал. 

Пожарот сè уште е на 15 километри од Бордо

Нова мапа покажува дека најактивните жаришта остануваат западно од Бордо, околу Лантон и во правец кон Аркашон. Француските медиуми известуваат дека пожарот се приближил на 15 километри од метрополитенската област на Бордо, во близина на Мартињас-сир-Жал.

Поради тоа, од особена важност е одбраната на патот RD5 во близина на Благон и Оданж. Локалниот градоначалник предупреди дека пожарот не смее да ја премине другата страна на патот, бидејќи тоа би отворило нов пат за ширење на огнената стихија кон областа на Бордо.

Засега, кон самиот град се шири помалку чад отколку претходно. Квалитетот на воздухот над Бордо на мапата е означен како умерен, додека подалеку на запад – поблиску до пожарот – тој останува лош.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Николоски: Извештајот на Светска банка мотив за уште поголема работа и посветеност

Извештајот на Светска банка според кој Македонија е со најголем раст на авио летови и туризам во Европа и Централна Азија мотив за уште поголема работа и посветеност

Николоски: Извештајот на Светска банка мотив за уште поголема работа и посветеност

“ИЗВЕШТАЈОТ НА СВЕТСКА БАНКА СПОРЕД КОЈ МАКЕДОНИЈА Е СО НАЈГОЛЕМ РАСТ НА АВИО ЛЕТОВИ И ТУРИЗАМ ВО ЕВРОПА И ЦЕНТРАЛНА АЗИЈА, МОТИВ ЗА УШТЕ ПОГОЛЕМА РАБОТА И ПОСВЕТЕНОСТ”– напиша заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук стaтус и додаде:

“Македонија забележува рекордна статистика во растот на туризмот преку авиосообраќајот во услови на светска криза, исклучителен успех што е препознаен од страна на Светска банка.

Успехот и растот на авиосообраќајот во Македонија е нотиран во анализата на Светска банка за раст на туризам.

Со раст од 40% на годишно ниво, Македонија е препознаена како најдобар пример за држава со најголем раст во патници на пристигнување во Европа и Централна Азија.

Со мерката за субвенционирање на нови авиолинии и успесите што ги постигнуваме, Македонија е позиционирана на врвот во привлекување нови туристи и придвижување на економијата преку туризмот.

Овие успеси се потврдуваат и преку работата на охридскиот аеродром каде само во еден ден опслужени се рекордно преку 3 илјади патници, што за аеродром од овој тип е огромен успех.

Продолжуваме во следниот период со уште повеќе инвестиции во авиосообраќајот и туризмот.

Линк до објавата: https://www.facebook.com/share/p/1BgoJgFzdZ/

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Герасимовски: Претпоследна фаза од реконструкцијата на „Ленинова“

Претпоследна фаза од реконструкцијата на „Ленинова“, асфалтиран и кружниот тек на крстосницата со „Орце Николов“.

Герасимовски: Претпоследна фаза од реконструкцијата на „Ленинова“

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности во рамки на претпоследната фаза од реконструкцијата на улицата „Ленинова“.

Во тек е поставување на втор слој асфалт на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до крстосницата со улицата „Илинденска“, во должина од 412 метри.

Се асфалтира и кружниот тек на крстосницата со улицата „Орце Николов“. Ова сообраќајно решение останува како трајно, бидејќи се покажа како успешно во намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

Во рамки на досегашните активности, од двете страни на улицата се поставени нови пешачки патеки со вкупна должина од 825 метри. Подигнати и нивелирани се сите сливници и улични шахти, а поставени се и нови рабници. Паралелно се работи на реконструкција на постојната мрежа за јавно осветлување, додека во наредниот период е предвидено и поставување ново урбано зеленило, делумно во жардињери.

Реконструкцијата на вториот дел на „Ленинова“ го опфаќа потегот од булеварот „Партизански одреди“ до објектот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во должина од над 600 метри.

„Со ова го заокружуваме уредувањето на улицата „Ленинова“ како една од клучните сообраќајници во општината. Општина Центар континуирано вложува во современа, безбедна и функционална инфраструктура, со цел побезбеден и поефикасен сообраќај за сите учесници“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.

Првиот дел од улицата беше реконструиран во 2023 година, од булеварот „Партизански одреди“ до „Клубот на пратеници“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер