Камениот мост во село Зовиќ туристичка атракција во Мариово - Канал 5

Камениот мост во село Зовиќ туристичка атракција во Мариово

Камениот или „филмски мост“ во мариовското село Зовиќ е вистинска туристичка атракција во секој период од годината, но се чини најголемата посетеност ја регистрира во сезоната пролет-лето.

Камениот мост во село Зовиќ туристичка атракција во Мариово

Локалните жители најчесто велат дека во овој период природата во Зовиќ се „преслекува“ и е поприфатлива за посетители кои доаѓаат од секаде, а некои првпат.

Камениот мост во селото Зовиќ е изграден пред точно 70 години, во 1955 година кога дотогашниот дрвен мост бил срушен, но не од забот на времето или од невреме, туку од голем товар што го пренесувал Велко Трајковски, жител на селото Зовиќ. Според сведоштвата на локалното население, во тоа време, Велко се обидел со воловска кола да премине преку дрвениот мост, кој од тежината се преполовил. Велко заедно со колата и воловите паднале во реката и иако се стекнал со тешки телесни повреди, тој преживеал и со одреден степен на инвалидитет, доживеал длабока старост. На местото на срушениот дрвен мост, селаните изградиле камен мост, од делкани камени блокови кои и ден денес сведочат за мајсторството на извесен мајстор Џуладин кој во Зовиќ пристигнал од струшкото село Лабуништа. Камениот мост се градел две години, исто толку време, жителите на Зовиќ имале обврска да бидат добри домаќини на Џуладин и неговите работници кои биле сместени во селото и снабдени со вода и храна.

- Мостот во селото Зовиќ е препознатлив и „славен“ по филмовите кои македонскиот режисер Милчо Манчевски ги снимаше во Мариово. Поради тоа често се сретнува и по името „филмски мост“. Со оглед на тоа дека никогаш не беше довршен, беше тешко оштетен и небезбеден за посетителите, во 2014 година доби нов лик, благодарение на реставрацијата помогната низ проект финансиран од Европската унија, ни рече нашиот домаќин и водич, редовен промотор на историските знаменитости на Мариово, Јове Парговски.

Тој нагласува дека туристите од земјава и странство не пропуштаат веднаш пред мостот на висока карпа да го видат живописот со приказ на Свети Ѓорги.

- Овој живопис е тука точно еден век. Според истражувањата, живописот со приказ на Свети Ѓорги датира од 1925 година. На живописот централно е поставена фигурата на Свети Ѓорги на бел коњ, со развиорена црвена наметка. Свети Ѓорги го убива ѕверот. Живописот е реставриран пред 20 години од НУ Завод и музеј Битола и исто како Камениот мост претставува одлична локација за фотографирање од страна на секој посетител, посочи Парговски.

Нашите домаќини потсетија дека мариовското село Зовиќ првобитно го носело името Бзовиќ, пред се поради растението бозел кое тука го има во изобилство. Се претпоставува дека селото постои на ова место од XVI век и е формирано или поточно поместено од месноста викана Лениште каде претходно било населено.

- Селото е ридско-планинско, најголем дел од куќите се изградени од камен, кал и дрво. Пред 60 години имало точно 388 жители и училиште во кое децата учеле до четврто одделение, но, за жал, денеска во селото има помалку од 10 постојани жители. Она што може да се каже и дека го одржува во живот ова село е етно куќата „Кај Мостот“ и домаќините Наташа и Митко Крстевски, кои заедно со своите деца се вратија во село Зовиќ и создадоа бренд кој е надалеку познат по добрата храна. Тука е и Вила Димитрија, а сакам да ги споменам и пчеларство Стојановски, кои веќе со години се познати како производители на квалитетен Мариовски мед, вели Парговски.

За богатата историја на Зовиќ денеска сведочат куќите, дел обновени, дел се уште разрушени од бомбардирањата пред се во Првата светска војна, бидејќи, како што е познато, селото беше на самата фронтовска линија.

- Бомбите не поштедиле ниту една куќа, а најголем дел биле целосно разрушени. Бомби и гранати тешко ја оштетиле и селската црква „Св. Никола“ која по завршување на војната е обновена, а денес е збирно место на зовичани кои доаѓаат за летен и зимски Свети Никола, Митровден, кога е и слава на селото, а особено интересни се обичаите кои ова село ги практикува за верскиот празник Водици. Црквата „Св. Никола“ во село Зовиќ е изградена во 1862 година, а интересен за оваа црква е податокот дека при нејзината обнова по Првата светска војна, ктиторите кои ја помогнале обновата, се поставиле себеси како светци, на камени плочи над влезовите на црквата.

Во непосредна близина на црквата „Св. Никола“ е и манастирот посветен на „Свети Атанасиј“, со црквичето изградено во XVII век, кое се наоѓа на блискиот рид „Марта“. Сакам да кажам, вели Парговски, дека село Зовиќ ги има сите предуслови да стане успешна туристичка приказна. Пред некоја година преку проект на Швајцарската агенција за развој и соработка беа „дигитално обележани“ неколку локации низ Мариово кои се интересни за посетителите и беа изработени само-водечки тури, кои им овозможуваат на посетителите подобро да го истражат Мариово. Така, на пример, на само еден час пешачење од село Зовиќ се наоѓа надалеку познатиот манастир „Чебрен“ со храмовите посветени на Св. Димитриј (XVIII в) и Св. Спас (XVI в). Истиот манастир е идеална еднодневна прошетка и за посетители со планински велосипед или 4x4 возило. Тука се и локациите како Кајмакчалан, Добро Поле, Бела Река, селото Манастир..., кои овозможуваат квалитетно повеќедневно искуство за посетителите.

Престојот во Мариово го завршивме со посета на споменикот „Победа – 100 години потоа“ што се наоѓа во селото Градешница, посветен на сите жртви од Првата светска војна. Споменикот е донација на уметникот и скулптор Златко Бојковски, роден во Градешница, и е еден од ретките споменици кој е посветен на сите жртви од Првата светска војна. До неодамна по фронтовата линија можеа да се сретнат само споменици посветени на различните војски кои од преку 30 различни земји се бореле на двете страни на фронтот. Цивилното население најчесто беше запоставено, а токму тоа во Мариово и најмногу страдало со смртност од 50 до 80 отсто од вкупното население, поради војната и последиците од неа.

Скулптурата е тешка околу два тона и е создадена од шрапнели, бомби, шлемови и други остатоци од Првата светска војна кои скулпторот Бојковски лично ги собирал по линијата на фронтот. Употребата на некогаш убиствените експлозивни средства за споменик на кој е претставен коњ со дигната нога ја симболизира победата на животот над смртта. Овој македонски споменик како еден од ретките во земјава е дополнителна туристичка атракција за посетителите на Мариово./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Да покажеме хуманост, да му помогнеме на Стефан- потребни се 280.000 евра за лекување во Германија

Хуманитарен апел за спас и закрепнување на 32-годишниот Стефан Петрушевски упати неговата сестра Габриела, која бара помош од граѓаните за да се соберат 280.000 евра потребни за негово лекување и рехабилитација во Германија.

Да покажеме хуманост, да му помогнеме на Стефан- потребни се 280.000 евра за лекување во Германија

Стефан веќе четири месеци се наоѓа на Клиниката за интензивно лекување и реанимација, по тешка повреда. Според апелот на неговата сестра, неговата состојба бележи подобрување и покрај првичните лоши прогнози, но за продолжување на лекувањето му е потребен специјализиран рехабилитациски третман во странство.

Како што наведува Габриела, во Македонија нема соодветни центри за рехабилитација на ваков тип повреди, а клиника во Германија побарала 280.000 евра за третманот. Семејството не е во можност самостојно да ја обезбеди потребната сума, додека Фондот за здравствено осигурување не ги покрива овие трошоци.

Стефан има само 32 години, сопруга и едногодишен син Алексеј, за кого семејството се надева дека повторно ќе го има својот татко дома.

„Ве молам да ми помогнете, кој колку е во можност, да ги обезбедиме средствата и заеднички да го испратиме Стефан на рехабилитација. Понизно ве молам да се сплотиме и на мојот Алексеј да му го вратиме татко му дома“, апелира неговата сестра Габриела Љубовска.

Таа информира дека се отворени сметки за донации во денари и евра, а во текот на следната недела се очекува да бидат објавени и телефонски линии за донирање, како и можности за уплата преку хуманитарни платформи.

Семејството повикува на солидарност и помош од сите граѓани, со надеж дека заеднички ќе успеат да ги соберат потребните средства за лекувањето на Стефан.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кинеското воено раководство одржа разговори со рускиот министер за одбрана во Пекинг

Џанг Шенгмин, потпретседател на Централната воена комисија на Кина, му изјави на рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов дека Пекинг се стреми кон соработка со Москва со цел зајакнување на стратешката комуникација и воената доверба.

Кинеското воено раководство одржа разговори со рускиот министер за одбрана во Пекинг

Средбата се одржа во Пекинг, а кинеското Министерство за одбрана издаде соопштение, како што пренесе Ројтерс.

Оваа средба го нагласува зајакнувањето на билатералните односи меѓу Кина и Русија во политичката, економската и безбедносната сфера – тренд што се забележува во последните години. Ова е, исто така, прва јавна средба на Џанг со некој странски министер откако минатата недела беше унапреден во Политбирото на владејачката Комунистичка партија.

Џанг и кинескиот претседател Си Џинпинг се единствените двајца преостанати членови на чело на воената команда, откако пет од седумте членови – кои беа назначени за време на реорганизацијата во 2022 година – беа отстранети како дел од кинеската антикорупциска кампања.

Стратешки цели за соработка

Според соопштението на Министерството, Џанг истакнал дека односите меѓу Кина и Русија влегле во „нова фаза на поголеми достигнувања и побрз развој“. Тој дополнително нагласил дека овие односи играат конструктивна улога во одржувањето на глобалната стратешка стабилност и подобрувањето на глобалното управување.

Џанг нагласи дека Пекинг е подготвен да истражи нови области на соработка со Москва, со цел подобро да се заштитат суверенитетот, безбедноста и развојните интереси на двете нации. Тој додаде дека целта вклучува и зачувување на меѓународниот и регионалниот мир и стабилност. Во септември, во Пекинг, Џанг се сретна и со министрите за одбрана на Виетнам и Индонезија. Овие средби се одржаа паралелно со регионалниот одбранбен форум што се одржуваше таму.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лени Кравиц се огласи по шпекулациите дека загинал во авионската несреќа во Флорида

Лени Кравиц се огласи откако на интернет почнаа да кружат приказни за неговата наводна смрт во Флорида.

Лени Кравиц се огласи по шпекулациите дека загинал во авионската несреќа во Флорида

Социјалните медиуми беа преплавени со вести дека легендарниот музичар Лени Кравиц наводно е меѓу жртвите на авионската несреќа што се случи во неделата во Флорида. Сепак, се покажа дека станува збор за неточна информација, што неговите претставници брзо ја негираа.

Падот на приватниот авион „Лирџет“ ги уби сите девет лица во авионот. По трагедијата се појавија тврдења дека познатиот рок-музичар бил меѓу патниците, што предизвика голема загриженост кај неговите обожаватели.

Публицистот на Кравиц реагираше на овие обвинувања и јасно стави до знаење дека пејачот не бил во авионот.

- Извештаите се невистинити и неточни - изјави неговиот портпарол за порталот „BocaNewsNow“ во неделата вечерта.

Гласината беше поттикната од објава на социјалната мрежа X, која сподели наводна снимка од екранот од порака од пилотката Емили Шелтон (21).

Содржината на контроверзната објава сугерираше дека таа ќе пилотира авион во кој ќе го носи Лени Кравиц, на патување од Остин, Тексас, до Бахамите. Објавата дури спомена и една од неговите познати песни.

- Многу ми е чест што утре летам со едниот и единствен Лени Кравиц, од аеродромот во Остин до аеродром на Бахамите. Со нетрпение очекувам да го угостам во авионот. Песната „It Ain't Over 'Til It's Over“ ќе се свири во пилотската кабина - рече таа во објавата.

Сепак, набрзо беше потврдено дека Емили Шелтон не го пилотирала авионот што се урна. Емили се огласи на TikTok за да спречи понатамошно ширење на дезинформации и да негира каква било поврзаност со несреќата.

„Неодамна дознав дека кружат гласини дека јас сум пилот на авионот што неодамна се урна во Палм Бич. Сакам со почит да разјаснам дека не бев јас. Ги молам луѓето да престанат да шпекулираат и да шират дезинформации за оваа трагедија и да покажат почит кон сите вклучени. Моите мисли се со сите оние што ги загубија своите животи, како и со нивните семејства и сите оние што беа погодени од оваа трагедија“, напиша таа на TikTok.

Што се случи?

Дополнително на конфузијата беше информацијата дека млада жена што работеше како пилот е меѓу загинатите. Според „Њујорк пост“, во авионот била 20-годишната Наталија Гаделха Филгеирас, која ја добила пилотската дозвола додека сè уште била во средно училиште. Таа била копилот.

Според АП, авионот се урнал во станбена област во округот Палм Бич во јужна Флорида, недалеку од прометен автопат. Авионот претходно изгубил висина и се урнал со голема брзина во станбена област.

Истрагата за околностите на несреќата ја води Националниот одбор за безбедност на сообраќајот (NTSB), со поддршка од Федералната администрација за воздухопловство (FAA).

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер