Јапонскиот месечев приземјувач „СЛИМ“ ги испрати првите снимки од Месечината

Јапонското вселенско летало „СЛИМ“ го направи клучниот чекор кон слетувањето на Месечината, коешто треба да биде прво во историјата на оваа далекуисточна земја. 

Роботизираниот месечев приземјувач влезе во Месечевата Орбита на 25 декември, како што и беше предвидено. Испратени се и првите снимки од нашиот природен сателит.

Леталото долго 2,7 метри, беше лансирано на 6 септември заедно со вселенскиот телескоп „Икс-РИСМ“. Додека вториов уред остана во Земјината Орбита, „СЛИМ“ ја напушти гравитацијата на нашата планета на 30 септември и се упати кон Месечината. Леталото се наоѓа во елипсовидна орбита каде што се потребни 6,4 часа за да ја заобиколи Месечината. Во најблиската точка е оддалечена 600 километри, а на најоддалечената точка 4.000 км., објави Јапонската вселенска агенција - ЈАКСА.

„СЛИМ“ ќе се обиде да слета на површината на Месечината на 19 јануари 2024 година, и доколку тоа успее, Јапонија би била петтата земја, по Русија (СССР), САД, Кина и Индија, која ќе изврши меко слетување со летало на површината на Месечината.

Ако се оди според планираното, јапонското летало треба да фрли две микросонди на површината на Месечината по слетувањето. Овие сонди ќе фотографираат и ќе му помогнат на тимот на мисијата да го следи статусот на леталото што ќе овозможи независен комуникациски систем за директна комуникација со Земјата. „СЛИМ“ не е првото јапонско вселенско летало коешто стигнало до Месечевата Орбита. Сондата „Хитен“ го направи тоа во 1990., а СЕЛЕНЕ во 2007 година.

Приземјувачот „Хакуто-Р“ на „Испејс“ беше во орбитата во март, се обиде да слета во април, но имаше проблем со неговите сензори, па таа мисија беше неуспешна.

Завршија „RoboMac“ и „RoboMac junior 2024“

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии заврши овогодинешното 12-то издание на RoboMac.

На натпреварот учествуваа студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ, Машинскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, распределени во 22 тимови. Студентите Ана Софрониевска и Емилија Чешмеџиевска победија во категоријата „Robotic Arm Challange“, натпревар каде секој тим градеше кула со претходно дефиниран код. Оценувањето се базираше на освоените поени од објектите од кои е изградена кулата, скалирани во однос на нејзината висина, така што тимот кој имаше највисока кула ги добива сите освоени поени, додека секој тим со пониска кула добиваше само одреден процент од поените.

Во наредниот натпревар, со наслов „Sense the color select the line“, составен модел на автономно возило следи исцртана црна патека со пет кружни текови. Пред секој кружен тек на одредено растојание од десната страна на правецот на движење на возилото беше поставен колор маркер (црвен или зелен). Ако возилото детектира црвен маркер, треба да се движи по десната патека од кружниот тек, а ако детектира зелен маркер – да се движи по левата патека. Возилото треба да застане откако ќе детектира пет црвени маркери. Возилото на тимот во состав Анамарија Илиева, Даниел Мојсоски, Ангел Затуроски стигна до целта за најкратко време со точно детектирање на бои и со застанување на возилото во зоната на маркерот.

Колички возеа по мапа со сива боја во натпреварот „Self-racing cars“, каде почетокот и крајот беа означени со црно-бела шаховска шара. Тука победи најбрзата и најпрецизната количка, која направи четири успешни кругови на тимот Лазар Ванчов, Ива Паризовска и Елеонора Петковска.

Во категорија Chatbot challenge учесниците имаа задача да реализираат систем за гласовна команда на мобилен робот Џет Бот на македонски јазик. Задачата е тешка од повеќе аспекти: тие требаа да направат модел за препознавање на македонски јазик од нула и да го научат да работи за различни гласови, во различни акустични средини и во услови на шум и бучава. Победници во оваа категорија се студентите Максим Пановски и Илина Лефкова.

Во категоријата „AI Football“ се одвиваше фудбалски натпревар меѓу тимови од по три играчи (агенти програмирани со вештачка интелигенција). Секој од четирите тимови играа по еден натпревар со останатите меѓусебно. Победници во категоријата се: Леонид Трајкоски и Благоја Николоски.

Паралално, на ФЕИТ се одржа и Робомак Јуниор за ученици од средните училишта од Македонија, во организација на ФЕИТ и студентскиот огранок на ИЕЕЕ. На овој натпревар учествуваа 54 учесници од четврта година од 26 средни училишта од Македонија. Учениците се натпреваруваат во две категории: Автономна мобилна роботика и Паметна електроника за автономни возила. Во двете категории беа доделени златни, сребрени и бронзени медали.

Робомак 2024 се одржа по 12-ти пат, со голем број учесници, кои во неколку дена им дадоа дополнителни знаења и вештини на студентите.

Расистички навреди кон Нико Вилијамс

Напаѓачот на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс, беше цел на расистички навреди од трибините на натпреварот против Атлетико Мадрид во 33. коло од шпанската Ла Лига.

Дваесетиедногодишниот Шпанец го постигна единствениот гол за баскискиот клуб кој ги загуби натпреварот со 3-1.

„Не е нормално да те навредуваат поради бојата на кожата. Знам дека насекаде има глупави луѓе, но ова треба да се промени. Играчите на Атлетико ме поддржаа и разбираат дека е неприфатливо да се пуштаат мајмунски звуци за време на натпревари“, изјави Вилијамс, цитиран од шпанските медиуми.

Вилијамс оваа сезона забележа 32 настапи во сите натпреварувања за Атлетик, постигнувајќи шест голови, а запиша и 14 асистенции.

На пролетен фестивал во Германија, повеќе од 800 луѓе се заразиле со стомачен грип

 Повеќе од 800 луѓе се заразиле со норовирус (стомачен грип) на пролетниот фестивал во Штутгарт, град во југозападна Германија, јави Би-Би-Си.

Не е познато како се шири вирусот, но бројот на заразени значително се зголеми во текот на неделата.

Претставниците на властите во Штутгарт веруваат дека изворот на инфекцијата не е храната и пијалоците кои се служат во фестивалскиот шатор, бидејќи анализираните примероци биле негативни.

Тестирани се и персоналот, како и садовите и водата што се користат за миење.

Градскиот здравствен институт смета дека вирусот се пренесувал од човек на човек, преку капки, иако не се знае кој го донел вирусот - посетител или вработен.

Посетителите набрзо се пожалиле на повраќање, дијареа и гадење.

Градските здравствени власти објавија дека до петок, 26 април, биле заразени 815 лица. Пролетниот фестивал на падините на реката Некар започна на 20 април и ќе трае 23 дена.

притисни ентер