Давидовски освои нови бодови во ТЦР Европа

Македонскиот возач Виктор Давидовски на вториот гран при викенд од европското ТЦР првенство се одржа на улиците во По, Франција, во првата трка стигна до четвртото место.

- Променливите временски услови овозможија да има изненадувања, бидејќи некои возачи кои ризикуваа да одат со „сет-ап“ за суво или влажно. И покрај тоа, мислам дека имавме добро подготвен автомобил, но морав да ги следам и инструкциите од тимот и да не преземам голем ризик. Конкретно, во првата трка иако бев петти, добив инструкција од тимот дека еден од возачите пред мене ќе добие казна поради предвремен старт, па дека не е пожелно да напаѓам за да престигнам во такви околности. Стратегијата беше да ја чекаме својата шанса во втората трка, кога распоредот на стартот беше во наша корист, изјави Давидовски.

Согласно пропозициите Македонецот стартуваше како четврти на втората трка во По, при што уште на стартот го помина Жулиен Нугаре, а потоа и тимскиот колега Џон Филипи, по што постигна најбрз круг и се најде веднаш зад лидерот Том Коронел.

- Во неделата имав чувство дека имам одличен автомобил. Лесно успеав да го престигнам Филипи за да се позиционирам зад лидерот Коронел. За жал, имав дефект на гумата откако избив на второто место и тоа веднаш се почувствува, поради што морав во бокс иако имав прекрасен ритам. Времињата по круг покажуваат дека сум возел речиси половина секунда побрзо од ривалите, што прави да ми биде потешко, бидејќи имав добра шанса за трофеј. Сега ќе се фоксусирам на трката во Спа и ќе се подготвувам за да бидам конкурентен на оваа патека. Сакам да се заблагодарам на тимот Comtoyou што ми даде неверојатен автомобил кој беше вистинско задоволство да го возиш на улиците во По.

Том Коронел останува лидер во генералниот пласман со 141 бод, пред Џон Филипи со 128. Давидовски со овие два пласмани се искачи на петтото место со 83 бода.

Следната трка ќе се вози на легендарната патека Спа Франкоршамп во Белгија.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер