Откако протекоа сликите од ископаната калдрма, голем дел скопјани реагираа на социјалните мрежи, изразувавајќи го револтот за нарушувањето на автентичноста на чаршиските сокаци.
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу појаснува дека јавноста била известена за проектот уште во декември дека ќе се реконструира улицата „Самарџиска“...
„Во текот на работниот процес целта не е да се направи замена на автентичноста на Старата скопска чаршија. Потребата од имплементација на овој проект е тоа што улиците беа уништени од атмосферските влијанија, движење на возилата за достава и слично“, вели Ганиу.
Региараа и дел од политичките партии. Од ДОМ велат дека се загрозува историско и културно наследство и повикаа на итна реакција од институциите...
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочија дека за време на полициски час се прават бизниси и се менува ликот на чаршијата на шверцерски начин.
„Кој копа во старата скопска чаршија? Кој уништува споменик на култура и кој прави бизнис од сето ова? Додека народот седи затворен дома на шверцерски начин менуваат калдрма. На сето ова Петре Шилегов треба да даде прецизен одговор“, вели Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.
Од кабинетот на градоначалникот Шилегов велат дека немаат допирна точка со проектот за реконструкција, додавајќи дека истиот и припаѓа на Општина Чаир и министерството за економија, а тој е финансиран од страна на Светска Банка.
„Град Скопје нема никаква врска со проектот, за реализација на истиот ние немаме издадено никаква дозвола(не е во наша ингеренција), а со тоа и немаме увид и надлежност да го мониторираме, бидејќи е во надлежност на општинските градежни инспекции“,велат од Град Скопје.
Проектот опфаќа и реконструкција на излозите на 75 дуќани, Со поставување натписи, тенди, кои ќе бидат унифицирани, што според Ганиу и претходно било направено со првиот проект пред десетина години.