Финска е една од бројните земји на ЕУ што се соочува со одлуката дали да ги прими назад граѓаните кои пристапиле во Исламска држава и сега се задржани во логорите во северо-источна Сирија, кои ги контролираат Курдите, пренесува Ројтерс .
Повеќе од 30 деца кои биле родени од 11 жени од Финска се моментално во Ал-Хол, а одлуката за нивната судбина ќе треба да ја донесе новата финска влада, составена од пет партии, која ја презеде власта минатата недела.
Партијата на Центарот, дел од коалицијата предводена од социјалдемократите на Сана Марин, се спротивставува на дозволата за враќање на сопругите на борците на Исламска држава, но ја поддржува идејата за враќање на нивните деца. Партијата на Центарот е загрижена за зголемената јавна поддршка за опозициските националисти, кои веруваат дека репатријацијата на поранешните членови на Исламска држава претставува закана за националната безбедност.
Во обид да се реши потенцијален конфликт во коалицијата, Марин изјави дека владата донела одлука секој случај да се разгледува одделно.
„Овој потег на владата е да ги заштити интересите на децата во сите околности“, изјави Марин, оставајќи ја отворена можноста да дозволи некои мајки да се вратат со своите деца.
Но, сè уште не е веројатно дека децата ќе се вратат без своите мајки, бидејќи сириските курдски сили, кои ја контролираат територијата на која се наоѓа логорот Ал-Хол, се спротивставуваат на одвојувањето на децата од нивните мајки.
Во меѓувреме, владата на Сана Марин очекува за оваа тема денеска да расправа парламентот.