Израелски амбасадор во Белград: Нема оправдување за терористички чин, безбедни сме во Србија

Вилан денеска изјави дека нема оправдување за терористичкиот акт што се случи вчера во Белград.

Амбасадорот на Израел во Србија Јахел Вилан денеска изјави дека нема оправдување за терористичкиот акт што се случи вчера во Белград, како и за какви било други напади, врз кое било население во кое било време и каде било во светот, јави дописникот на МИА од Белград.

По посетата на Ургентниот центар, заедно со потпретседателот на Владата на Србија и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, на повредениот припадник на жандармеријата Милош Јевремовиќ кој вчера беше застрелан во вратот пред Амбасадата на Израел во Белград, Вилан рече дека многу добро знае и разбира какви закани доаѓаат од тероризмот.

Тој истакна дека за него е исклучително важно да го посети повредениот жандарм и да изрази искрена благодарност во негово име, неговото семејство, вработените во амбасадата, како и Владата на Израел и народот на Израел, бидејќи како што додаде, сите тие многу добро знаат што значи тероризам.

Тој им се заблагодари на Владата на Србија, Министерството за внатрешни работи и полицијата што го обезбедуваат животот на сите граѓани и овозможуваат да се чувствуваат безбедно и сигурно 24 часа на ден, седум дена во неделата.

-Јас барем така се чувствувам четирите години колку што сум овде во секое време од денот или ноќта, нагласи Вилан и додаде дека и тоа ја потврдува храброста на жандарот Милош Јевремовиќ.

Тој ги покани сите Израелци да дојдат и да продолжат да ја посетуваат Србија, бидејќи, како што истакна, според него, Србија денес е најбезбедна земја.

Вчера шефот на израелската дипломатија Израел Кац се заблагодари на Владата на Србија за брзата реакција на „обидот за терористички акт“ врз израелската амбасада во Белград.

-Сакам да се заблагодарам на Владата на Србија и на оние кои беа вклучени во брзата реакција, за поддршката и соработката во врска со обидот за терористички напад врз израелската амбасада во Белград, при кој беше повреден српски жандар од терорист. На повредениот жандар му посакувам брзо закрепнување. Тероризмот не може да се толерира, напиша Кац на социјалната мрежа Х. /МИА

Римац објави видео: Вака го развивме роботакси

„Сакавме да навлеземе во малку повеќе детали и да покажеме како стигнавме до таму каде што сме денес.“

Минатата недела Мате Римац го претстави робот-таксито „Verne“. Но, не помина сè без проблеми.

Роботаксито, всушност, не одговори на командата и остана неподвижно. За време на презентацијата, Римац двапати се обиде преку апликацијата да го повика возилото на сцената, но автомобилот не дојде.

Така беше претставено робот-таксито во кампусот Римац, каде ја видовме само внатрешната кабина и ништо повеќе, пишува Индекс.

Тоа, секако, веднаш предизвика бројни критики во јавниот простор. За потсетување, Римац добил 180 милиони евра од даночните обврзници на ЕУ.

Мате Римац денеска објави ново видео во кое, како што вели, подетално го открива роботот такси, кој како што дознавме минатата недела се вика „Verne“. Ова е името на поранешната компанија „P3M“ која го развива овој систем.

Сакавме да навлеземе малку подетално и да покажеме како стигнавме до каде што сме денес“, вели Римац на почетокот на разговорот.

„Развивањето на конвенционален автомобил е ужасно долг и сложен процес, што многу луѓе не можат да го направат“, вели тој.

„Кога развивате конвенционален автомобил, обично земате одредена конкуренција, некои претходници или производители кои веќе имаат некои модели и почнувате од таму. Сакавме да направиме нешто сосема друго: автомобил развиен од нула за да ги искористи сите предности на автономното возење“, изјави Римац.

„Сакавме тој автомобил да биде најбезбедно, најпространо, најудобно, најдобро искуство за личноста во возилото“, вели Римац.

Потоа го покажа моделот за 2019 година со кој, како што вели, почнале да се развиваат.

„Тогаш веќе имавме двосед. Зошто двосед? Бидејќи податоците покажуваат дека 90 проценти од возењата со такси или „Uber“ ги прават едно или две лица во автомобилот. Сакавме да го обезбедиме најдоброто искуство за две лица, главно простор“, рече тој.

Тој покажа и други модели.

„Во 2021 година имавме сензори на покривот. Во 2022 година го редефиниравме тој дизајн. Но, не само дизајнот, туку и техничките карактеристики, барањата во случај на судири и така натаму...“, рече тој.

„Ние развиваме сопствен автомобил и други елементи на системот. Но, еден дел што решивме да не го развиваме е автономното возење. Работевме со најдобрите компании во светот, на крајот се одлучивме за Mobileye“, вели тој.

„Како што се развива автомобилот, различни елементи на автомобилот се тестираат и развиваат одделно“, рече Римац.

Тој потоа покажа модели кои извршуваат различни работи во текот на процесот.

Извор: Б92

МВР: Лажни се поканите за тековна истрага од страна на сторители во името на МВР и ЕВРОПОЛ

Министерството за внатрешни работи информира дека до неколку граѓани и правни лица, од страна на сторители кои лажно се претставуваат во име на МВР и ЕВРОПОЛ, се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.

Од МВР апелираат до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами, а Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе презема соодветни мерки и активности за законско санкционирање на сторителите.

- Секторот за компјутерски криминал апелира граѓаните и правните субјекти да не отвараат прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност, се наведува во соопштението од МВР.

Четиринаесет загинати при уривање на трикатна зграда во Египет

 Четиринаесет лица загинаа при уривање на трикатна зграда во јужниот египетски град Асиут, изјави денеска гувернерот на градот Есам Саад.

Телата се извлечени од под урнатините за време на операциите за пребарување и спасување по уривањето на зградата.

„Шест лица се спасени и префрлени во болница“, рече Саад.

Лошото одржување на старите згради и прекршувањето на градежните прописи често се причина за уривање на станбени згради во Египет.

притисни ентер