Коѕијас: Граѓаните на соседната земја имаат право на самоопределување

Не можеме да го смениме универзалното право, соседите да се нарекуваат Македонци, на индивидуално и неофицијално ниво, но ние можеме да ги нарекуваме како сакаме, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

Не можеме да го смениме универзалното право, соседите да се нарекуваат Македонци, на индивидуално и неофицијално ниво, но ние можеме да ги нарекуваме како сакаме, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека „вон институционалниот систем и вон јавниот простор, не можеш на луѓето да им наметнеш како ќе се самоопределуваат“.

- Еден жител на Скопје и вели на неговата девојка дека е Македонец. Што ќе правиме? Ќе создадеме метафизичка држава што ќе го става во затвор? Она што го кажавме е дека граѓаните на оваа земја имаат право да се самоопределуваат како сакаат. Тоа е универзално право што не можеме да го смениме. Но, во исто време, ние можеме да ги викаме како сакаме, вели Коѕијас, објаснува дека кога говориме за индивидуално ниво, „само тоталитарна држава и држава со владетел, може да контролира како некој ќе се нарекува неофицијално“ и додава дека на официјално ниво за државните институции ќе се користи името Северна Македонија.

Во однос на Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија, вели дека „условите беа зрели, а кога условите се зрели значи дека она што можеш да го направиш, треба да го направиш“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас, во интервјуто неколку пати споменува дека станува збор за компромис, за отстапки од двете страни, бидејќи „Грција не го освоила северниот сосед за да му ги наметне нејзините позиции“.

- Дека ќе можеше да се направи подобар договор, ако вие и јас седевме дома и правевме договор без да постои другата страна, тогаш во ред. Немаше да ја викаме Северна Македонија, ќе ја викавме Северна Алјаска. И секако, ако не претходеа отстапувањата во преговорите сите овие 25 години, се ќе беше полесно. Но, ние имаме две прашања. Едно, дека треба да се согласи и другата страна, бидејќи не ги освоивме преку војна за да им го диктираме она што го сакаме ние. Сакаме другата страна да го убеди нејзиното општество, да добие мнозинство во Собранието, да го добие референдумот, да го ревидира Уставот, да направи тешки работи, вели шефот на грчката дипломатија во однос на тоа дали Договорот од Преспа е најдобриот што можела да го склучи Грција.

Прашан за трговските производи и од двете земји што ја носат придавката „македонско/и“, министерот за надворешни работи на Грција вели дека ќе биде потребен временски период за да се реши ова прашање.

- Постојат производи во Грција што со право се нарекуваат македонски производи и производи од ПЈРМ кои и таму се викаат македонски. Постојат 3.500 компании од двете страни, толку регистрираше Универзитетот во Солун, кои го имаат натписот „македонско“. Затоа рековме дека ќе формираме комисија под покровителство на Европската унија и ОН, објаснува шефот на грчката дипломатија за АНА-МПА.

Во однос на ставот на коалициониот партнер во владата Панос Каменос, Коѕијас вели дека и „тој има право на свое мислење, како што и јас имам право да имам мое“.

- Да почекаме да видиме како ќе се развиваат работите. Јас верувам дека кога ќе дојде договорот за гласање во Парламентот, ќе имаме мнозинство од народот што ќе ги има разбрано позитивните работи, ќе види дека никој не му го даде Солун на Скопје, ќе види дека исплашените и плашливите создаваат катастрофални сценарија, а смелите патриоти се оние кои што беа во право, додава Коѕијас.

Коментирајќи ги последните случувања во грчко - руските односи и откажаната посета на министерот за надворешни работи на Русија, Коѕијас вели дека со Лавров има пријателски однос, побарал од него да го покани да дојде во Грција за да го подготват патувањето на Ципрас во Москва.

- Јас ја дадов поканата, ако сака ќе дојде, ако не сака нема да дојде, но пак добредојден ќе биде. Ако чувствува дека треба да се идентификува со оние што ги протеравме или со оние на кои не им дозволивме да влезат во Грција, тоа е негово право. Јас се обидов, тоа го кажавме и во нашето соопштение, да не ги идентификувам овие лоши случаи со официјална Русија. Прашање на Русија е дали ќе се идентификува со нив или не, коментира министерот за надворешни работи на Грција. /МИА

Бербок повика на брзо прифаќање во ЕУ на земјите кандидати за членство од Западен Балкан

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок повика на брзо прифаќање во Европската унија на земјите кандидати од Западен Балкан по повод прославата на 20-годишнината од проширувањето на Европската унија со десет земји во 2004 година.

-Политичките и географските „сиви зони“ на Балканот или во источниот дел на ЕУ се крајно опасни. Не можеме да си дозволиме такви „сиви зони“, бидејќи за (рускиот претседател Владимир) Путин тие се покана за интервенција, за дестабилизација, напиша Бербок во авторскиот текст објавен по повод годишнината.

ЕУ го заостри визниот режим со Етиопија поради „несоработка“ во реадмисијата на азиланти

Советот на ЕУ денеска реши времено да суспендира одредени одредби од одлуката со кој се регулира издавањето визи за државјаните на Етиопија.  

Со денешната одлука се укинува ослободувањето од обврската за поднесување на доказите што треба да ги достават апликантите за виза, се забранува издавањето на повеќекратни визи и се укинува ослободувањето од обврската за плаќање визната такса за имателите на дипломатски и службени пасоши.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, рокот за одговор на поднесената апликација за виза се продолжува од досегашните 15 на 45 календарски дена.

Ваквата одлука на Советот на ЕУ е донесена врз основа на оценката на Еврокомисијата дека „соработката на Етиопија на полето на реадмисија на нејзините државјани кои илегално престојуваат во ЕУ е недоволна“.

Според ЕК, има недостиг на одговори од страна на етиопските власти во однос на барањата за реадмисија и постојат потешкотии со издавањето на итни патни документи и со организација на враќањето на одбиените баратели на азил.

Одлуката за суспензија е привремена, но нема конкретен краен рок на нејзината важност, туку тој ќе зависи од понатамошната оценка на Комисијата за постигнатиот напредок во соработката за реадмисија од страна на Етиопија.

Европската комисија редовно ја оценува соработката на трети земји во процесот на реадмисија на илегалните мигранти и одбиените баратели на азил. Врз основа на овие оценки, ЕК може да заклучи дека соработката на одредена трета земја при реадмисијата е „недоволна“ и може да ја суспендира одлуката за визна либерализација или да го заостри постојниот режим за издавање визи.

Во случајот на Етиопија, Еврокомисијата процени дека има „особено ниска стапка на реадмисија“ и се издадени мал бројот на патни документи врз основа на барањата за враќање на етиопските државјани во нивната матична земји, што во целост е оценето како „ниско ниво на соработка“. /МИА

Иран ги отфрли шпекулациите дека соработува со Северна Кореја во врска со нуклеарни прашања

Иранското Министерство за надворешни работи денеска по пристигнувањето на севернокорејската деловна делегација во Техеран, ги отфрли шпекулациите за соработка со Пјонгјанг во врска со нуклеарни прашања.

„Делегацијата, предводена од министерот за надворешни економски односи Јун Јонг Хо, отпатува во иранската престолнина минатата недела на економска конференција. Секоја поврзаност со соработка за нуклеарни прашања е „неоснована“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Во Јужна Кореја имаше шпекулации дека за време на посетата може да се разговара за воена соработка меѓу Северна Кореја и Иран.

Двете земји - и двете се соочија со строги меѓународни санкции и изолација на дипломатската сцена поради нивните нуклеарни активности - постојано беа обвинувани за активна соработка, особено во областа на ракетната технологија.

Контроверзната иранска нуклеарна програма е предмет на обновен интерес во последните месеци по избувнувањето на војната во Газа. /МИА

притисни ентер