Бектеши: Во делот на домаќинствата не очекуваме големи ценовни шокови

Министерот за економија Крешник Бектеши не очекува да има големо зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата по 1 јануари идната година.

Тој вели дека ќе направат се што им е на располагање за да остане сегашната производна цена на АД ЕСМ кое ги задоволува потребите на регулираниот пазар.

За домаќинствата, како што кажа, во Законот за енергетика е предвидена постепена либерализација и потенцира дека ќе се направат дополнителни калкулации од страна на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и сите енергетски институции и компании кои се во сопственост на државата за да се види колкава ќе биде цената на струјата по 1 јануари идната година. Ситуацијата будно се следи и во делот на домаќинствата не очекуваме да има големи ценовни шокови.

-Моменталната производна цена на електричната енергија на АД ЕСМ е 36 евра за мегават и ќе направиме напори тоа да остане така. Веќе се преземаат соодветни мерки од страна на раководството на ЕСМ да се зголеми производството во РЕК Битола и во ТЕЦ Осломеј и убеден сум дека до крајот на годината речиси ќе се дуплираат капацитетите на ЕСМ во делот на производството од страна на термоелектраните, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на завршниот настан на Проектот на УСАИД за развој на регионални пазари на енергија и дискусија на тема „Идните предизвици во развојот на енергетскиот сектор во Република Македонија".

Во делот на увозот на јаглен за потребите на двете термоцентрали, посочи, дека треба да се почитуваат сите процедури.

-ЕСМ има внатрешни и законски процедури кои треба да ги спроведе за набавка на јаглен од странство. Убеден сум дека тендерот ќе биде успешен зашто веќе имаме искуство со ТЕЦ Осломеј за каде се набавува јаглен од Косово, истакна Бектеши.

На прашањето дали треба да се вклучи ТЕЦ Неготино за да се избегнат евентуални ценовни шокови, претседателот на РКЕ Марко Бислимоски рече дека во моментов се прават сите анализи, бидејќи производната цена на ТЕЦ Неготино за струја е врзана со цената на мазутот.

-За жал сега имаме повторно тренд на пораст на цената на нафтата на светските берзи што е процес на кој ние не можеме да влијаеме. Доколку постои економска исплатливост и доколку и понатаму продолжат да растат цените на електричната енергија апсолутно ќе се примени и сценариото за вклучување на термоелектраната доколку цената за производство на ТЕЦ Неготино е пониска од таа што е на пазарот, рече Бислимоски.

Повика да престанат шпекулациите дека цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми за 50 проценти по 1 јануари.

-Би замолил да се воздржиме од шпекулации без никакви анализи. Нема потреба сега да се крева паника, се што и стои на располагање на РКЕ, на ЕСМ, на МЕПСО и на Владата ќе биде преземено, посочи Бислимоски и додаде дека кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што вчера ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија.

Состојбата, потенцира, е сериозна имаме проблем со хидрологијата, во одреден дел и со термоелектраните, но се се решава и на никој не му е ни на крај на памет да не преземе мерки кои стојат на располагање.

-Најодговорно тврдам дека цената на електричната енергија нема да се зголеми за 50 проценти, а никој во моментов не знае колку ќе се зголеми. Оперативните трошоци, амортизација и поврат на капитал се работи кои веќе се определени на Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија и на МЕПСО за пренос. Тоа не може да се смени. Може да има притисок врз трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите. МЕПСО и Електродистрибуција треба да распишат тендери и ќе видиме кои цени ќе се понудат. Ако цените се превисоки на располагање ни е концептот преку ЕСМ за набавкана јаглен или доколку има потреба да се вклучи ТЕЦ Неготино, прецизира Бислимоски. /МИА

Најстудено во Лазарополе, најтопло во Дојран

Најстудено утрово е во Лазарополе -2 степена, -1 степен е измерен на Попова Шапка, еден во Маврови Анови, Битола, Крушево и Тетово.

Најстудено утрово е во Лазарополе -2 степена, -1 степен е измерен на Попова Шапка, еден во Маврови Анови, Битола, Крушево и Тетово, два во Крива Паланка, Прилеп, Охрид и Претор, три во Берово, четири во Струмица, Виница, Штип, Скопје-Петровец и Скопје-Зајчев Рид, пет во Велес и Демир Капија, шест во Кавадарци и Гевгелија, а 10 степени во Дојран.

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнало на Попова Шапка со седум литри на квадратен метар, пет во Тетово, четири во Пожаране, Крива Паланка и Крушево, три во Охрид, два во Прилеп, Виница, Маврови Анови и Претор и еден литар на квадратен метар во Лазарополе, Демир Капија, Берово, Штип, Кавадарци, Гевгелија, Велес, Битола, Ѓуриште.

Во текот на ноќта и изутринава времето е претежно ведро со мала до умерена локална облачност.

Утрово во крајните западни и источни делови има појава на умерена облачност, а наместа долж речните долини има појава на магла. Дуваше слаб до умерен ветер претежно од северен правец.

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 16 до 23 степени. Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец.

Ким Џонг-ун надгледуваше пробно истрелување ракети и изрази задоволство од прецизноста

Ким Џонг-ун надгледуваше пробно истрелување ракети и изрази задоволство од прецизноста и досегот.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вчера го надгледуваше пробното истрелувањето ракети од 240 милиметри од повеќецевни лансири, произведени од новоформираната фабрика на воената индустрија, објави денеска агенцијата КЦНА.

Севернокорејската агенција не даде повеќе детали за фабриката. Се верува дека Северна Кореја го зголемува производството на артилерија, а САД и Јужна Кореја ја обвинуваат дека ја снабдува Русија со оружје.

Пробното истрелување покажа дека ракетите ги исполнуваат потребните стандарди за точност и досег, соопшти КЦНА.

Ким изјави, пренесе КЦНА, дека повеќецевниот ракетен систем, што вклучува нова технологија, „ќе донесе стратешка промена во зајакнувањето на артилериските способности на војската“.

Одреден притвор за украинскиот министер за земјоделство Микола Солски

Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште .

Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште во вредност од околу седум милиони долари.

Судијата му одреди кауција на Солски во износ од 1,9 милиони долари, пренесува Ројтерс.

Солски ги негира наводите, кои се однесуваат на набавки од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година.

Солски поднесе оставка во четвртокот, но технички останува на функцијата додека парламентот не го разгледа неговото барање за оставка.

Тој е првиот украински министер осомничен за корупција откако украинскиот претседател Володимир Зеленски беше на власт.

Националното биро за борба против корупцијата соопшти дека обвинението се однесува на шема за стекнување сопственост на државно земјиште во вредност од 7,35 милиони американски долари.

Како што е наведено, земјиштето наводно незаконски им било одземено на две државни фирми и им било предадено на бранителите под услов да го дадат под закуп на одредени приватни фирми.

Солски и неговиот адвокат на сослушувањето во четвртокот рекоа дека тој нема корист од таквата шема.

Солски по ова обвинение може да се соочи со затворска казна до 12 години.

притисни ентер