Градинките ќе продолжат со работа

Дневните КОВИД билтени се уште не ги предомислуваат властите повторно да стават клуч на градинките.

Ресорната министерка Јагода Шахпаска уверува дека состојбата е генерално стабилна, дополнителни мерки ќе има само со амин од епидемиолозите.

Како што таа посочи, од отворањето на градинките на 9 септември досега заболеле 26 дечиња и 83 негуватели, хигиеничари и други вработени. Само минатата недела 9 деца и 40 возрасни добиле позитивен КОВИД тест. Во изолација завршиле безмалку 500 деца.

„Сите вработени и дечињата кои што биле позитивни се во добра здравствена состојба. Во изминатиов период имавме само една хоспитализација на дете и на еден воспитувач кој што имаше и други дополнителни хронични болести, поради тоа беше ставен во болнички услови. Меѓутоа, генерално сега за сега состојбата со децата во градинките е добра и ние правиме увид и проценки како понатаму ќе се однесуваме.“ вели Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.

Секое второ запишано дете не оди во градинка. Шахпаска потенцира дека градинките ширум земјава имаат место за згрижување 20.718 дечиња, но половина од местата се празни.

„Од таа бројка, 10.700 деца посетуваат градинка, што значи дека капацитетите согласно протоколот не се исполнети. Родителите ги запишале дечињата меѓутоа не ги носат во градинка.“ истакна Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.

Последниот случај на заболен од корона во градинките е забележан пред само два дена. Тригодишно дете од Неготино позитивно на КОВИД-19 стави во изолација две негувателки и тринаесет деца.

Ковид Центарот на Клиничка Болница во Битола доби најсовремена опрема од Ротари Клубот

Донирани се пет хемодинамиски монитори за возрасни, деца и новородени, два бронхоаспиратори со вакум и четири протокомери за кислород во вредност од 2.144 390.00. 

Ротари Клуб Битола Широк Сокак, предаде во употреба најсофистицирана опрема во Ковид Центарот на Клиничка Болница Битола, а ова е најголемата донација во своето 12-годишно постоење, а воедно и една од најголемите донации на опрема во Ковид Центрите во земјава.

Донирани се пет хемодинамиски монитори за возрасни, деца и новородени, два бронхоаспиратори со вакум и четири протокомери за кислород во вредност од 2.144 390.00. Со оваа опрема пациентите згрижени во Ковид Центарот во Битола ќе добијат можност нивната состојба да се следи со помош на врвна медицинска апаратура на реномираниот производител Дрегер Германија .

Средствата се обезбедени од лични донации на членови на клубот кои се мечирани во Ротари Интеранационал , донации од партнерски Ротари клубови Логатец, и Љубљана 25 од Словенија, Галезбург Санрајз САД , Ротари Дистрикт 1912 , Ротари Дистрикт 2483 Р. Србија како и средства на граѓаните на Битола кои беа донирани за време на минатогодишниот Втор Битолски Новогодишен базар.

Инспирирани и поттикнати од оваа голема донација на Ротари Клубот Битола Широк Сокак , добавувачот Винора одлучи кон оваа донација да се приклучи и да ја надгради со донирање на опрема која е од витално значење во справување со пандемијата со Ковид 19 и тоа два апиратори на струја, два протокомери за кислород со овлажнувач, ларингоскопски сет, 20 маски за висока концентрација на кислород.

Еден од клучните елементи што оваа донација ја прави уште по значајна е фактот што се работи за апаратура која после завршување на пандемијата ќе биде ставена во функција во операционите сали на Клиничка Болница Битола.

Бурла: До крајот на 2021 год. ќе има повеќе вакцини против коронавирус отколку што се потребни

Извршниот директор на компанијата „Фајзер“ Алберт Бурла изјави дека е убеден дека до крајот на 2021 година ќе има повеќе дози на вакцини против коронавирус отколку што се потребни за борбата против пандемијата.

Правиме се што можеме да ги зголемиме производните капацитети, но проблемот е што мораме да ги зголемиме во наредните неколку месеци, вели Бурла на онлајн конференција.

Тој предупреди владите се уште да не ги олеснуваат мерките.

– Важно е да ја користиме вакцината како едно средство, рекол тој и додал дека несомнено е дека таа ќе биде најефикасна, со најдолг траен ефект.

– Времето кога ќе може да се вратиме во нормала не е далеку, но дефинитивно не е сега, навел тој.

Фајзер минатиот месец објави дека нивната вакцина е ефикасна околу 95 отсто. Велика Британија е првата држава на светот која ја одобри употребата на вакцина против коронавирус на Фајзер и Бионтек.

Канабисот отстранет од списокот на најопасни дроги на Обединетите нации

Комисијата на Обединетите нации за наркотици го отстрани канабисот од списокот на најопасни дроги, на кој се наоѓаат и хероинот и синтетичките опијати.

Одлуката ја поддржаа 27 земји, 25 беа против, а една беше воздржана.

Канабисот е опфатен со Единствената конвенција за опојни дроги во 1961 година. Тој беше вклучен во категорија што дозволува национални забрани за дроги со „особено опасни својства“.

Потегот на Комисијата на ОН за наркотици, чие седиште е во Виена, е преземен врз основа на препорака на Светската здравствена организација (СЗО).

Сепак, Комисијата не го легализира канабисот. Тој сè уште е наведен меѓу дрогите кои предизвикуваат „голема зависност и злоупотреба“.

Тоа значи дека производството и трговијата со канабис сè уште е ограничено на употреба во научни и медицински цели според меѓународното право.

притисни ентер