Против поранешниот министер за култура од редовите на Алтернатива Хусни Исмаили е поднесена иницијатива за поведување на постапка за кривично гонење поради постоење на сомнеж за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, информираа денеска од Антикорупциска. Според нив, во периодот кога Исмаили бил министер, од 27 јуни 2019 до 30 август 2020та постапувал спротивно на Законот за буџети со тоа што потпишал околу 100 договори и анекси во постизборен период, со што создал обврски на буџетот на ресорното министерство од над 33 милиони денари, или околу 500.000 евра.
-Со член 4 од Законот за извршување на буџетот за 2020 се наведува дека буџетските корисници и единки не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над лимитот над одобрените средства од Буџетот. Врз основа на ова прекршување, ние ја подготвивме иницијативата и веќе е доставена до ОЈО за понатамошно постапување.-Владимир Георгиев – ДКСК.
Дополнително според наводите на ДКСК, во февруари 2020та, од министерството биле донесени решенија за одобрувања за средства за финансирање на три програми од околу 3 милиони и 100 илјади евра за 684 предмети иако институцијата имала само 2,2 милиони евра за финансирање на овие програми.
Исмаили како демант, уште вчера на социјалните мрежи објави фотографија од документ за неосудуваност добиен од тетовскиот суд, а денеска и од Алтернатива ги негираат обвинувањата од ДКСК а како доказ го користат иститот докуимент, кој покажува дека во овој момент нема покренато обвинителен предлог, ниту пак е донесена осудителна пресуда против него.
Со влезот на Алтернатива во Владата, Исмаили, кој во моментот ја извршува функцијата пратеник во законодавниот дом, од страна на централното претседателство на партијата беше предложен за нов потпретседател на Собранието.